Планинска детелина или ридска детелина (латински:Trifolium montanum) — растителен вид од родот детелина.
Опис Планинската детелина е повеќегодишно тревесто растение високо 20–60 см, со неколку стебленца кои израснуваат од основата. Стебленцата се исправени или приподигнати, најчесто неразгранети и по површината густо покриени со прилегнати или речиси прилегнати свиленкасти влакна, особено во долниот дел. Листовите на стеблото се релативно ретки, обично по 2–3 (до 4) во јазол. Базалните листови имаат дршки долги до 20 см, густо покриени со прилегнати свиленкасти влакна, додека горните листови имаат покуси дршки од листната плочка, а најгорните листови се речиси приседнати.
Лисните плочки се елиптично-копјести, долги 50–90 мм и широки 8–12 мм, со заоблен или благо заострен врв и клиновидна основа. Работ е ситно назабен, а страничните спроводни жилки завршуваат со кукесто свиткани трњеобразни врвови. Горната страна на листовите е гола, а долната свиленкасто-влакнеста или речиси гола и со јасно испакнати жилки. Прилисниците се ципести, влакнести и копјести, со долг постепено заострен врв кој завршува речиси како шилец.
Соцветијата се јајцевидни, долги 10–15 мм и носени на долги дршки. Цветовите се бели до бледожолтеникави и се групирани во јајцевидни главички. Дршките на соцветијата се долги 5–6 см. Цветните дршки се долги 8–10 мм, а прицветните ливчиња околу 0,5–1 мм.
Чашката е ѕвонеста, долга 3–4 мм и ретко влакнеста. Нејзиниот трубест дел е долг 1,5–2 мм и има десет жили, при што жилките продолжуваат и во запците. Запците се тесно триаголни, заострени на врвот и обично малку покуси од трубестиот дел. Венчето е бело или бледорозово и долго 8–10 мм. Барјачето е благо лачно свиено нагоре и долго околу 4 мм, приближно двојно пократко од крилцата. По прецветувањето цветовите се свиткуваат надолу. Плодот е мала мешунка која обично содржи едно семе.
Распространетост во Македонија Планинската детелина најчесто расте покрај шумски патишта и тревести станишта во планинските подрачја на надморска височина од 1000 до 1200 метри. Овој вид се среќава на Шар Планина во подрачјата помеѓу Тетово и Попова Шапка, во околината на Пехчево и на Кожуф на Висока Чука.
Распространетост низ Азија и Европа Планинската детелина е честа појава во Азија - Турција, Казахстан, азискиот дел на Русија (Алтај, регионот Чељабинск, регионот Новосибирск, регионот Курган, регионот Омск, регионот Свердловск, регионот Томск, регионот Тјумен); На Кавказ - во Азербејџан, Ерменија, Грузија, во рускиот Северен Кавказ (Кабардино-Балкарија, Карачај-Черкесија, Краснодарска територија, Северна Осетија, Територија Ставропол); во Европа - Финска, Норвешка, Шведска, Австрија, Белгија, Чешка, Германија, Унгарија, Полска, Швајцарија, Белорусија, Естонија, Латвија, Литванија, Молдавија, Украина, европскиот дел на Русија, Бугарија, Италија, Романија, земји од поранешна Југославија, Франција, Шпанија.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Статии со микроформати за вид Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија Категорија:Приземни растенија Категорија:Фуражни култури Категорија:Растенија опишани во 1753 година