Персиска детелина () — едногодишен вид на детелина опишана од Карл Линеј која се користи како сточна храна и сено.

Потекнува од централна и јужна Европа, Медитеранот и југозападна Азија, сè до Пенџаб на југ. Тоа е важна култура за сено во студените региони на Иран, Авганистан и други азиски области со студени зими. Растението исто така повремено се среќава во Шведска, но не се размножува таму.Dyntaxa Trifolium resupinatum

Опис Растението е едногодишно, без влакна, високо 10–30 см и разгрането уште од основата и по целата должина. Стебленцата се исправени, приподигнати или полегнати, но не се вкоренуваат во јазлите. Долните листови имаат многу долги дршки, кои се речиси двапати подолги од листната плочка, додека кај горните листови дршките постепено се скратуваат, а најгорните се покуси од листната плочка. Листовите се обратнојајцевидни, најшироки во горната половина, долги 7–20 мм, со заоблен или благо заострен врв, клиновидна основа и ситно назабен раб со шилести запчиња. Прилисниците се јајцевидно-копјести, а нивниот слободен дел е долг и тенок, со постепено заострен врв и двојно подолг од сраснатиот дел со лисната дршка.

Соцветијата се топчести, со пречник од 7–12 мм, поединечни и се развиваат во пазувите на листовите. Дршката на соцветието е најчесто исправена и најмалку двапати подолга од соодветниот пазувен лист. Прицветниците се многу мали, долги 0,1–0,3 мм, а најгорните се сраснати во прстенеста обвивка со неправилно назабен врв.

Цветовите се свиткани за 180° околу својата оска, така што барјачето се наоѓа на долната страна. Чашката е ѕвонеста, долга 5–10 мм, гола или со ретки прилегнати влакна. Нејзиниот трубест дел е тап или малку покус од триаголесто-копјестите заострени запци, а двата горни запци се подолги од долните. Венчето е розово, поретко пурпурноцрвено. Барјачето е долго 6–8 мм, долгнавесто, со всечен врв, крилцата се долги околу 5 мм и странично се раширени, а лаѓичката е околу 0,5 мм покуса од крилцата. Плодот е округла до јајцевидна, кожеста мешунка, која обично содржи едно семе.

Распространетост во Македонија Персиската детелина е широко распространето растение и расте по ливадите и влажните места во низините до 1200 метри надморска височина.

Подвидови

Trifolium resupinatum var. majus Boss (синоним. T. suaveolens Willd.) Trifolium resupinatum var. resupinatum Gib & Belli. Trifolium resupinatum var. microcephalum Zoh.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Статии со микроформати за вид Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија Категорија:Приземни растенија Категорија:Фуражни култури Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Европа