„1000 години Сведок на Светлината“ ― македонски документарен филм од 2022 година во режија на Илија Ико Каров. Филмот е посветен на Бигорскиот манастир и монашкиот живот во него одржан 1000 години од неговото постоење. Прикажани во документарниот филм се монасите и другите членови на светата обител на манастирот кои живеат и ја вршат својата богослужба, како и неколку сведоци за чудата кои им се случиле благодарение на Бог. Главен глумец е Благој Веселинов.

Продукцијата на филмот траела околу 3-4 години. Филмот бил издаден на 15 април 2022 и набргу добил добри критики од публиката, како и од новинарите.

Заднина мини|Поглед на Бигорскиот манстир.

Бигорскиот манастир е еден од најпознатите македонски манастири кој се наоѓа во западниот дел на државата, помеѓу градовите Гостивар и Дебар, во непосредна близина на селата Ростуше и Битуше. Тој бил основан во 1020 година и ѝ припаѓа на Македонската православна црква - Охридска архиепископија. Во 2020 година, манастирот одбелеѓал 1000 години од неговото постоење. Продукцијата на документарен филм посветен на приказната зад манастирот како и за животот на светата обител која ја врши својата богослужба во него започнала околу 2018 година од страна на режисерот Илија Ико Каров. Филмот е прослава на 1000 години од постоењето на манастирот, а како таков го добил и благословот од страна на владиката Партениј Антаниски. Режисерот на филмот го опишал како филм кој „говори за љубовта, постоењето, заборавените вредности, духовната преобразба и е морално патување нагоре кон вечноста.“ Говорејќи за идејата позади концепцијата на филмот, режисерот го изјавил следново: „На секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, којшто сведочи за една друга убавина, не од овој свет. Тоа е токму оној петтиот елемент кој им дава потекло на сите оние познати четири елементи, тоа е онаа убавина којашто многу просветлени и филозофско освестени луѓе ја сместиле во центарот, како есенција на мудроста. И овој филм е токму за таа убавина што веќе еднаш го спаси светот.“

Издавање и промоција

Домашна премиера Првиот трејлер и најавата на документарниот филм 1000 години Сведок на Светлината беа објавени на официјалниот Јутјуб канал на Бигорскиот манастир на 8 септември 2020 година. Првите детали и најави за филмот беа објавени и на официјалната веб-страница на манастирот на 15 април 2022 година.

Премиерата на филмот се одржа на 15 април 2022 година, најнапред во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје, во присуство на бројни гости од политичкиот, црковниот, културниот и општествениот живот. Настанот паралелно беше проследен и преку директен пренос на националната телевизија МРТВ, на официјалниот Јутјуб канал на манастирот, како и преку социјалните мрежи на манастирот и на филмот.

На премиерата присуствуваа Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, претседателот на државата Стево Пендаровски, првата дама Елизабета Ѓеоргиевска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за правда Никола Тупанчевски, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, како и други високи претставници од јавниот живот, академици, професори, уметници и културни работници.

Филмот беше прикажан и на 24 август 2022 година во Битола, во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“, пред Офицерскиот дом.

По премиерата, филмот доби позитивни коментари од јавноста и од бројни видни личности. Претседателот Пендаровски го оцени делото како значаен придонес за афирмацијата на македонското духовно и културно наследство. Министерот Спасовски ја нагласи аскетската традиција на манастирот како централна тема на филмот, додека градоначалничката Арсовска ја истакна таинствената убавина на Бигорскиот манастир прикажана во филмот. Протагонистот Благој Веселинов и рецензентот Влатко Деловски, како и професорката Светле Камџијаш, споделија свои позитивни впечатоци за уметничката и духовната вредност на делото.

Голема благодарност беше упатена до колективот на Македонскиот народен театар за техничката и логистичката поддршка при премиерата, како и до старецот и игумен на манастирот, епископот Антаниски г. Партениј, кој беше духовна и инспиративна сила зад проектот.

Меѓународна проекција во Рим мини|Покана за премиерата на филмот „1000 години – Сведок на Светлината“ во Рим, 14 февруари 2023 На 14 февруари 2023 година, филмот беше прикажан и во Рим, во свечениот амбиент на Понтификалниот институт за ориентални студии, при Светата Столица. Проекцијата се одржа по иницијатива на амбасадорката на Република Северна Македонија во Ватикан, Марија Ефремова, и под покровителство на директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски. Настанот беше организиран со цел да се претстави македонското духовно и културно наследство пред дипломатскиот кор во Ватикан и пред преставници на повеќе држави, меѓу кои и амбасадори и високи дипломати.

Проекцијата беше придружена со пригодни обраќања од неколку истакнати личности: амбасадорката Марија Ефремова, ректорот на Понтификалниот институт, отец Давид Назар, директорот на Комисијата Даријан Сотировски, јеромонахот Кирил од Бигорскиот манастир, како и режисерот на филмот, Илија Ико Каров. Секој од нив, на свој начин, ја нагласи духовната тежина на манастирот Свети Јован Бигорски и неговата милениумска улога како сведоштво на светлината Христова низ вековите.

Особено силен впечаток остави говорот на јеромонах Кирил, кој настанот го смести во контекстот на историјата на Вечниот Град – Рим, како цивилизациска лулка на Западот, и со тоа направи паралела со духовниот континуитет што го сведочи Бигорскиот манастир. Режисерот Илија Ико Каров, пак, на поетски начин ја истакна симболиката на светлината која патува од Исток кон Запад, поврзувајќи го филмот и со мисијата на светите Кирил и Методиј, како и со духовната мисија на Македонија.

Присутните гости, вчудоневидени од естетиката и содржината на филмот, со искрен и долготраен аплауз му оддадоа признание на режисерот Каров, првиот асистент и монтажер Бранко Блажевски, како и на целата продукциска екипа која цели пет години работеше на реализацијата на ова дело. Проекцијата во Рим претставуваше значаен меѓународен момент за афирмација на македонското православно и културно наследство на високо академско и дипломатско ниво.

Признанија и награди

Номинации на Byzanfest (2022) Во октомври 2022 година, документарниот филмот доби три номинации на меѓународниот православен филмски фестивал Byzanfest, кој се одржува во Мелбурн, Австралија. Филмот беше номиниран во категориите: најдобар документарен филм, најдобар кинематографер и најдобар режисер.

Ова признание претставуваше значаен успех за македонската кинематографија, бидејќи за првпат еден независен филмски проект од Македонија постигна вакво меѓународно признание во рамки на православна филмска програма. Особено внимание привлече фактот што режисерот на филмот, Илија Ико Каров, беше номиниран во главната категорија за најдобар режисер, заедно со автори на играни филмови, што ја нагласи уметничката вредност и квалитет на документарното дело.

Фестивалот Byzanfest 2022 се одржа од 27 октомври до 6 ноември, а проекцијата на филмот „1000 години Сведок на Светлината“ беше закажана за 4 ноември. Ова учество претставуваше значаен чекор во интернационалната промоција на филмот и афирмацијата на македонското духовно и културно наследство на глобално ниво. Филмот доби три номинации на фестивалот Byzanfest во Австралија.

Награда за најдобра музика на филмскиот фестивал „History“ (2024) Во јули 2024 година, документарниот филм ја доби наградата за најдобра музика на интернационалниот филмски фестивал „History“, кој се одржа во замокот Шлос Аспарн – Заја, во Аспарн, Австрија. Музиката за филмот е дело на македонскиот композитор Горан Трајкоски, познат и под уметничкото име Готра.

Фестивалот се одвиваше во историски тематизирана средина, при што филмовите беа проектирани на неколку локации низ замокот, соодветно на нивната историска епоха. Проекцијата на филмот беше организирана во дел од замокот кој претставува постојана музејска поставка, со автентична атмосфера што ја надополни и настапот на средновековниот ансамбл „Скомраси“.

Пред проекцијата, со пригоден говор се обрати сестра Ефимија од Рајчица, претставничка на монашката заедница на Бигорскиот манастир, со благослов на епископот Антаниски г. Партениј. Во својот говор, таа ја истакна улогата на Старецот Партениј како духовен и општествен дејател, кој, според неа, воспоставил хармоничен однос со човекот и современата култура.

Наградата за најдобра музика беше проследена со признанија од страна на директорот на фестивалот, Роман Шет, и од членот на жирито, Ерик Кохлбауер, кои ја нагласија визуелната сила, духовната порака и уметничката музика како клучни карактеристики на филмот. Тие ја пофалија автентичноста на прикажаниот манастирски живот и природниот амбиент, како и синергијата меѓу звукот и сликата.

Ова е едно од првите меѓународни филмски признанија за музичка продукција во македонски документарен филм, што дополнително го зацврсти успехот на овој проект на меѓународната сцена.

Критички осврти Според сестра Ефимија, која била задолжена за промоција на филмот, тој постигнал „огромен интерес“ и добил позитивни критики од обожавателите на филмската уметност. Од август 2022 година, филмот има преку 200.000 прегледи на Јутјуб.

Филмот 1000 години – Сведок на Светлината доби позитивен критички прием од јавноста, академската и културната средина. Осврти за неговата естетика, духовна содржина и културна вредност дадоа неколку домашни рецензенти.

Лидија Христова, дипломиран професор по философија и филмологија, го оцени делото како „своевиден прирачник за христијанскиот и монашкиот живот“, нагласувајќи ја неговата духовна длабочина, визуелна естетика и способност да го воведе гледачот во „јазикот на вечноста“.

М-р Влатко Деловски, етнолог и културолог, во својата рецензија истакна дека филмот нуди „една подруга документаристика за Бигорскиот Манастир“, ослободена од класичниот репортажен пристап. Според него, делото поставува нови темели на визуелна автентичност, духовна непосредност и културолошка доживеаност. Тој ја истакна и улогата на Старецот Партениј како централна духовна фигура, чие татковство и пастирско дејствување се претставени на мошне емотивен начин. Деловски го оцени филмот како „сликовна комуникација“ и „рефлексивен документарен пристап“ кој се доближува до монашкиот живот со почит и суптилност.

Овие рецензии укажуваат на значајното културно и духовно влијание што филмот го има во домашната средина, како и на неговата вредност како современ документ за православната монашка традиција во Македонија.

Прием и гледаност Филмот „1000 години – Сведок на Светлината“ доби голем интерес и широка гледаност преку YouTube. Од април 2025 година, филмот има над 951.000 прегледи и вкупно над 187.000 часови гледање.

Најголем дел од гледачката публика доаѓа од Србија, Македонија, Романија и САД. Впечатлив интерес има и од земји како Германија, Босна и Херцеговина, Русија, Грција, Австралија, Црна Гора, Италија и Хрватска. Просечното време на гледање е речиси 12 минути, што укажува на висок ангажман.

Филмот е преведен на над 50 јазици, што значително ја зголеми неговата достапност и видливост на меѓународно ниво.

Екипа Продукциска Режисер и сценописец: Илија Ико Каров Глумец: Благој Веселинов Кинематограф: Илија Жоговски Филмски уредник: Бранко Блажевски Филмски уредник: Горан Костадинов Музички автор: Горан Трајкоски Продукциска куќа: КАТ продукција

Филмска

Камера: Никола Грнчаров, Кристијан Тодоровски, Александар Ивановски, Стојан Стојановски, Томе Љушев, Александар Пауновски Дрон: Дарко Данилов Оператори на дрон: Бојан Маринковиќ, Александар Дончев, Кристијан Љушев, Стојан Стојановски, Костас Клитсогијанис Уредник на звук: Бранко Блажевски Продукциски звук: Симон Кипровски, Александар Тодоровски, Братислав Зафировски