ФК Тиверија — фудбалски клуб од Струмица. Клубот настапува во Третата македонска лига - Југоисток.
Раководство
Претседател: Александар Митев Тренер: Александар Георгиев Стадион"Младост - Струмица" Прекар: "Ајакс" Клупска боја: Црвена Адреса: ул „Ѓуро Салај“ бб, Стадион „Младост“,2400 Струмица e-mail> [email protected]
Историја
Формирање на клубот
Спортското друштво Тиверија официјално е основано на 13 февруари 1923 година, и во 2023 година прослави јубилеј 100 години од формирањето.
Според некои податоци и сеќавања од постарите навивачи на Тиверија спортското друштво е формирано пред Беласица во 1921 година. Но тогашните српски власти, со оглед на тоа што иницијаторите за формирање на новиот клуб биле членови на тогашното работничко движење, ја попречувале и отежнувале работата, клубот официјално бил регистриран на 13ти февруари 1923 година. Како основачи на Тиверија се спомнуваат: Ристо Заев-Зајакот, Љамо Џатев, Благој Карабакочев-Барбата, Мито Маџиров, Ристо Вртев-Сликарот, Глигор Дрваров и Ѓорги Тангачев. За секретар на клубот бил избран Борис Нецев. Интересно е што на своето прво гостување во Солун 1924 година фудбалерите патувале со запрежни коли.
Името Тиверија
Името на клубот низ годините е менувано неколку пати. Во месец Мај 1933 година е променето во СК Југославија и под тоа име клубот настапува се до 1941 година кога името е променето во СД Македонија. По завршувањето на втората светска војна клубот е пасивен и речиси нема никаква активност. Во 1952 година го променува името во СД Полет и под тоа име настапува само една година односно 1953 година па повторно се враќа оснивачкото име ФК Тиверија под кое настапува до ден денес.
Потекнува од старото име на градот Струмица кој во римскиот период се среќава под името Тивериопол. Во средниот век градот имал две имиња. Едното било Тивериопол кое се употребувало во византиската администрација и во христијанската црковна традиција, а второто било денешното име Струмица кое го употребувале Словените.
Првото игралиште
Неколку години по завршувањето на Првата светска војна во Струмица фудбалот земал сè поголем замав. Постоеле повеќе маалски клубови, кои своите натпревари ги играле на зелените ливади во градот и надвор од него. Вреди да се одбележи дека првото официјално игралиште на Спортското друштво Тиверија уште со самото основање било направено веднаш зад стадионот Младост на местото каде што денес се наоѓа АД Грозд – Струмица.
Првите натпревари 300px Во првите неколку години по формирањето фудбалерите на Тиверија играле натпревари со месниот соперник Беласица, со Кожуф од Гевгелија формиран 1922 година, Брегалница од Штип формирана 1921, со гарнизонот на војската во Струмица каде што отсекогаш воен рок служеле добри фудбалери, а подоцна и со новоформираните клубови Брегалница од Делчево, Овче Поле од Свети Николе, Слога од Виница, Плачковица од Радовиш, Малеш од Берово и др.
Сепак највозбудливи и најинтересни натпревари биле оние со Беласица на кои секогаш присуствувале и по неколку илјади гледачи, независно дали биле првенствени или пријателски.
Во последните неколку години фудбалскиот клуб "Тиверија" беше во многу тешка финансиска состојба и на работ на своето егзистирање, но сега работите во клубот се променети, се работи стручно и организирано и од клубот се надеваат на успешна сезона и враќање во втора лига. Во месец февруари 2006 година беше одржано годишно изборно собрание на кое беше избран нов управен одбор и ново претседателство. За нов претседател на местото на дотогашниот успешен претседател и поранешен голман на Тиверија г-дин Ѓорги Димитриевски е избран градоначалникот на општина Струмица г-дин Зоран Заев.
Настапи на клубот
ФК Тиверија настапувала во прва и втора Македонска лига во склоп на поранешна СФРЈ.
По осамостојувањето: Втора МФЛ и Трета лига - Источен Регион
Во сезоната 2009/2010 Фк Тиверија го освои второто место во рамките на III лига исток
Младинска школа на клубот
Од август 2007 година, во клубот започнала да работа и пионерско-младинската школа на ФК Тиверија под раководство на координаторот на школата Ристо Секулов. Тренер на генерацијата 1996/1997- пионери е Дејан Ќосев. Тренер на кадетската и младинската екипа е Тони Атанасов. Во сезоната 2010/2011 Фк Тиверија настапува во сите категории во организација на ФФМ односно пионери, кадети и младинци. Во моментов школата на ФК Тиверија брои околу 150 члена во сите категории.
Категорија:Фудбалски клубови од Струмица Тиверија Категорија:Појавено во 1923 година во Македонија