Лидија Заменхоф (Esperanto: Lidja Zamenhofo; 29 јануари 1904 – 1942) била еврејска писателка, издавач, преведувач и најмладата ќерка на Клара (Силберник) и Лудвик Заменхоф, творецот на есперанто. Таа била активен промотор на есперанто, како и на хомаранизмот, форма на религиозен хуманизам за прв пат опишан од нејзиниот татко.

Околу 1925 година таа станала бахаистка. Кон крајот на 1937 година таа заминала во САД за да ја шири религијата, како и есперанто. Во декември 1938 година се вратила во Полска, каде што продолжила да предава и преведува многу бахаистички засписи. ֿТаа била убиена во логорот Треблинка за време на Холокаустот.

Животопис Лидија Заменхоф го научила есперанто како деветгодишно девојче. На возраст од четиринаесет години, таа преведувала од полската литература; нејзините први публикации биле објавени неколку години подоцна. Откако ги завршила универзитетските студии по право во 1925 година, таа целосно се посветила на есперанто. Истата година, за време на 17-тиот Светски конгрес на есперанто во Женева, таа се запознала со Бахаизмот. Лидија Заменхоф станала секретарка на хомаранското есперанто-друштво Конкорд во Варшава и често подготвувала настани за говорници и курсеви. Почнувајќи од виенскиот Светски конгрес за есперанто во 1924 година, таа присуствувала на речиси секој Светски конгрес (таа само ја пропуштила Universala Kongreso во Англија во 1938 година). Како инструкторка на чехскиот метод на учење есперанто, таа направила повеќе промотивни патувања и предавала курсеви во разни земји.

Таа активно ја координирала својата работа со студентското есперанто движење — во Меѓународната студентска лига, во УЕА, во Чехскиот институт и во бахајската верата. Дополнително, Лидија пишувала за списанието Literatura Mondo (главно студии за полската книжевност), а исто така и за Pola Esperantisto, La Praktiko, Heroldo de Esperanto и Enciklopedio de Esperanto. Нејзиниот превод на Quo Vadis од Хенрик Шенкевич бил објавен во 1933 година и е добро познат.

Во 1937 година таа заминала за САД, но во декември 1938 година, таа морала да го напушти бидејќи Службата за имиграција одбила да ѝ ја продолжи визата за туристички посетител поради нејзината наводно нелегална „платена работа“ предавајќи есперанто. Таа ги одбила понудите за брак што можеле да ѝ дозволат да остане. Откако се вратила во Полска, нејзината татковина, таа патувала низ земјата студирајќи есперанто и Бахаизам.

Под германскиот окупациски режим од 1939 година, нејзиниот дом во Варшава станал дел од Варшавското гето. Таа била уапсена под обвинение дека отишла во САД за да шири антинацистичка пропаганда,Heller, Wendy Lidia, The Life of Lidia Zamenhof Daughter of Esperanto, 1985, pp. 234-235 но по неколку месеци, била ослободена и вратена во нејзиниот роден град каде што таа и остатокот од нејзиното семејство останале затворени. Таму се трудела да им помогне на другите да добијат лекови и храна. Полските есперантисти неколкупати ѝ понудиле помош при бегство, но во секој случај одбила. На еден Полјак, добро познатиот есперантист Јозеф Арсеник, кој ѝ понудил засолниште во неколку наврати, таа му објаснила: „ти и твоето семејство би можеле да ги загубите животите затоа што секој што крие Евреин ќе загине заедно со Евреинот што ќе биде откриен“.Joanna Iwaszkiewicz, Wtedy Kwitły Forsycje, 1993, pp.113 На друг, нејзиното објаснување било содржано во нејзиното последно познато писмо: „Не помислувајте да се ставате во опасност; знам дека морам да умрам, но чувствувам дека е моја должност да останам со мојот народ. Дај Боже од нашите страдања да излезе подобар свет. Верувам во Бог. Јас сум бахаистка и ќе умрам како таква. Сè е во Негови раце.“Heller, Wendy Lidia, The Life of Lidia Zamenhof Daughter of Esperanto, 1985, pg. 240

Таа била дел од масовниот транспорт што се упатувал кон логорот во Треблинка во текот на Варшавската Гросакција. Таму била убиена некаде по летото 1942 година.

Спомен Во нејзина чест, во 1995 година бил одржан состанок во Меморијалниот музеј на Холокаустот на САД во Вашингтон.

Творештво Лидија Заменхоф (1931), Хомо, Дио, Профето (Човек, Бог, пророк)

Драма Документарната драма Ni vivos! (Ќе живееме!) од Џулијан Модест ја прикажува судбината на семејството Заменхоф во варшавското гето.

Наводи

Библиографија На англиски: Венди Хелер, Лидија: Животот на Лидија Заменхоф, ќерка на есперанто На есперанто: Венди Хелер, Lidia: La vivo de Lidia Zamenhof, filino de Esperanto ( ) На есперанто: Исај Дратвер, Lidia Zamenhof. Vivo kaj agado Опширно поглавје за Лидија Заменхоф во La familio Zamenhof, од Зофија Банет-Форналова

Надворешни врски (на англиски) John Dale - Notes on the life of Lidia Zamenhof (на есперанто) Esperanto Translations by Lidia Zamenhof and Roan Orloff Stone Преводи на неколку важни бахаистички засписи на есперанто.

Категорија:Полски јазичари Категорија:Починати во 1942 година Категорија:Родени во 1904 година Категорија:Полски Евреи Категорија:Есперанто Категорија:Бахаисти Категорија:Духовни учители