Златен миртов венец од Кутлеш () — древномакедонски погребен предмет од античкиот град Ајга кај денешното село Кутлеш, Берско, Егејска Македонија. Направен е од злато и претставува венец од листови и цветови на мирта кои се исклучително реалистични. Овој венец е меѓу најскапоцените наоди пронајдени при ископувањето на Македонските кралски гробници. Датира од IV век п.н.е. и се смета дека ѝ припаѓал на Меда Одеска, тракиска принцеза и петта сопруга на Филип II Македонски.
По реставрацијата на венецот, тој има 80 листови и 112 цветови. Главниот венец, од кој излегуваат малите гранчиња, се состои од тесна цилиндрична прачка, чии два краја се сплескани со усукување заедно. Внатрешниот пречник на главната цевка изнесува 18 - 16 см., а надворешната има пречник од 26 - 23 см.
Наодите од гробниците првично стоеле во Археолошкиот музеј во Солун, но во 1997 г. се преместени во Музејот на Македонските кралски гробници во Кутлеш. Тука е венецот на Меда заедно со други вредни наоди од гробниците, меѓу кои и Дабовиот венец на Филип II.
Наводи
Категорија:Древномакедонска уметност Категорија:Круни Категорија:Филип II Македонски