„Детелинки белинки“ – книга за деца на македонски јазик во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Македонското издание на книгата е објавено во 2022 година. Покрај македонското издание, во 2023 година во Хрватска е објавен и хрватски превод на книгата, по повод 15 години Лекторат по македонски јазик во Риека.
Содржина Книгата „Детелинки белинки“ е во категоријата на читанки и лектири за основно образование и е збирка од шеснаесет современи бајки од 15 македонски автори. Застапените бајки се од нови, но и од веќе етаблирани автори. После конкурсот распишан од Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ во 2020 година, од пристигнатите 442 бајки од 316 автори избрани се следниве шеснаесет бајки:
Билјана Станковска („Авантурите на едно мракче“), Владе Димовски („Во земјата на белите облачиња“), Анета Ристеска („Вин-вин“), Клементина Петрушевска („Часовникот на Симон“), Мартина Дукоска („Детелинки-белинки“), Светлана Дарудова („Бајка за Нова година“ и „Талкачката“), Анита Димовска („Зелената кралица“), Биљана Стојановска („Змејот од Пелистер“), Ана Ѓорѓевиќ („Горделивата жирафа“), Марија Ралповска („Волкот Пуи“), Мимоза Тодоровска („Волшебен лет“), Владо Јаневски („Папагалот и кучето“), Алма Растодер („Магијата на другарството“), Ана Гаштарова („Не е добро да се лаже!“) и Весна Кираџиева („Авантурите на Трепколетка“)
Овие бајки, како четири листенца на „среќната“ детелинка, се наредени во четири циклуси во книгата „Детелинки белинки“ и го збогатуваат омилениот жанр на децата. Некои од нив се случуваат и во наше време, на наши предели и со препознатливи ликови од нашето опкружување, со што уште повеќе им се приближуваат на малите големи читатели.
Технички одлики Книгата „Детелинки белинки“ е со меки корици и е со обем од 99 страници. Објавена е во 2022 година во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“ од Скопје. Каталогизирана е во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9786082676265.
Изданието е дел од едицијата „Лесно читливо“, уредено со помош на специјален фонт за полесно читање за деца во фаза на описменување, како и за лица со дислексија, препорачано од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Филозофскиот факултет во Скопје. Во книгата е вклучен и речник на помалку познати зборови.
Наводи
Категорија:Изданија на Арс ламина - публикации Категорија:Македонски книги за деца Категорија:Книги од 2022 година Категорија:Македонски дела од 2022 година