Хосе Франсиско де Сан Мартин и Маторас (шпански: José Francisco de San Martín y Matorras; 25 февруари 1778 — 17 август 1850) или познат само како Хосе де Сан Мартин, а титуларно како „Ослободител на Аргентина, Чиле и Перу“John Lynch, San Martin: Argentine Soldier, American Hero (2009) — аргентински генерал и главен предводник на Борбата за независност од Шпанската Империја во јужните и централните предели на Јужна Америка. Сан Мартин бил воедно и еден од претседателите на Перу, позиција која во тоа време била именувана како „Заштитник на Перу“.
Хосе де Сан Мартин е роден во Јапеју, Кориентес, во денешна Аргентина, но уште додека бил мал, на 7 годишна возраст, заминал за Малага во Шпанија каде го започнал своето образование. Подоцна, во 1808 година, кога избила Полуостровската војна помеѓу Франција и Шпанија, Хосе де Сан Мартин зел учество во истата. Следствено на тој ангажман, Сан Мартин стапил во контакт со јужноамерикански поддрржувачи на независноста на Јужна Америка од Шпанија. Во 1812 година тој заминал за Буенос Аирес и ги понудил своите способности и својата служба на Обединетите покраини на Рио де ла Плата, современа Аргентина. По Битката на Сан Лоренцо, тој организирал план за пораз на шпанската армија, која ја притискала Аргентина од север, користејќи алтернативен пат преку Вицекралството Перу. Целите првично биле да се основа нова армија, Армија на Андите, во Кујо, Аргентина. Оттука, тој го предводел преминувањето на Андите во Чиле и забележал победа во Битката на Чакабуко и Битката на Маипу. Како резултат на тие две победи била обезбедена независноста на Чиле. По тој успех, Сан Мартин кренал кон напад на шпанскиот бастион во Лима, Перу.
На 12 јули 1821, по обезбедена делумна контрола на Лима, Сан Мартин бил назначен за „Заштитник на Перу“, односно претседател на Перу. Со тоа, независноста на Перу била објавена на 28 јули 1821. На 22 јули 1822, по затворена средба со неговиот пријател Симон Боливар во Гвајакил, Еквадор, Боливар ја презел одговорноста за целосно ослободување на Перу. Наеднаш Сан Мартин ја напуштил командата на армијата и заминал од државата. Сан Мартин се повлекол од политика и заминал за Франција во 1824 година. Средбата со Боливар до денес е тема на разговори помеѓу историчарите.
Сан Мартин се смета за национален херој на Аргентина и Перу и еден од ослободителите (libertadores) на Јужна Америка. Денес аргентинската влада својот највисок медал, или одликување, го именува како „Орден на ослободителот генерал Сан Мартин“.
Рани години thumb|left|200px|Родната куќа на Сан Мартин во Јапеју. Хосе де Сан Мартин бил петти и последен син на Хуан де Сан Мартин, неуспешен шпански војник, и Грегорија Марорас дел Сер. Тој е роден во Јапеју, Кориентес. Точната година на раѓањето на Сан Мартин е контроверзна, бидејќи немало записи од неговото крштевање. Во подоцнежни документи кои се создале за време на неговиот живот, како што се пасоши, воени белешки или венчаница, имал различни години. Во повеќето од документите се посочуваат 1777 или 1778 како години на раѓање. Семејството се преселило во Буенос Аирес во 1781 година, кога Сан Мартин имал 3 или 4 години.
Хуан побарал да биде префрлен во Шпанија, и со тоа ја напуштил Америка во 1783 година. Семејството се доселило во Мадрид, но поради неможноста да се обезбеди унапредување, тие се преселиле во Малага. Во Малага Сан Мартин го започнал своето образование во 1785 година. Не е веројатно дека го завршил шестгодишното основно образование пред да се запише во Полкот на Мурсија во 1789 година, веднаш штом наполнил 11 години. Тој ја започнал својата воена кариера како кадет во пешадијата.
Воена кариера во Европа thumb|left|200px|Слика на сцена од битката на Баилен. Ова е една од најзначајните битки од Полуостровската војна во која имал учество и Сан Мартин. Своите почетоци во воената кариера Сан Мартин ги остварил во Европа. Сан Мартин учествувал во неколку шпански акции во Северна Африка, меѓу кои и борбите во Мелиља и Оран против Мурите во 1791 година. Неговиот ранг бил издигнат на потпоручник во 1793 година, на само 15 годишна возраст. Тој почнал да гради морнаричка воена кариера за време војната на Втората коалиција, кога Шпанија била во сојузништво со Франција во борбите против Велика Британија, за време на Француската револуција. Неговиот брод ХМС Санта Доротеја бил заробен од британските сили, кои пак го држеле Сан Мартин како затвореник одредено време. Многу набрзо, тој продолжил да се бори во јужна Шпанија, претежно во Кадис и Гибралтар со ранг втор капетан на лесна пешадија. Исто така Сан Мартин продолжил да се бори и со Португалија на страната на Шпанија за време на Портокаловата војна во 1801 година. Сан Мартин бил унапреден во чин капетан во 1804 година. За време на негиот престој во Кадис, тој бил под влијание на идеите на шпанската преродба.
Кога избила Полуостровската војна во 1808 година, Сан Мартин бил именуван како аѓутант на Франсиско Марија Ортиз де Росас. За Росас тогаш се посомневало дека е франкофил (афрансесадо, afrancesado) и бил убиен од страна на општонародните бунтовници и неговото тело било влечено низ улиците. Подоцна, Сан Мартин бил испратен во редовите на војската во Андалусија и предводел баталјон волонтери. Во јуни 1808 година неговата единица била приклучена во герилските борби предводени до Хуан де ла Круз Моурхеон. За време на битката во Архонилја Сан Мартин за многу малку ќе погинел во борбите, но сепак него го спасил наредникот Хуан де Диос. На 19 јули 1808 година шпанските и француските сили влегле во битката на Баилен, каде шпанските сили забележале победа и со тоа се овозможил напад и опсада на Мадрид. За неговите дејства за време на таа битка, Сан Мартин добил златен медал и неговиот ранг бил унапреден на ниво на командант. На 16 мај 1811 година Сан Мартин учествувал во битката на Албуера под команда на генералот Вилијам Кар Бересфорд. До тоа време француските сили го имале под контрола поголемиот дел од Пиринејскиот Полуостров, освен Кадис.
Сан Мартин дал отказ од шпанската армија, поради контроверзни причини, и се преселил во Јужна Америка, каде се приклучил на јужноамериканските војни за независност. Историчарите дале неколку предлози за таквата одлука: најчесто поставената теорија е дека му недостасувала неговата татковина, а потоа се предложувала и теоријата дека тој бил британски агент. Според првата теорија се поставува и објаснувањето дека кога увидел дека во Јужна Америка отпочнала војната за независност тој почувствувал должност да служи на татковината. Според втората теорија се предлага објаснувањето дека Британија би имала свои придобивки од независноста на шпанските колонии.
Јужна Америка Аргентина thumb|right|200px|Сабјата на Сан Мартин. Таа била неодвоив елемент од униформата на Сан Мартин. Неколку дена откако Сан Мартин пристигнал во Буенос Аирес во тогашна Обединети Покраини на Рио де ла Плата (денес Аргентина), тој бил на испитување од Првиот триумвират. Тие го назначиле него за командир на коњаницата и побарале од него коњаничка единица, бидејќи Буенос Аирес немал коњаница. Сан Мартин започнал да го организира Полкот на коњанички гренадиери со Алвеар и Запиола. Бидејќи Буенос Аирес нема професионални воени водачи, на Сан Мартин му ја довериле задачата на заштита на целиот град, но сепак тој се фокусирал на градењето на воената единица.
Сан Мартин, Алвеар и Запиола основале локален оддел на ложата Лаутаро, заедно со поранешните поддржувачи на Маријано Морено. Ложата се стремела да ги промовира либералните идеи. Поради нејзината таинственост, не е познато дали таа била масонска ложа или ложа со политички цели. Истата немала врски со Првата голема ложа на Англија. Во септември 1812 година, Сан Мартин се оженил со Марија де лос Ремедиос де Ескалада, 14 годишна девојка од локално богато семејство.
Ложата ја организирала Револуцијата од 8 октомври 1812 година, кога завршиле мандатите на Мануел де Саратеја и Фелисијано Чиклана. Хуан Мартин де Пуејредон ги претставил антиморенистите Мануел Облигадо и Педро Медрано. Воедно, со блокада на гласовите на три членови, тој добил мнозинство. Ова предизвикало незадоволство кај Сан Мартин и Алвеар и тие интервенирале со воена сила и така Ратхаусот (градското собрание) на Буенос Аирес го распуштил триумвиратот. Тој бил заменет со Вториот триумвират составен од Хуан Хосе Пасо, Николас Родригес Пења и Антонио Алварез Хонте. Овој нов триумвират го свикал Собранието од 13 година и го унапредиле Сан Мартин во чин полковник.
Битката во Сан Лоренцо thumb|right|200px|Сцена од битката во Сан Лоренцо. Додека во Буенос Аирес се разбранувало движењето против монархијата, на другата страна од Рио де ла Плата, Монтевидео бил сè уште монархиско упориште. Хосе Рондо почнал опсада, но монтевидејската морнарица го избегнала тоа со тоа што ги ограбиле околните градови. Во меѓувреме, Сан Мартин бил испратен со новиот полк за да ги набљудува активностите на брегот на реката Парана.
Полкот ја следел морнарицата од далеку, избегнувајќи директен контакт. Тие се сокриле во манастирот Сан Карлос во Сан Лоренцо. За време на ноќите, Сан Мартин ги набљудувал непријателските бродови од кровот на манастирот. Монархистите се истовариле во зорите и биле спремни за грабеж, но полкот се спротивставил со борба. Сан Мартин употребил приклештен напад за да ги зароби монархистите. Еден крај од нападот го предводел тој, а другиот Хусто Бермудез.
Коњот на Сан Мартин бил убиен за време на битката, и неговата нога била заробена под телото на коњот. Во тој момент, некој од монархистите, најверојатно самиот Забала се обидел да го убие Сан Мартин. Истовремено, покрај тоа што бил заробен под коњот, Сан Мартин имал и повреда од сабјата во неговото стапало, како и рана од куршум на неговата рака. Хуан Баутиста Кабрал и Хуан Баутиста Баигорија, членови на полкот, интервенирале и го спасиле животот на Сан Мартин. Кабрал бил смртно ранет во тој обид на спасување.
Битката немала значајно влијание на целокупната војна и не го спречила понатамошниот грабеж. Монтевидео бил конечно заземен од страна на Адмирал Вилијам Браун за време за Втората кампања за Банда Ориентал. Антонио Забала, водачот на монтевидејската војска, служел под команда на Сан Мартин во подоцнежното преминување на Андите.
Армијата од Северот thumb|200п|Средба на Мануел Белграно и Хосе де Сан Мартин во Јатасто.
Сан Мартин повторно дошол во Буенос Аирес. Во Буенос Аирес, заедно со неговата сопруга, присуствувал на првата службена изведба на националната аргентинска химна на 28 мај 1813 во театарот Колисео. Според усната традиција оваа изведба се одвила на 14 мај 1813 година во домот на аристократот Марикита Санчес, но сепак за ова нема пишани документи. Текстот на новата химна вклучувала неколку наводи за сецесионистичката желба во тогашното време.
Иако сè уште биле сојузници, Сан Мартин почнал да се оддалечува од Алвеар, кој пак го контролирал Собранието и ложата. Алвеар се спротивставил на трговците и уругвајскиот каудиљо Хосе Хервасио Артигас. За ова Сан Мартин сметал дека е ризичен конфликт особено кога монархистите сè уште биле опасност. Армијата од Северот, или Северната Армија, која оперирала во Горно Перу, била поразена во битката на Вилкапухио и битката на Ајохума, па така триумвиратот го назначил Сан Мартин како водач, заменувајќи го Мануел Белграно.
Сан Мартин и Белграно се сретнале во месноста Јатасто. Армијата била во лоша состојба и Сан Мартин првично одбил да го отстрани Белграно од армијата, бидејќи сметал тоа ќе го наруши моралот на војниците. Како и да е, врховниот директор Хервасио Посадас (кој го заменил триумвиратот во владата) инсистирал, па така Сан Мартин делувал како што му било наредено. Сан Мартин останал само неколку седмици во Тукуман, ја реорганизирал армијата и го проучувал теренот. Тој, исто така, имал позитивно влијание врз герилската војна предводена од Мартин Мигел де Гуемес која се борела против монархистите. Таа била одбранбена војна и Сан Мартин сметал дека тие можеби ќе го спречат напредувањето на монархистите во Хухуј.