Декамерон е збирка од 100 новели напишана од италијанскиот писател Џовани Бокачо, најверојатно започната во 1350 година, а завршена во 1353 година. Тоа е средновековно алегориско дело најпознато по љубовните приказни. „Декамерон“ има антиклерикален карактер, зашто сатирата е насочена кон лажната чистина на свештениците. Но, освен тоа, ова е дело што носи голема етичка порака, типично хуманистичка каде се велича сè што е човечко. Според Бокачо, луѓето се еднакви, само се разликуваат по својот карактер и интелигенција. Насловот на книгата е кованка од два грчки збора што значат „десет“ (δέκα дека) и „ден“ (ἡμέρα хемера)Грчкиот наслов треба да гласи δεκάμερον (τό), односно поправилно класично грчки: δεχήμερον. Се верува дека некои делови од приказните се поврзани со влијанието на Книгата на добра љубов. Многу значајни писатели како Џефри Чосер имаат извлечено инспирација за своите дела од Декамерон. мини|Декамерон
Композиција
„Декамерон“ претставува заокружена збирка раскази кое авторот го постигнал со воведниот дел, односно „Воведната новела“, каде Бокачо го прикажува својот концепт на збирката. Имено, за време на големата чума во Фиренца, група млади луѓе, седум жени и тројца мажи, се засолнуваат во една куќа, надвор од градот и за да не им биде здодевно за секој ден определуваат крал или кралица кој ќе кажува што да прават. Во текот на тие десет дена, сите десетмина, секој ден раскажуваат по еден расказ на определена тема (10 X 10 = 100). Затоа збирката содржи 100 новели. Според темите тие се поделени на: 1 ден - нема одредена тема - кралица е Пампинеа; 2 ден - неприлика со среќен крај - кралица е Филомена; 3 ден - за двомислени луѓе - кралица е Немфиле; 4 ден - за несреќната љубов - крал е Филострат; 5 ден - за среќната љубов - кралица е Фијамета; 6 ден - за оние кои биле итри и досетно се спасиле - кралица е Елиза; 7 ден - за жените кои го изневериле мажот - крал е Дионес; 8 ден - исмејувањата на мажите од жените и обратно - кралица е Лаурета; 9 ден - слободна тема - кралица е Емелија; 10 ден - за правилните постапки - крал е Помфил.
Во „Декамерон“ се прикажани многу настани, ликови и случки. Освен според деновите, како што ја направил поделбата самиот Бокачо, новелите тематски, може да ги поделиме во неколку групи: куси новели со остромни изреки; новелите каде се прикажани големите добродетелства; љубовно-еротски новели и новелите во кои Бокачо ги критикува ниските човекови нагони, а особено ги разобличува свештеницитеСтојка Бојковска, Лилјана Минова - Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски, Невена Исакова, Бранко Пендовски; Македонски јазик и литература за II година за реформираното гимназиско образование; Просветно дело, 2009, Скопје„Декамерон“ од Бокачо на Македонски јазик и литература за средните стручни училишта, од Билјана Богданоска.
Новели со остроумни изреки
Во првата група новели од „Декамерон“, може да ги ставиме кусите новели со остромни изреки. Такви се, на пример, новелите: „Итрината на Кикибио“, „Франческа и огледалото“, „Форезе и Џото“, и др.
Итрината на Кикибио
Во расказот „Итрината на Кикибио“, главниот лик, слугата Кикибио итро се снаоѓа кога неговиот господар ја бара ногата од жеравот што бил приготвен за вечера, а кој претходно го изела жената на Кикибио. За да ја докаже својата невиност, утредента Кикибио и неговиот господар отишле да ги видат живите жерави и да се убедат дали имаат една или две нозе. И навистина, додека спиеле жеравите стоеле на една нога па така Кикибио го имал својот доказ. Но, тогаш, неговиот господар извикал „хо, хо“ и ги разбудил и растерал жеравите кои ја испружиле и другата нога. Збунетиот, и фатен во „небрано“ Кикибио, веднаш се снашол и рекол дека господарот синоќа не викнал „хо, хо“!, па затоа жеравот од трпезата не ја покажал својата друга нога.
Франческа и огледалото
Расказот „Франческа и огледалото“ е остра критика на каприциозните, самодопадливи луѓе, кои го презираат сиот свет, а всушност се многу плитки:
Некојси Фреско од Челатико имаше внука што на галено ја викаа Ческа. Макар што беше со убава става, сепак не беше со таква ангелска убавина што се наоѓа понекогаш. Но затоа пак се ценеше себеси толку многу, што ѝ влезе во крвта да куди и мажи и жени, и сè што ќе види, не обѕирајќи се на себеси. А беше така незгодна, досадна и каприциозна, како ниедна друга, и никогаш со ништо незадоволна. Освен тоа, беше така горда, што би било премногу дури и да му е ќерка на францускиот крал. Кога одеше по улица, толку се муртеше на сè, што само носот го креваше како да ѝ смрди секој што ќе го види или ќе го сретне. Сега, да не ги набројуваме сите нејзини срамни и незгодни навики, ќе ви кажеме еден настан за неа. Некој ден се врати во Фресковата куќа и преправајќи се и муртејќи се, седна покрај него. Фреско ја праша: — Што си се вратила, Ческо, толку брзо, кога денеска е празник? Таа му одговори напернато: — Навистина си дојдов рано, зашто во овој град како да не биле ни мажите ни жените никогаш така досадни и несносни како денеска. Ниеден не помина по улица што да не ми е мрзок како лоша среќа. Верувам дека нема на светов жена на која да ѝ е подосадно да ги гледа овие одвратни луѓе одошто мене. Па за да не ги гледам, си дојдов рано дома. Фреско, кому ни малку не му се бендисуваа лошите навики на внучката, забележа: — Ќерко моја, ако ти е така мрско да гледаш непријатни луѓе, немој никогаш да се огледуваш во огледало, ако сакаш да живееш задоволно. Но, таа празна тиква (а мислеше дека е мудра како Соломон), ги сфати вистинитите зборови на Фреско како што би ги разбрала овца, па му одговори дека ќе се гледа во огледало како другите. Така во својата глупост живееше и векот си го помина.
Форезе и Џото
Расказот „Форезе и Џото“ е типичен за оваа група раскази со остроумни изреки. Започнува поучно, хуманистички - изедначувајќи ги сите луѓе, без разлика на надворешниот изглед, образованието и струката; за да заврши со остроумна досетка во дијалогот на двајцата протагонисти:
Како што честопати најголемите добродетели се кријат во човек со скромен занает, исто така и под грда надворешност често се кријат чудесни душевни способности. За тоа се доказ двајца сограѓани. Едниот од нив се викаше господин Форезе од Работа и беше толку низок, со нескладна фигура, сплескано лице и тап нос, што ќе беше грд и за куќата Баронци, но беше толку вешт во законите што многу умни луѓе го сметаа за ризница на граѓанското право. Другиот, којшто се викаше Џото, беше исто така необично надарен, што немаше таков предмет во природата, мајката на сè што е создадено и двигателка на небесата и на световите, што тој да не можеше со перо или со молив или со четка да го нацрта, и тоа така вешто што не само да биде слично на природата, туку природата сама. И така многупати се случило да се измами човечкото око, да мисли дека е стварност тоа што го насликал тој. Бидејќи ѝ го вратил блесокот на уметноста, кој за многу години беше го закопала заблудата на тие што сликале повеќе да ги забават очите на незнајковците одошто да угодат на духот на мудреците, тој може со право да се вброи меѓу најсјајните ѕвезди на фирентинската слава; и тоа толку повеќе што со најголема скромност одбиваше да го викаат мајстор, макар што целиот живот им беше учител на другите. Тоа име што тој го отфрли, толку повеќе сјаеше во него, колку повеќе со копнеж го присвојуваа тие што знаеја помалку од него или беа негови ученици. Но, колку и да беше неговата уметност голема, тој самиот ни по лик ни по става не беше ни малку поубав од господин Форезе. Туку, да се вратиме на приказната. Господин Форезе и Џото имаа свои имоти во Муџело. Некој ден, во време кога судот не работи, господин Форезе беше отишол да си го види имотот. Враќајќи се на некое позајмено коњче, по пат го сретна Џота, којшто исто така од својот имот се враќаше во Фиренца. Ни неговиот коњ, ни спремата не му беа ништо подобри од тие на Форезе. Бидејќи беа стари, полека јаваа еден до друг, и така се случи, како што се случува често лете, да ги изненади по патот ненадеен дожд, па колку што можеа поскоро, се засолнаа во куќата на некој селанец, свој пријател и познат. По некое време, бидејќи изгледаше дека дождот нема да запре, тие, сакајќи уште дење да стигнат во Фиренца, посакаа од селанецот две стари гуни од груба аба и две шапки целите изабени од старост, зашто не најдоа ништо подобро и тргнаа на пат. Откако јаваа така некое време и добро накиснаа и се искалнија бидејќи коњитe ги испрскаа (тоа, да кажеме не го зголемува достинството на луѓето), времето се расчисти и тие по долго молчење фатија да разговараат. Господин Форезе, јавајќи и слушајќи го Џото, којшто беше извонреден раскажувач, почна да го загледува од глава до петици и гледајќи на него сè така безоблично и изветвено, а не гледајќи се себеси, почна да се смее зборувајќи: — Џото, да наидеме случајно на некој туѓинец што не те видел никогаш, мислиш ли дека би поверувал дека ти си најдобриот сликар на светот, како што си навистина? Џото му одговори спремно: — Господине, мислам дека би поверувал, ако, гледајќи во вас, поверува дека ја знаете азбуката! Кога го чу тоа, господин Форезе си ја сфати грешката и увиде дека Џото му врати мило за драго.
Новели за големите добродетелства
Во втората група раскази се оние каде се прикажани големите добродетелства, силните и издржливи луѓе, без разлика на сталежот на кој му припаѓаат. Такви се, на пример: „Маркизот од Салуцо“, „Приказна за соколот“ и др.
Маркизот од Салуцо
Во новелата „Маркизот од Салуцо“, издржливоста, покорноста и достоинството на сиромашната селанка Гризелда која ја зема за жена маркизот од Салуцо не може да се спореди со одликите на ниедна благородничка. Неговото изживување и искушување ја превршува секоја мерка (ѝ ги одзема децата, кои божем ги убива; по многу години ја брка од куќата велејќи ѝ дека ќе се жени за друга), но таа достоинствено истрпува сè. На крајот таа ја добива наградата - љубовта и почитувањето од својот маж и од сите луѓе.
Приказна за соколот
Во „Приказната за соколот“ , љубовта и достоинството го креваат главниот лик до совршенство. Неговата жртва за љубовта доведува на крајот до остварување на таа љубов, токму поради неговите добродетелства.
Имено, тука се раскажува за Федериго, синот на Филипо Албериги којшто живеел во Фиренца и кој бил ценет младич во Тоскана. Љубовта на Федериго спрема Џована, дама од благороден род, го бодрела да се бори во турнири, витешки игри за да ја придобие нејзината љубов. Додека постојано се расфрлал со богатството што го поседувал, многу повеќе одошто печалил, Џована не му обрнувала внимание и тој осиромашил. Поради сиромаштијата во која се нашол, тој се преселил во Кампи, на негов имот каде што ловел птици со неговиот сокол, како единствен начин да ја поднесува својата сиромаштија. Во меѓувреме, мажот на Џована умира, оставајќи ја сама со нивниот син. Така, вдовицата Џована, за време на летото, заминала со сина си на некој имот близу до Федериговиот. Момчето се спријателило со Федериго, заинтересирано за птици и кучиња, му се восхитувал на соколот. Но, ненадејно момчето се разблело, а негова најголема желба била да го поседува Федериговиот сокол. Сакајќи да ја исполни желбата на синот, верувајќи дека состојбата ќе му се подобри, Џована со тешко срце заминала во посета кај Федериго. Благодарна на Федериговата љубов, таа со пријателката посакала да ручаат во неговата куќа. Сиот радосен, Федериго заборавил на својата немаштија. Не сакајќи да бара од други, а бидејќи немал со што да ја понуди, го заклал соколот и ѝ го приготвил. Попладнето, Џована на укажана прилика, културно го замолила Федериго да му го подари соколот на син ѝ, објаснувајќи му ја тешката ситуација. Федериго го облеало силна тага бидејќи не можел да ѝ го подари соколот, зашто го приредил за ручек за да може да ја угости.