Речник на четири јазици — речник на македонски, албански, турски и грчки јазик што го напишал Ѓорѓија Пулевски, бил печатен во Државната печатница во Белград и издаден во 1873 година. Преводите на албански, на турски и грчки јазик се дадени со кириличен превод, па ова е една од ретките книги со кирилично претставување на албанскиот и турскиот јазик. Ова дело претставува ран обид на Пулевски да го документира и претстави македонскиот јазик во повеќејазична рамка, одразувајќи ја неговата посветеност на македонскиот јазичен и културен идентитет.

Опис Објавен во 1873 година во Белград, Србија, речникот е насловен како „Речник што опфаќа четири јазици“, но всушност вклучува пет. Содржи четири колони со објаснувања на зборови, при што една колона ги комбинира објаснувањата и на српски и на македонски јазик, заедно со други јазици (албански, турски и грчки, кои се застапени во областа).

Чистота на македонскиот јазик Она што остава особен впечаток во на лексиката во Четиријазичникот на Пулевски е неговата грижа за чистотата на јазикот. Во македонската јазична вертикала се среќаваат веќе подзаборавени македонски (словенски) лексеми кои стојат покрај соодветни туѓи лексеми (најчесто турцизми) кои ги среќаваме и денес во македонскиот јазик, особено во неговиот разговорен стил. Примери: постела, простирка (за душек), шареница (за ќилим), перница, подглавница (за јастук), ложник (за јорган), поклоп (за капак), т(о)лчило (за ќускија), печеница (за ќебап), род, плод (за бериќет), купувач (за муштерија), дрозден (за билбил), риза (за пешкир), димник (за оџак), струг (за ренде), зрно (за куршум), црпка (за кутлача), стега (за менгеме), петлица, петалка (за копче), пртеници (за чорапи), скорни (за чизми), скутина (за бовча, кецела, фута), легало (за кревет), промена, премена (за облека), низалка, низа (за ѓердан), житница (за амбар), ризинче (за марама), ластар, младина (за фидан).

Поврзано Речник од три јазика

Наводи

Категорија:Македонски јазик Категорија:Речници Категорија:Дела на Ѓорѓија Пулевски Категорија:Книги од 1873 година