Spandau Ballet (транскрипција: Спандау балеј) ― поранешна англиска поп-група основана во Лондон во 1979 година. Тие станале една од најуспешните групи од новоромантичната ера од британскиот поп и биле дел од Втората британска инвазија. Продале 25 милиони албуми и имале 23 хит-сингла во светски рамки.

Класичниот состав на групата го сочинувале: Гери Кемп на гитара, синтисајзер и придружен вокал, неговиот брат Мартин Кемп на бас, пејачот Тони Хедли, саксофонистот Стив Норман и тапанарот Џон Кибл. Гери Кемп бил и текстописец на групата. Врвот на популарноста групата го достигнала во 1983 година со албумот True и истоимениот водечки сингл. Во 2011 година песната добила BMI награда како една од најемитуваните песни во историјата на САД (четири милиони емитувања). Во 1984 година, групата добила „Брит“ награда за техничка извонредност. Во 1985 година, настапиле на добротворниот концерт Live Aid на стадионот Вембли.

Групата се распаднала во 1990 година поради несогласување за авторските права. Повторно се составиле во 2009 година и тргнале на светска турнеја. Во 2014 година, нивниот долгометражен документарен биографски филм, Soul Boys of the Western World, имал светска премиера на филмскиот фестивал SXSW во Остин.

Во 2017 година, Хедли ја напуштил Spandau Ballet, а како нов пејач бил ангажиран Рос Вилијам Вајлд."Band Return With Ross William Wild". spandauballet.com press release, 7 June 2018. Во мај 2019 година, Вајлд на Твитер објавил дека се повлекува од групата, а басистот на Спендау Мартин Кемп рекол дека групата нема да оди на турнеја додека Хедли не се врати во групата.

Историја на групата

1976–1982: Почетоци и први успеси Гери Кемп и Стив Норман (и двајцата гитаристи), во октомври 1976 година одлучиле да основаат група откако летото го следеле на настапот на Секс Пистолс во Ислингтон. На групата ѝ се придружиле Џон Кибл на тапани, Мајкл Елисон на бас и Тони Хедли како пејач. На почетокот свиреле побрзи верзии на песни од Ролинг Стоунс, Битлси и Animals.

Групата била наречена Cut. кога Мајкл Елисон си замина, а Стив Норман пополнуваше бас. По неколку месеци, Ричард Милер ја презел улогата на басист, но набрзо бил заменет со Мартин Кемп, брат на Гери. Во меѓувреме, Стив и Гери го ангажирале Стив Дагер како нивен менаџер, кој ќе стане дел од нивниот успех. Во 1977 година го смениле името во The Makers, а во 1978 година се прекрстиле во Gentry.

Инспирирани од новата лондонска андерграунд сцена во ноќните клубови во Сохо, групата го сменила музичкиот правец и ја прифатиле новата електронска музика. Нивниот пријател, писателот Роберт Елмс им предложил да го сменат името во Спандау балет, име кое го видел напишано на ѕид додека бил во Берлин: „Рудолф Хес, сам, танцува Спандау балет“.

Во 1981 година, групата потпишала договор со издавачката куќа Chrysalis Records и истата година го издале нивниот прв албум, Journeys to Glory. Албумот содржел претходно објавени хит-синглови „To Cut a Long Story Short“, „The Freeze“ и „Musclebound“.

Како одраз брзо еволуирачката клупска сцена групата повторно го променила музичкиот правец и го објавила фанк-синглот „Chant No. 1 (I Don't Need This Pressure On)“. Песната била водечки сингл од нивниот втор албум, Diamond.

1983–1989: Меѓународен успех Групата го издала третиот студиски албум, True, во март 1983 година. Тогаш Стив Норман почнал да свири саксофон во групата. Со песната „<i>True“</i> групата за прв пат се искачила на прво место на топ-листата за синглови во Велика Британија. Песната исто така била на прво место во Ирска и во Канада и во топ-5 во: САД, Холандија, Австралија, Нов Зеланд и Шпанија. Добила BMI награда како една од најемитуваните песни во историјата откако претходно ја надминала границата од четири милиони емитувања во САД, што е еквивалентно на 22 години континуирано свирење на песната.

Следниот сингл, „Gold“, стигнал до второ место во Обединетото Кралство и се пласирал во топ-5 во: Белгија, Ирска и Шпанија, а на групата ѝ донел статус на светски познати музичари.

Подеднакво успешен бил и нивниот следен албум Parade, издаден во јуни 1984 година. Сингловите од албумот повторно високо котирале на топ-листите во Европа, Океанија и Канада. Промотивниот сингл од албумот „Only When You Leave“ бил нивен последен успешен сингл во САД. Кон крајот на 1984 година, групата пеела на хуманитарниот сингл Band Aid заедно со соперниците на топ листите: Дуран Дуран, Culture Club и Wham!, а во 1985 година настапиле на стадионот Вембли како дел од Live Aid.

Истата година, Chrysalis Records без одобрение од групата го издала компилацискиот аллбум со најголени хитови The Singles Collection, кој се здобил со платинест статус. Групата покренала тужба против издавачката куќа.

По тешката парнична постапка со Chrysalis, Spandau Ballet во 1986 година потпишале договор со CBS Records и го издале нивниот петти студиски албум, Through the Barricades. Со продуцентот Гери Ланган, групата отстапила од поп и соул-елементите и создала стадионски рок-звук. Албумот и синглот „Fight For Ourselves“ биле популарни во Европа и во Австралија, но не и во САД.

По објавувањето на албумот Through the Barricades, браќата Кемп почнале да се занимаваат со глума и по три години, во 1989 година групата го издала следниот албум Heart Like a Sky. Албумот и неговите синглови не биле успешни во ОК и не бил издаден во САД. Сепак, групата и понатаму била успешна во Германија, Белгија, Италија и Холандија, каде што сингловите „Raw“ и „Be Free with Your Love“ се пласирале во топ-40.

1990–1999: Распаѓање Во 1990 година групата се распаднала порди несогласување околу авторските права. Хедли, Норман и Кибл покренале неуспешна судска тужба против Гери Кемп за дел од неговите авторски права.

2009–2019: Повторно обединување мини|Повторно составениот Spandau Ballet на настап на Берлинската модна недела во јануари 2010 година Групата, на прес-конференција одржана на 25 март 2009 година, објавила дека повторно ќе се состават и дека ќе започнат светска турнеја. Светската турнеја започнала во октомври 2009 година, со концерти во Ирска и во Велика Британија.

Во октомври, групата објавила нов албум, Once More, кој содржел преснимени стари хитови и две нови песни.

Spandau Ballet, како дел од светската турнеја, во април 2010 година биле на турнеја во Австралија заедно со Tears For Fears.

Во 2015 година групата била на уште една светска турнеја.

На 3 јули 2017 година, Тони Хедли ја напуштил групата поради, како што напишал на Твитер, околности вон негова контрола. Остатокот од групата објавил своја изјава во која објасниле дека Хедли во септември 2016 година јасно им ставил до знаење дека не сака повеќе да работи со групата и дека донеле одлука „да продолжат како група“.

На 6 јуни 2018 година, Spandau Ballet за нов пејач го промовирале Рос Вилијам Вајлд, кој претходно настапувал со Мартин Кемп во мјузиклот „Квартет од милион долари“.

На 23 мај 2019 година, Вајлд на Твитер напишал: „Официјално се откажав од групата @SpandauBallet за да се занимавам со сопствена музика со мојот бенд Mercutio“. Неколку часа подоцна Мартин Кемп бил гостин во емисија на ITV и рекол дека Spandau нема да оди на турнеи „додека Тони [Хедли] не се врати во групата“.

Членови

Џон Кибл – тапани, удирачки инструмени, придружен вокал (1979–1990, 2009–2019) Гери Кемп – главна гитара, клавијатури, синтисајзери, пијано, придружен вокал (1979–1990, 2009–2019) Мартин Кемп – бас гитара, гитара, придружен вокал (1979–1990, 2009–2019) Стив Норман – саксофони, дувачки синтисајзер, гитара, удирачки инструменти, клавијатури, придружни вокали (1979–1990, 2009–2019) Тони Хедли – водечки вокал, клавијатури, синтисајзери, удирачки инструменти (1979–1990, 2009–2017) Рос Вилијам Вајлд – водечки вокал (2018–2019)

Дискографија

Journeys to Glory (1981) Diamond (1982) True (1983) Parade (1984) Through the Barricades (1986) Heart Like a Sky (1989) Once More (2009)

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Музички групи од Лондон Категорија:Англиски поп-групи Категорија:Добитници на Британски музички награди Категорија:Англиски синт-поп групи Категорија:Англиски новобранови групи Категорија:Музички групи основани во 1979 Категорија:Музички групи возобновени во 2009 Категорија:Музички групи распаднати во 1990 Категорија:Музички групи распаднати во 2019 Категорија:Британски соул-групи Категорија:Музички групи основани во 1979 година