Крсто Ставриќ ― аптекар и универзитетски професор по аналитичка хемија на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Животопис Роден на 17 април 1893 година во Битола. Во Битола во 1913 година, тој ја завршил грчката класична гимназија, а во 1914 година, и српската. Како гимназијалец работел како аптекарски помошник, што било предуслов за да се запише на Фармацевтскиот факултет во Константинопол. По избувнувањето на Првата балканска војна, ги прекинал студиите и се вратил во Битола. Од 1914 до 1917 година, тој бил аптекарски помошник, во битолската и солунската воена болница. Поради доброто познавање на странски јазици (турски, грчки, француски, германски, српски, руски и други) бил и воен толкувач (во Солун и Марсеј), што му послужило како препорака за добивање стипендија и му овозможило да се запише (во 1917 година) на студии на Фармацевтскиот факултет во Женева. Напоредно, тој студирал и на Филозофскиот факултет (хемија, физика и минералогија). Во 1920 година, тој го завршил Фармацевтскиот, а во 1921 година, и Филозофскиот факултет, здобивајќи се со титулата магистер по фармација и доктор по хемија (насловот на тезата му е Nouvelles syntheses de pyrimidines („Нови синтези на пиримидини“).
По враќањето од Швајцарија, како шеф на лабораторија во Белград, со професор Ѓаја, тој работел на полето на токсикологијата, броматологијата и биохемијата. Во 1923 г. бил назначен за шеф на лабораторијата и аптеката при Скопската окружна болница, а во 1925 година, по добиената концесија, ја отворил својата аптека со хемиска лабораторија „Нада” со која раководител до 1948 година, и во која произведувал неколку свои патентирани лекарства (цефалин, раствор за лекување на изгореници, и резовит, маст против егземи). За потребите на сопственото производство на рицинусово масло, го финансирал садењето на рицинус.
На Природно-математичкиот факултет стапил на работа во 1948 година, како предавач, а во 1952 година, тој бил избран за доцент по аналитичка хемија. Неговите студенти се сеќаваат на д-р Крсто Ставриќ како на неповторлива жива енциклопедија на најразлични методи и постапки за квантитативни аналитички определувања, како на човек кој средствата од својата аптека несебично му ги ставал на располагање на тукушто формираниот Хемиски институт и кој со своето знаење, луцидни идеи и вешти раце успеал да ја приспособи зградата на Гази Баба, инсталациите и лабораториите во неа на потребите за изведување практична настава по хемија.
Макар што во најголемиот дел од својот животен век работел како аптекар, секогаш го привлекувала и лабораториската и научната работа. Пред Втората светска војна, резултатите од својата работа ги објавувал во „Аптекарски гласник“ и во други списанија. Во последните години од животот работел врз примената на Бернулиевиот закон за определување на водата, екстракцијата на никотинот и слично. Во 1956 година, во Љубљана работел на подрачјето на силикатната хемија и вршел анализи на македонските глини со диференцијално-топлинска и спектрографска анализа.
Настрадал во сообраќајна несреќа на 7 јули 1960 година.
Наводи
Категорија:Родени во 1893 година Категорија:Починати во 1960 година Категорија:Луѓе од Битола Категорија:Починати во Скопје Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Македонски фармацевти Категорија:Македонски хемичари Категорија:Македонски публицисти Категорија:Југословенски универзитетски професори Категорија:Југословенски хемичари Категорија:Југословенски публицисти Категорија:Сообраќајни несреќи во Македонија