Градски парк — јавен парк во Битола, најголем парк во градот. Неговата површина изнесува околу 92.000 квадратни метри.

Местоположба Паркот од исток е ограничен со улицата Македонска фаланга, од запад со шеталиштето, од север со улица Партизанска и од југ со улица Курдерес.

Историја Првичната идеја, што била родена во почетокот на 1913 година, била таму да се подигне јавен парк со неколку придружни објекти, кои ќе говорат за случувањата и храброста на српската војска во Првата балканска војна особено за Битката за Битола и жртвите што биле дадени тогаш. Откако, пак, идејата не се остварил, дел од тој простор нешто подоцна послужил за времено сместување на муницијата што се прибирала од полето и од ридовите од Првата светска војна (Отвореното џепане), а помал дел се отстапил за спортски објекти.

Идејата повторно се актуализирала по повеќе од една деценија, а нејзината реализација почнала во 1928 година, па имало раздобја на затајувања и раздобја на работа, но најгорливиот проблем, наводнувањето, бил решен дури во 1934 година со ископ на првиот бунар и инсталација на првата пумпа.

Наскоро паркот станал градска институционална грижа, па, почнувајќи од 1938 година бил основан и посебен отсек („отсек за паркови“) кој му припаднал на Техничкото одделение.

Направена биле и 4 украсни официјални влезови по 2 од западната и источната страна и денес се привлечни. Во ист стил бил изведен и јавниот клозет, кој бил подигнат од страната на Железничката станица. Наскоро и патот од страната на касарните до „Царинарницата“ бил уреден како коловоз со две пешачки патеки со бетон, оттаму и новото негово име што му го дале граѓаните - „Бетоно“. Во 1934 година паркот добил и службено име „Вудро Вилсон“, како посебно признание на овој американски претседател за придонесот во Првата светска војна и за неговите заложби за Европа по војната.

Во текот на 1939 година биле посадени нови високостеблести и нискостеблести растенија (костени, ружи и шимшири), како и повеќе видови украсни цвеќиња. Средишната патека била посипана со песок, со што на паркот му се дало и сосема ново руво. Во 1940 година биле поставени 30 клупи.

Одржувањето на паркот продолжило и по ослободувањето. Имало желба и најмладите да добијат свое катче каде ќе се забавуваат, образуваат и ќе врват дел од своето време, па еден дел бил уреден за деца („Пионерско игралиште“). Игралиштето располагало со еден хектар површина, било оградено со украсна ограда, имало мало ритче со изведени поточиња, имало многу играчки, а низ него биле поставени и големи сликарски платна од битолските уметници Тоде Ивановски и Менде Ивановски, додека врз двата влезни столба биле поставени вајарски дела на пионер и пионерка. Образец му биле сличните паркови во Скопје, Белград, Загреб и Љубљана.

Споменици Од двете страни на шеталиштето поставени се бисти на учесници во НОБ: Блаже Димитровски Богоја Фотев Борис Стрезовски Димче Хаџипоповски Елпида Караманди Фана Кочовска Мирка Гинова Христо Христовски Јонче Мурџевски Јосиф Христовски Панде Кајзеро Киро Дандаро Кочо Десано Коле Канински Коле Лачето Мордо Нахмијас Пецо Божиновски Славко Лумбарковски Сотир Брбевски Стерјо Ѓорѓиевски Стево Патако Таки Даскало Трајан Белев Трајче Магловски Вангел Мајоро Вангел Нечевски

Во паркот, од страна на североисточниот влез, на местото на убиството на Александар Ростковски (1860 - 1903), руски конзул во Битола, убиен од османлиски стражар за време на Илинденското востание во август 1903 година, поставен е споменикот Руски крст.

Наводи

Поврзано Градски парк Руски крст (Битола)

Надворешни врски

Категорија:Паркови во Македонија Категорија:Знаменитости во Битола