Македонска студентска организација во Словенија или МСОС () — здружение на македонски студенти кои студираат во Словенија. Регистрирана е со седиште во Љубљана, во Централниот регистар на АЈПЕС на 9 септември 2024 година. Организацијата е основана со цел да ги поврзе, застапува и поддржува македонските студенти во академскиот, социјалниот и културниот живот во Словенија.

Иако била регистрирана во 2024 година, организацијата започнало со нејзиното делување како студентска иницијатива уште во септември 2022 година, кога се организираат првите активности насочени кон заедништво и помош на студентите. Од своето постоење до денес, организацијата активно функционира преку ограноци во четири универзитетски центри: Љубљана, Марибор, Приморска и Нова Горица, каде што живее и студира најголемиот број на македонски студенти.

Историја Идејата за создавање на МСОС произлегла во август 2022 година, како одговор на потребата за поддршка на македонските студенти кои студираат во Словенија. Недостигот од организирана логистичка, културна и институционална помош довел до формирање на неформална иницијатива, која во септември истата година започнува со првите координации и активности.

Првиот јавен настан се одржал на 8 октомври 2022 година, со поддршка од Заводот „Студентски кампус“ под раководство на Студентската организација при Универзитетот во Љубљана и присуство на повеќе од 500 гости. На настанот биле поканети и тогашниот претседател на Сојузот на македонски културни друштва во Словенија, Благоја Настески, и тогашната амбасадорка на Македонија во Словенија Сузана Зеленковска. По успехот на настанот, најангажираните доброволци продолжиле со редовни состаноци и го формираат координативното тело на организацијата. Во ноември 2022 г. се дефинирала целта и иницијалната структура, што води кон создавање на основачкиот тим. Овој тим бил составен од: Кристијан Поповски, Бисера Николовска, Марија Коштревска, Ангел Наумов, Стефан Ѓуровски, Ксенија Краљевска, Александар Балковски, Киара Лазиќ, Евгенија Коловска, Дијана Димковска, Марко Арсов и Христијан Богдановски.

На 5 март 2023 година, здружението се појавува јавно како студентска иницијатива и почнува активно да привлекува нови членови, особено од универзитетските центри во Љубљана, Марибор и Приморска, каде се формираат нови кадри. Во мај 2024 година, организацијата се проширила во Нова Горица, со што се воспоставува покриеност во сите четири главни градови каде студираат македонски студенти во Словенија.

Во текот на 2023 и 2024 година, МСОС организирала различни студентски собири, културни вечери, спортски турнири, јавни собири, доброволни и хуманитарни настани и учествувала на значајни настани. Паралелно се развила и мрежа на партнерства со универзитети, амбасади, институции и компании.

Покрај јавните настани, МСОС постојано предложува и спроведува средби со релевантни чинители од Македонија и Словенија, вклучувајќи претставници на владата, собранието, универзитетите, министерства, агенции, дипломатски претставништва, други организации и медиуми, со цел да се унапреди статусот и условите за македонските студенти во Словенија. Преку oвие активности, организацијата се претставила како значаен чинител и глас на студентската дијаспора и посредник во унапредување на институционалната соработка меѓу двете држави.

На 9 септември 2024 година, МСОС бил регистриран во Централниот регистар на здруженија на Република Словенија (АЈПЕС). Со тоа, организацијата стекнува можност за официјална соработка со институции и носење на проекти во сопствено име. Меѓу најзаслужните за развојот на организацијата и доведувањето до моментот на регистрација се Леа Јаначковска, Ангел Наумовски, Марија Коштревска, Моника Велинова, Васил Ханџиски, Марко Арсов и Кристијан Поповски.

Наводи

Категорија:Студентски организации Категорија:Македонска дијаспора Категорија:Здруженија на граѓани Категорија:Организации во Словенија Категорија:Македонци во Словенија Категорија:Македонски организации во дијаспората