Иван Георгиев Абаџиев (Плевна, – Пловдив, ?) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација.
Животопис Абаџиев е роден на 5 септември 1865 г. во село Плевна, Драмско, тогаш во Отоманското Царство, денес во Грција. Во септември 1896 г. дал заклетва на ВМОРО и станал благајник на револуционерниот комитет во Плевна до 15 мај 1903 г. На 6 ноември 1901 година, по убиството на најистакнатиот гркоман во селото, Атанас Балабанов, тој бил уапсен и претепан во Драмскиот затвор. Ослободен е по 35 дена. На 15 мај 1903 година, по Битката кај Баница и смртта на Гоце Делчев, властите претресле многу куќи во Плевна и ја откриле архивата на месниот револуционерен комитет. Абаџиев повторно бил уапсен, претепан и испратен во Драмскиот затвор, од каде по 40 дена бил испратен во Солун. Од воениот суд бил осуден на три години затвор и затворен во Еди-куле. Тој бил ослободен со општата амнестија на 1 април 1904 г. На 18 јуни 1906 г. повторно e затворен за 15 дена во Драма. На 20 март 1907 година, по убиството на гркоманот Коста Ангелов (Кочо Мана), Абаџиев повторно бил уапсен и претепан во Драмскиот затвор, каде што поминал уште 15 дена.
На 21 октомври 1912 г., Плевна била запалена од поразената отоманска армија која се повлекувала и од башибозукот. Куќата на Абаџиев исто така била запалена, а тој бил заробен, но успеал да избега за време на масакрот на месните водачи. Откако Плевна паднала под грчка власт следната година, Абаџиев со неговото семејство избегал во Бугарија.
Наводи
Категорија:Дејци на ВМОРО Категорија:Македонски револуционери Категорија:Македонски преселници во Пловдив