Galanthus plicatus — вид цветно растение од семејството Amaryllidaceae, по потекло од источна Европа и западна Азија. Тоа е луковично тревно повеќегодишно растение кое цвета напролет.
Опис Galanthus plicatus расте до околу 15 сантиметри во висина. Листовите му се синкави или сивкасто зелени, пошироки од оние на многу други видови Galanthus, до 2 сантиметри во ширина. Рабовите на листовите се превиткани назад од горната површина на листот. Белите цветови се појавуваат многу рано напролет, и се меѓу првите растенија што цветаат. Тие имаат шест бели тепали. Надворешните три се сите бели, 2-3 сантиметри долги, а внатрешните три се пократки и засечени, со зелена ознака над засекот, која често се протега и подалеку од средината на тепалот. Во G. plicatus subsp. byzantinus, внатрешните тепали исто така имаат зелена ознака во основата.
Таксономија Galanthus plicatus првпат бил опишан од германскиот биолог Фридрих Маршал фон Биберштајн во 1819 година. Во 1893 година, Бејкер го опишал Galanthus byzantinus од северозападна Турција како посебен вид, кој се разликува по тоа што поседува зелени ознаки во основата, како и на врвот на внатрешните три тепали. Сега обично се третира како подвид на Galanthus plicatus.
Подвидови Се препознаваат два подвида:
Galanthus plicatus subsp. byzantinus (Baker) D.A.Webb – северозападна Турција Galanthus plicatus subsp. plicatus – низ целиот ареал на распространетост на видот.
Распространетост и живеалиште Galanthus plicatus се јавува од источна Европа (Романија, Украина и Крим) преку Турција до северозападен Кавказ. G. plicatus subsp. plicatus се среќава низ целиот ареал на видот, G. plicatus subsp. byzantinus само во северозападна Турција. Видот расте во шуми и грмушки, обично во сенка.
Наводи
Категорија:Флора на Романија Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Европа Категорија:Кокичиња