Велепоседнички дом Ново Цеље ― барокен велепоседнички дом сместен во населеното место Ново Цеље на рамнина југоисточно од Жалец во Долносавињската Долина, јужно од регионалниот пат Цеље -Жалец. Опкружен е со парк. Со својот зачуван првобитен изглед и урбан дизајн од средината на 18 век, тој е сметан за врвот на барокната уметност во Словенија.
Зградата е во основа на три ката, со меѓукат (мезанин) помеѓу приземјето и пијано нобилето и уште еден кат со особина на мезанин над пијано нобилето. Главната фасада со тринаесет редови и три ризалити е свртена кон север. На приземјето на средишниот, триреден рисалит се наоѓа главниот портал, кој со полукружен завршеток достигнува до првиот мезанин. Средишниот ред на јужната фасада носи масивен пиедестал од часовна кула. Средишниот дел од зградата е свечена сала со луксузен мебел во пијано нобилето.
Имотот е во сопственост на Општина Жалец од 1995 година и е наменет за културни и други настани. Општината ја обновила влезната сала и капелата и реставрирала дел од штукото, но ги извршува само најнеопходните работи за одржување на остатокот од зградата. Во моментов нема планови за потемелно обновување.
Историја Домот Ново Цеље била нарачана од Антон гроф Гајсрук, доверлив човек и дворски службеник на тогашната царица Марија Терезија, кој го купил имотот на Прунберг (Плумберг) во 1752 година. Постоечката куќа била во лоша состојба, па затоа ја срушил и напоредно изградил нова. Плановите ги изработил архитектот Матија Перски, изградбата ја водел мајсторот-градител Ловренц Прагер, а бројни уметници учествувале во изградбата и опремувањето. Нарачателот ја изградил како преставително селско живеалиште што ќе го илустрира неговиот општествен статус, но притоа ги надминал своите финансиски можности и се задолжил. Од различни причини, изградбата била одложена барем до 1763 година. Ниту нарачателот ниту архитектот не доживеале да ја видат изградбата, бидејќи починале на почетокот на 1760-тите, по што братот на Антон, Јанез Карел гроф Гајсрук, ја наследил зградата и долговите. Тој продолжил да ја опремува куќата до својата смрт во 1770 година.
Во првата половина на 19 век, семејството Гајсрук осиромашило, по што имотот неколку пати ги менувал сопствениците. Некое време, бил во сопственост на Јожеф Лудвик Хаусман, а неговата ќерка Фани Хаусман, првата словенечка поетеса, исто така живеела во куќата во тоа време. Во 1842 година, Јожеф Лудвик Хаусман поставил златен крст на раскрсницата каде што пристапниот пат до куќата се разгранува од регионалниот пат Жалец-Цеље. Златниот крст бил обновен во 2006 година.
Подоцна, на неговиот имот, бил одгледуван хмељ, по примерот на јужната германска покраина Баден-Виртемберг, што претставувало почеток на одгледувањето хмељ во Словенија. Во 1930 година, сопственоста преминала на Дравската Бановина, која го претворила домот Ново Цеље во душевна болница. Претходниот сопственик, баронот Туркович, веќе го продал поголемиот дел од инвентарот, а за време на пренамената, голем дел од богатиот мебел од зградата бил отстранет, од кој дел завршил во Народниот музеј.
За време на Втората светска војна (јуни 1941 година), германската армија земала пациенти од душевната болница и ги ликвидирала во гасни комори во Хартхајмовиот замок. во близина на Линц, и ја претвориле куќата во болница за свои потреби. Општина Жалец го одбележала овој настан со спомен-плоча на влезот. По војната, зградата била дом и на разни здравствени установи, а во 1983 година ја презела организацијата „Хмезад Агрина“ - Жалец, од која во 1995 година, била купена од Општина Жалец, која постепено ја реставрира од тогаш. Во 1998 година, таа била прогласена за споменик на културата од месно значење.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Барокна архитектура во Словенија Категорија:Ново Цеље Категорија:Згради и градби изградени во 1763 година Категорија:Велепоседнички домови во Словенија Категорија:Недвижни споменици од месно значење на Општина Жалец