Sempervivum kosaninii — вид чуваркуќа () опишан од Роберт Лојд Прегер. Тој припаѓа на фамилијата Crassulaceae.

Опис и распространетост Sempervivum kosaninii е повеќегодишно тревесто растение, со месести листови во розета и со дебели столони долги до 12 см. Листовите во розетата се ретко распоредени. Розетата има дијаметар од 6–8 см. Цветното стебло достигнува 20 (до 30) см висина, густо покриено со жлездести влакна, со бројни преклопени листови. Листовите на розетата се густо покриени со жлездести влакна од двете страни, темнозелени со црвенкави врвови, обратнојајцевидно-копјести, долги 15–30 мм и широки 7–9 мм, со кратко заострен шилест врв; рабовите имаат двојно подолги жлездести влакна. Стеблените листови се долги до 40 мм, речиси идентични со розетните, но најгорните постепено се заоструваат кон врвот. Цветовите се составени од 12–14 делови, речиси приседнати, групирани во цимозни гранчиња со врв свиткан во форма на срп. Чашкините ливчиња се зелени, густо покриени со жлездести влакна, копјести до теснокопјести, долги 4–5 мм, со остро завршен врв. Венечните ливчиња се црвени или пурпурни, понекогаш со бели рабови, долги 10–12 мм, тесни и постепено преминуваат во долг шилест врв; надворешната страна и рабовите се густо покриени со жлездести влакна. Прашниците се покуси од венечните ливчиња; филаментите се розови или пурпурни, долги 6–7 мм, голи или со ретки жлездести влакна; антерите се темнорозови до темновиолетови. Плодните мешунчиња се долги 6–7 мм, со ретки жлездести влакна; столпчето е долго 1,5–2 мм.

Цветниот период е јули.

Расте во Македонија на варовнички каменливи терени. Распространет на Шар Планина, Кораб, Бистра и во Горна Радика – Аџина Река. Систематика Првиот опис на Sempervivum kosaninii од Роберт Лојд Прегер бил објавен во 1930 година. Името на видот е дадено во чест на српскиот ботаничар и професор од Белград, Недељко Кошанин (1874–1934). Галерија

Литература

Наводи

Надворешни врски Фотографии на Sempervivum kosaninii

Категорија:Чуваркуќа (род) Категорија:Флора на Македонија Категорија:Ендемски видови во Македонија