Trifolium spadiceum — вид на детелина опишано од Карл Линеј. Домородниот опсег на растението е од Европа до Западен Сибир и Иран.
Опис Растението е едногодишно или двегодишно, високо 20–40 см. Стеблото е исправено, неразгрането или слабо разгрането, месесто и покриено со прилегнати и нагоре свртени влакна. Најгорните листови се исправени. Листовите се клинесто-обратнојајцевидни до долгнавесто-обратнојајцевидни, долги до 25 мм. На долната страна, по средната жила, и по работ имаат ретки исправени влакна, а горната половина од работ е ситно назабена, додека долната половина е цела. Лисните дршки се долги колку листната плочка или подолги од неа и се покриени со прилегнати влакна. Прилисниците се долгнавесто-копјести, заострени на врвот и обично се подолги од половината на лисната дршка.
Соцветијата се густи, цилиндрични, долги до 20 мм и се поединечни или по две на стеблото. Цветните дршки се исправени и подолги од соодветниот пазувен лист. Цветовите се многубројни. Чашката е мала и кремаво обоена. Нејзиниот трубест дел е долг околу 0,75 мм, а долните запци се трипати подолги од горните. Запците се линејно-шиловидни и покриени со долги влакна.
Венчето е жолто, кожесто и долго околу 6 мм, а по прецветувањето станува кафеаво. Барјачето е јајцевидно и подуено, со плитки надолжни бразди на површината. Плодот е мешунка која е околу четири пати подолга од столпчето.
Распространетост во Македонија Trifolium spadiceum расте по влажни планински ливади, блата и потоци на надморска височина до 1600 метри. Растението се среќава на планината Бистра и во околината на Маврово во селото Врбен.
Наводи
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Детелина Категорија:Флора на Иран