Паско Д. Пармак (понекогаш Пармаков или Пармаковски) (Охрид, 1875 – Охрид, 29 јануари 1950) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација.
Животопис мини|Првата молба за илинденска пензија на Паско Пармаков, 25 декември 1945 г. Роден е во 1875 г. во градот Охрид, тогаш во Отоманското Царство. Стапил во ВМОРО заедно со својата сопруга Марија и работел како курир. Нивниот дом станал револуционерен центар. Пармак ги криел четниците и оружјето донесено од Поградец во својата куќа. Во неговиот дом била основана и работилница за патрони и се шиела облека за четниците. Прекар на неговата сопруга бил Марија Автономија. Тој бил присутен на убиството на Наум Чакаров додека носел оружје. Никола Русински напишал за семејството: „Пармакови немаа деца, жена му се викаше Марија, двајцата беа добри работници на Организацијата“. Со избувнувањето на Илинденското востание, Пармак станал нелегален и влегол во четата на војводата Арсен во Преспа, а потоа во четата на Христо Узунов, со кого учествувал во битката кај Рашанец. По востанието бил легализиран со општата амнестија од 1904 г.
По воспоставувањето на српска власт во Охридско во 1912 година, Паско и Марија Пармакови лежеле една година затвор поради тоа што се изјаснувале како Македонци.
За време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, Паско поднел молба за бугарска народна пензија, но пред да добие одговор на барањето, окупаторската војска веќе се повлекла од регионот. На 25 декември 1945 година, како жител на Охрид поднел молба за илинденска пензија. На 19 февруари 1946 г. поднел втора молба, која му била одобрена. Негови сведоци биле Коста Стефчев, Танас Банџов, Лев Огненов, Владимир Пирузе, Климе Садило и Панде Поп Стефанов.
Починал на 29 јануари 1950 г. во родниот град. По неговата смрт, на 20 февруари 1951 г. неговата вдовица Марија (р. 1880) исто така поднела молба за илинденска пензија. Пензијата ѝ била доделена во месечен износ од 1.000 динари.
Галерија
Наводи
Категорија:Македонски револуционери Категорија:Дејци на ВМОРО Категорија:Добитници на Илинденска пензија