Hippocrepis glauca — вид на повеќегодишно тревесто растение од родот Hippocrepis од фамилијата бобови опишан од Микеле Теноре во 1811 година. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Hippocrepis glauca е повеќегодишно тревесто растение, 25–40 см високо, од основата разгрането. Стебленцата се во основата лачно искривени, потоа вертикални, со слабо изразени надолжни ребра и со ретки, куси, прилегнати влакна. Листовите се непарно-перести, со 4–7 пара ливчиња; прилисниците широко-копјести, по работ со густи куси влакненца; лисните дршки кај базалните листови долги, а кај погорните многу покуси; ливчињата линејни до обратно-јајцевидни, 5–10 мм долги и 1–3 мм широки, на врвот тапи или слабо заострени, на горната страна голи, а на долната со густи прилегнати влакна.
Соцветијата се со 4–8 цветови, кои се расперени или висат надолу; дршката на соцветието со ретки прилегнати влакна по површината, 3–4 пати подолга од пазувниот лист; цветните дршки со густи прилегнати влакна, покуси од чашката. Чашката е 4–5 мм долга, ѕвонеста, со прилегнати влакна и слабо двоусна; двете горни запчиња тесно-триаглести, околу 1,5 мм долги, двете странични триаглести, околу 1,7 мм долги, а долното запче околу 2 мм долго. Венчето е жолто, 9–12 мм долго; барјачето обратно-јајцевидно-елиптично, 5–6 мм долго, во долниот дел одеднаш стеснето во 2,5–3 мм долг клиновиден дел, сличен на дршка; крилцата обратно-јајцевидно-елиптични, 9–10 мм долги; лаѓичката 2 мм покуса од крилцата, со заострен клуновиден врв.
Мешунката е 30–40 мм долга и 1–2 мм широка, на врвот со срповидно свиткан клун, а членчињата срповидно искривени и по површината со бели папили.
Распространетост во Македонија Hippocrepis glauca расте по варовнички камењари во низинските предели, а поретко во планините. Се среќава на Водно и над селото Нова Брезница во Скопје; селата Орашац и селото Пчиња кај местото „Краста“ во Куманово; клисурата на реката Пчиња; планината Јакупица; Велес кај историското селото Мушанци и помеѓу селата Уланци и Енешово; Прилеп кај Сивец, Козјак и селото Витолиште (Мариовско) кај „Гола Скрка"; планината Бистра; планината Галичица и во Битола кај селото Старавина под планината Змејца.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Hippocrepis Категорија:Растенија опишани во 1811 година