Воведение на Пресвета Богородица — главна манастирска црква на Карпинскиот манастир во кумановското село Орах, Македонија.
Местоположба
Манастирската црква се наоѓа во североисточниот дел на атарот на селото Орах, од кое е оддалечено 2-3 километри. До нејзе води земјен пат, кој во поново време е обновен со нов макадам.
Историја
Црквата била изградена или обновена во XVI/XVII век, заедно со еднокорабната припрата и се претпоставува дека тоа било направено на темели од постара црква од XIV век.
Во 1987/88 година било извршено препокривање на конхите и тремот со нови ќерамиди и изработка на дренажен канал. Во 2020/21 година пак биле вградени гипсени транзени на прозорските отвори од трите конхи и прозорските отвори на јужниот ѕид.
Архитектура
Градбата претставува комбинација на триконхос и еднокорабна црква, чија олтарна ниша и нишите на јужниот и на северниот ѕид од наосот, од надворешната страна имаат ниска квадратна форма. Истата е во задоволителна состојба.
Кон крајот на XIX век на западната страна од црквата е изграден отворен трем.
Фрескоживопис
Во внатрешноста зачуван е живопис од два периоди: Стариот живопис е зачуван во првата и втората зона од источниот, јужниот и северниот ѕид од наосот и во издолжената ниша на западниот ѕид од припратата. Истиот потекнува од времето на изградбата на црквата (крај на XVI или почеток на XVII век). Истиот бил откриен и презентиран со делумно реализираните конзерваторски работи (ноември-декември 2009), кои се темелат на конзерваторските истражувања од ноември 2007 година. Во фасадната ниша над јужниот влез во припратата е зачуван стар живопис со остатоци од преслика. Новиот живопис застапен во сводот од наосот е од времето на обновата на манастирската црква (крај на XIX век). На западната фасада од припратата живописот е од 1899 година. Автори на дел од овие фрески се браќата зографи Петар и Атанас Николови од Велес.
Од првиот слој фрески сочувани се ликовите на Свети Теодор Тирон и Свети Теодор Стратилат во северната, а Богородица со Христос во јужната конха.
Состојбата на ѕидното сликарство е лоша, бидејќи започнатите конзерваторски работи не биле довршени.
Икони и иконостас
На дрвениот иконостас со скромен изглед се поставени мајсторски изработените икони, меѓу кои се осумте празнични икони од крајот на XVI век и почетокот на XVII век. По своите уметнички вредности се изделуваат композициите на Големите празници.
Иконостасот потекнувал од XVI-XVII век и на него биле сочувани царските двери изработени од плитка резба, но денес се заменети со обични дрвени вратички.
Царските двери биле изработени во плитка резба со изворна плетеница карактеристична за XVI-XVII век. Доминирале мотиви изведени во резба, при што во најгорните делови на двете крила имало по една розета, додека во долните половини од крилата се двоглави орли изведени во медалјони, а врз останатите делови е сплет од плетерна стилизирана орнаментика со изведени кругови. Првобитно дверите биле гипсирани и позлатени.
Од престолните икони на иконостасот сочувана е првобитната икона на Света Богородица со Христос, која се чува во Музејот на Македонија, додека другите престолни икони биле уништени при пожар на црквата.
Галерија
Поврзано Кумановско-кратовско архијерејско намесништво Карпинско-жегљанска парохија Орах
Наводи
Надворешни врски
Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија
Орах Категорија:Карпински манастир