Господарот на прстените: Дружината на прстенот () — авантуристички филм во жанрот епска фантастика од 2001 г., седми долгометражен филм во режија на Питер Џексон, снимен според сценариото на Френсис Волш, Филипа Бојенс и Џексон, заснован на Дружината на прстенот од 1954 г., првиот дел од романот Господарот на прстените од Џ. Р. Р. Толкин. Филмот е првиот дел од филмската трилогија Господарот на прстените. Во него настапува значајна глумечка екипа, меѓу кои се Елајџа Вуд, Ијан Макелен, Лив Тајлер, Виго Мортенсен, Шон Астин, Кејт Бланчет, Џон Рис-Дејвис, Били Бојд, Доминик Монаган, Орландо Блум, Кристофер Ли, Хјуго Вивинг, Шон Бин, Ијан Холм и Енди Серкис.
Дејството на филмот се одвива во Средната Земја. Приказната раскажува за темниот господар Саурон, кој го бара Прстенот на моќта, во кој е заробен дел од неговото владеење, со цел да си ја врати власта. Прстенот го наоѓа патот до младиот хобит Фродо Багинс. Судбината на Средната Земја е неизвесна кога Фродо и неговите осум сопатници (кои ја сочинуваат Дружината на прстенот) започнуваат опасно патешествие кон Судбинската Планина во земјата Мордор, единственото место каде што прстенот може да биде уништен. Филмот бил финансиран и распределен од американското студио New Line Cinema, но бил целосно снимен и монтиран во матичната земја на Џексон, Нов Зеланд, истовремено со другите два дела од трилогијата.
Премиерата на филмот се одржала на 10 декември 2001 г. во киното Odeon Luxe Leicester Square во Лондон, а во кината се појавил на 19 декември во Соединетите Држави и на 20 декември во Нов Зеланд. Филмот наишол на одлични приеми кај критичарите и публиката, кои го сметале за пресвртница во кинематографијата и врвно достигнување во жанрот на филмската фантастика. Добил пофалби за визуелните ефекти, глумата, режијата на Џексон, сценариото, музиката и верноста кон изворниот материјал. Ширум светот заработил повеќе од 868 милиони долари за време на неговото првично прикажување во кината, со што станал втор најгледан филм за 2001 г. и петти најгледан филм на сите времиња во периодот кога излегол. Преку подоцнежните прикажувања, заклучно со 2024 г., заработката надминала 887 милиони долари. Како и неговите продолженија, филмот е прогласен за едно од најдобрите и навлијателни остварувања во историјата на филмот. Филмот освоил бројни награди; на 74. церемонија на доделување на наградите „Оскар“ бил номиниран во тринаесет категории, меѓу кои и за Најдобар филм, а победил во категориите Најдобра кинематографија, Најдобра шминка, Најдобра музика и Најдобри визуелни ефекти.
Во 2007 г., Американскиот филмски институт го прогласил за еден од 100-те најдобри американски филмови во историјата, со што бил и последниот и единствениот филм снимен во XXI век што се нашол на тој список. Во 2021 г., филмот бил избран за зачувување во Националниот филмски регистар на САД од страна на Библиотеката на Конгресот како остварување со „културна, историска или естетска важност“. Двете продолженија, Двете кули и Враќањето на кралот, излегле во 2002 и 2003 г. соодветно.
Содржина
Во втората епоха на Средната Земја, владетелите на вилениците, џуџињата и луѓето добиваат прстени на моќта. темниот господар Саурон — припадник на Мајарите — тајно го кова Единствениот прстен во Судбинската Планина, вложувајќи во него значителен дел од својата моќ за да ги потчини другите прстени и да ја освои Средната Земја. Последниот сојуз на луѓето и вилениците се бори против силите на Саурон во Мордор. Исилдур од Гондор му го отсекува прстот на Саурон, а со него и прстенот, со што го победува Саурон и го сведува на духовен облик. Со првиот пораз на Саурон започнува третата епоха на Средната Земја. Влијанието на прстенот го расипува Исилдур, кој го зема за себе и подоцна загинува од рацете на орките. Прстенот бил изгубен во река 2.500 години, сѐ додека не го нашол Голум, кој владеел со него повеќе од четири и пол векови. На крајот, прстенот го напушта Голум, а потоа го наоѓа хобитот по име Билбо Багинс, кој не знае ништо за него.
Шеесет години подоцна, Билбо го слави својот 111. роденден во Шир, повторно среќавајќи се со својот стар пријател, волшебникот Гандалф Сивиот. Билбо го напушта Шир заради последното приклучение и го остава своето наследство, вклучувајќи го и прстенот, на својот внук Фродо Багинс. Гандалф го проучува прстенот, ја открива неговата вистинска природа и дознава дека Голум бил фатен и мачен од орките на Саурон, при што за време на испишувањето изговорил само два збора: „Шир“ и „Багинс“. Гандалф се враќа и го предупредува Фродо да го напушти Шир. Кога Фродо заминува со својот пријател, градинарот Семвајз Гемџи, Гандалф заминува во Изенгард за да се сретне со волшебникот Саруман, но го открива неговото предавство и сојузот со Саурон, кој ги испратил своите девет привидни слуги — назгулите — во потрага по Фродо.
На Фродо и Сем им се придружуваат други хобити, Мери и Пипин, и тие им бегаат на назгулите пред да пристигнат во Бри, каде што треба да се сретнат со Гандалф во крчмата „Скокачкото пони“. Меѓутоа, Гандалф воопшто не се појавува бидејќи паднал во заробеништво кај Саруман. Потоа на хобитите им помага северниот трагач познат како Скитникот, кој ветува дека ќе ги придружува до Ривендел; меѓутоа, назгулите ги напаѓаат од заседа, а нивниот предводник, Кралот Вештер, го ранува Фродо со моргулски нож. Арвен, виленица и сакана на Скитникот, ја наоѓа групата и го спасува Фродо, предизвикувајќи водена стихија што ги носи назгулите. Таа го носи во Ривендел, каде што вилениците го лекуваат. Фродо се среќава со Гандалф, кој побегнал од Изенгард на Големиот Орел. Истата ноќ, Скитникот повторно се соединува со Арвен, и тие си ја искажуваат љубовта.
Дознавајќи од Гандалф за предавството на Саруман и сфаќајќи дека се соочуваат со закани и од Саурон и од Саруман, таткото на Арвен, лордот Елронд, одлучува да не го остави прстенот во Ривендел. Тој свикува совет од виленици, луѓе и џуџиња, на кој присуствуваат и Фродо и Гандалф, и советот одлучува дека прстенот мора да биде уништен во огнот на Судбинската Планина. Фродо доброволно се пријавува да го носи прстенот во придружба на Гандалф, Сем, Мери, Пипин, виленикот Леголас, џуџето Гимли, Боромир од Гондор и Скитникот, кој се покажува дека е Арагорн, наследник на Исилдур и законит крал на Гондор. Билбо, кој сега живее во Ривендел, му го подарува на Фродо својот меч Убод и панцир од митрил.
Дружината на прстенот се упатува кон Портите на Рохан, но открива дека ги следат шпионите на Саруман. Наместо тоа, тие тргнуваат преку планинскиот премин Карадрас, но Саруман предизвикува бура што ги принудува да поминат низ рудниците на Морија, каде што водно суштество со пипала го блокира влезот со дружината внатре, не оставајќи им друг избор освен да се упатат кон излезот на другиот крај. Откривајќи дека џуџињата од Морија се мртви, дружината е нападната од орки и пештерски трол. Ги запираат, но се соочуваат со Проклетството на Дурин — балрог што живее во рудниците. Додека другите бегаат, Гандалф се бори со демонот и го фрла во огромна провалија, но балрогот го повлекува Гандалф со себе во темнината.
Опустошената и деморализирана дружина стигнува во Лотлориен, со кој владее виленичката кралица Галадриела, која насамо му соопштува на Фродо дека само тој сам може да ја заврши задачата и дека еден од членовите на дружината ќе се обиде да го присвои прстенот. Таа му покажува и видение за иднината во кое Саурон успева да ја поработи Средната Земја, вклучувајќи го и Шир. Во меѓувреме, Саруман создава војска од Урук-хаи во Изенгард за да ја најде и уништи дружината.
Дружината заминува по реката кон Парт Гален. Фродо на брегот се соочува со Боромир, кој, како што предупредила и леди Галадриела, се обидува да го земе прстенот. Потоа извидниците на Урук-хаите поставуваат заседа на дружината, обидувајќи се да ги одвлечкаат хобитите. Боромир се ослободува од волшепствата на прстенот и ги брани Мери и Пипин, но водачот на одредот на Урук-хаите, Лурц, смртно го ранува со стрели додека останатите ги одвлечкуваат хобитите. Пристигнува Арагорн и го убива Лурц во тешка борба, а потоа го теши умирачкиот Боромир, ветувајќи му дека ќе му помогне на народот на Гондор во претстојниот судир.
Плашејќи се дека прстенот ќе ги расипи неговите пријатели, Фродо одлучува сам да замине во Мордор, но му дозволува на Сем да појде со него, помнејќи го ветувањето што му го дал на Гандалф да се грижи за него. Додека Арагорн, Леголас и Гимли заминуваат да ги спасат Мери и Пипин, Фродо и Сем се спуштаат преку преминот Емин Муил, упатувајќи се кон Мордор и продолжувајќи ја својата мисија — да го уништат Единствениот прстен.
Улоги
| Елајџа Вуд || Фродо Багинс |- | Ијан Макелен || Гандалф |- | Шон Астин || Семвајз Гемџи |- | Виго Мортенсен || Арагорн |- | Шон Бин || Боромир |- | Орландо Блум || Леголас |- | Ијан Холм || Билбо Багинс |- | Доминик Монаган || Меријадок Брендабак |- | Били Бојд || Перегрин Тук |- | Џон Рис-Девис || Гимли, син на Глоин |- | Кристофер Ли || Саруман Белиот |- | Енди Серкис || Голум (образ и глас) |- | Гари Синклер || Исилдур
Наводи
Надворешни врски Матична страница
Категорија:Американски филмови Категорија:Филмови од 2001 година Категорија:Филмови на англиски јазик Категорија:Филмови снимени во Англија Категорија:Филмови снимени во Нов Зеланд Категорија:Господар на прстените Категорија:Филмови на New Line Cinema Категорија:Новозеландски филмови Категорија:Американски фантастични филмови Категорија:Американски авантуристички филмови