Androsace maxima — вид цветно растение кое припаѓа на родот Androsace, од семејството Јаглики (Primulaceae). Видот за првпат е опишан од шведскиот ботаничар Карл Линеј.

Во Македонија се среќава на брдски пасишта, ниви и напуштени полиња, до 1000 метри надморска височина. Опис и распространетост Androsace maxima е едногодишно растение, високо 2–10 см. Дршката на соцветието и самите цветни дршки се прекриени со два вида влакненца: долги обични влакна и куси жлездести влакна кои на врвот завршуваат со карактеристично црвено топче. Долгите влакна се протегаат и на брактеите, како и врз надворешниот дел од чашката. Листовите се организирани во розета и имаат варијабилна форма — од јајцевидни и обратно-јајцевидни до долгнавесто-ланцетни. Нивните димензии се движат од 6 до 30 мм во должина и од 3 до 11 мм во ширина. На врвот се заострени, а по рабовите се назабени; можат да бидат приседнати или во основата постепено стеснети во кратка дршка. По површината се голи или покриени со ретки влакненца. Од средината на розетата избиваат една до повеќе цветни дршки со црвеникава нијанса. Главната дршка на соцветието достигнeва висина од 3 до 10 см и на самиот врв завршува со штитовидно соцветие составено од неколку цветови. Во основата на соцветието се наоѓаат меѓусебно сраснати брактеи со јајцевиден или обратно-јајцевидно-ланцетен облик и должина околу 8 мм, кои со својата должина се издначени или ги надминуваат цветните дршки. Рабовите на брактеите се мазни или назабени, а поединечните цветни дршки постепено се издолжуваат како што се формира плодот. Чашката има ѕвонест облик и должина од 5 до 6 мм, со триаглести запци кои ја засекуваат за повеќе од половината од нејзината должина. Како што созрева плодот, така и самата чашка постепено се зголемува. Венчето има бела до розова боја со жолтеникаво грло и вкупна должина од 4 до 6 мм, со што е пократко од самата чашка. Венечната цевка е мевчесто/торбесто проширена, додека ливчињата на венчето се со димензии од 2 мм должина и 1 мм ширина, овозможувајќи вкупен пречник од околу 5 до 6 мм. Грлото на цветот е тесно, а неговиот раб е издигнат во форма на мала прстенеста јака околу самиот отвор. Прашниците се сместени во долниот дел од венечната трубичка и имаат многу кратки дршки. Столпчето е кратко, а жигот е топчест. Плодната кутијка е топчеста и се издигнува до половината од чашката. Семките се долги 1,5–2,5 мм.

Во Македонија овој вид е широко застапен на целата територија, при што најчесто се среќава на надморска височина до 1000 метри, а повремено може да се забележи и во повисоките планински предели.

Варијабилност Видот е поделен на следниве подвидови: A. m. caucasica A. m. maxima

Галерија со слики

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа