Активни оддели на ЖСД Работнички 30п 30п 30п Фудбал Кошарка Ракомет
ФК Работнички ― македонски фудбалски клуб од Скопје. Клубот моментално се натпреварува во Првата македонска фудбалска лига.
Историја Позадина и фудбалскиот интерес на Дебармаалци Дебар Маало е населба на десниот брег на реката Вардар веднаш до Градскиот Парк. Насте Дуковски, еден од првите активисти на Работнички, велел дека Дебар Маало имало само четири-пет куќи кога неговото семејство во 1922 година се населило доаѓајќи од Дебарско. Главно се населувале семејства кои доаѓале од Дебар, Галичник и Тетово и тоа најповеќе оние кои се занимавале со ѕидарскиот занает.
Дебар Маало спаѓа меѓу шесте скопски населби кои се граделе од 1923 до 1928 година. Покрај Македонците, го населиле и Срби и нешто Црногорци главно дојдени по Првата светска војна. Во правец на Тафталиџе и селото Долно Нерези се протегале широки полјани на кои младите од Дебар Маало по цел ден играле фудбал. Младинците кои биле вработени едвај чекале да помине долгиот работен ден или да дојде неделата за да се соберат тука и да заиграат топка на две голчиња, а помладите како да не ги познавале другите детски игри – и ним фудбалот им бил најомилен. Неделите и неработните денови биле празник на фудбалот и на сите полјани во Дебар Маало се играло фудбал. Оние со поголемо фудбалско знаење, пак, ги користеле игралиштата на познатите скопски екипи Граѓански и ССК во Градскиот Парк.
Во Дебар Маало постоеле две кафеани: едната се викала „Нада“ и била сопственост на Трајко Георгиевски – Ќорот, а другата „Јавор“ на Радомир Вукичевиќ. Овие две кафани биле главно сврталиште на младите Дебармаалци кои тука навраќале секојдневно. Кога не биле на фудбал или во кафеана, младите крстосувале по околните овоштарници или ја посетувале Руската Плажа на Вардар.
Во периодот меѓу двете светски војни Дебар Маало се истакнало како една од најпознатите револуционерни населби во Скопје. Дебармаалци речиси исклучиво и припаѓале на работничката класа и секојдневно на своја кожа ја чувствувале репресијата на тогашниот српски режим. Со своите напредни револуционерни идеи се истакнувале многу личности кои подоцна ќе останат запишани како херои во историјата на македонскиот народ, а меѓу нив предничел Дане Крапчев кој најмногу се истакнал во создавањето и организацијата на Фудбалскиот клуб Работнички.
Сфаќајќи ја важноста на фудбалот и моќта која тој ја има и увидувајќи го ентузијазмот за оваа игра како и револуционерната свест на младината, Дане Крапчев ја добил идејата за формирање на клуб кој би имал централно место во животот на Дебар Маало и сите случувања (спортски и револуционерни) во тој дел на градот.
И многу пред формирањето на ФК Работнички младите посакувале и се обидувале да формираат и регистрираат свој фудбалски клуб. Постоеле повеќе обиди за вакво нешто но сите завршувале неуспешно. Ваквите желби биле особено актуелни во 1935 и 1936 година кога постоел голем број на локални екипи кои играле меѓусебно, но ниту една од нив не го прераснала маалскиот, локален карактер. Во ова време ниту тогашната власт не била расположена да разговара за ваквите предлози бидејќи во Дебар Маало имала свое здружение наречено „Хумано-културно друштво Дебар Маало“ преку кое режимот сакал да ја истакне својата „грижа“ за сиромашната работничка класа, но неговата активност згаснала при крајот на 1936 година.
Пролетта 1937 кулминирало прашањето за постоење на организиран фудбалски клуб преку кој оваа средина би се претставила во градот и пошироко. Младите загреано дискутирале дека во маалото може да се состави солидна фудбалска екипа која би била подобра од половина постоечки клубови во Скопје, која би имала најверна публика и слично. Прашањето се поставило во најсериозна форма и постарите повеќе не можеле да молчат и морале да се вклучат во оваа акција. Во меаните кај Трајко и Радомир кои биле сврталиште на младите, во овој период започнало да се расправа за основањето на фудбалскиот клуб и неговото егзистирање.
Создавање Во судбинската 1937 година, неколку настани биле клучни за создавањето на клубот. Најважниот момент се случил на собирот на повлијателните младинци во собата на Дане Крапчев. Тој внимателно ги сослушал сите мислења, а со неговите особини, трпеливост и почитување веќе ги освојувал луѓето, а поради широките познавања се здобил со голем авторитет. Со избрани и убави зборови дал образложение за предлогот да биде создаден фудбалски клуб, проширувајќи ја концепцијата дека во неговите рамки треба да биде создадена и библиотека, како и шаховска секција што ќе овозможи масовно опфаќање на младината од Дебар Маало. Неговиот предлог бил едногласно прифатен.
Името Работнички го предложил Дане Крапчев на споменатиот собир, иако според кажувањата на повеќе сведоци, сите потсвесно посакувале такво име. Жителите на овој крај произлегувале од работнички семејства, од работничка средина и кога го слушнале името веднаш го прифатиле. Тоа име ги освоило, се впило во нивните срца и во него гледале нешто возвишено. Тоа име ги исполнило со гордост, фудбалскиот клуб ќе го носи името на класата на која и припаѓаат, се почувствувале среќни дека и на ова поле ќе имаат свој достоен претставник. Активистите на клубот од овој период се сеќаваат дека името Работнички и предложената црвена боја на дресовите биле настан кој ги воодушевил и возбудил сите Дебармаалци.
За основањето на клубот и неговото службено регистрирање, требало да бидат совладани доста пречки и потешкотии. За клубот да биде регистриран пред надлежниот орган требало да се спроведе постапка која се предвидувала со повеќе правила. Надлежниот орган било Министерството за физичко воспитување на народот на Кралството Југославија од Белград, а пак претходна согласност требало да се добие од Кралската банска управа на Вардарска Бановина во Скопје и управата на Скопскиот фудбалски потсојуз (фудбалското раководство на целата Вардарска Бановина).
Основачкото собрание на клубот било одржано во втората половина на 1937 година (точната дата не може да се пронајде во документите), во кафеаната „Нада“ на Трајко Георгиевски – Ќорот едно неделно претпладне во бавчата на кафеаната во сенката под лозницата. На собранието биле присутни 30-40 лица меѓу кои биле играчите, а имало и некои видни граѓани, како и претставници на други фудбалски клубови од градот. Плановите за иднината на клубот ги претставил кандидатот за претседател Александар Танев. Во неговото обраќање бил изнесен и предлогот клубот да го носи името Спортски Клуб Работнички Скопје со седиште во Скопје, во Дебар Маало, а адреса на просториите на клубот немало потреба да се назначи, бидејќи било доволно да се каже Дебар Маало.
Правилата на клубот биле подготвувани неколку месеци. Клучно прашање во тој момент било кои лица ќе се јават како основачи, т.е. кои лица ќе одговараат за исправноста на клубот пред власта. Имено, требало да бидат предложени лица кои од една страна ќе се борат за интересите на клубот, но пред органите на власта би биле политички чисти. Тоа требало да бидат личности со одреден авторитет, положба во општеството, сериозни и почитувани, во кои власта би имала доверба. Заради својата револуционерна дејност, Дане Крапчев не смеел да фигурира во службените документи на клубот ниту да се наоѓа на каква било клупска положба . По долгите договарања и широките советувања, како предлагачи биле назначени Александар Танев, Благоја Јовановски и Дамјан Жантев – авторитетни граѓани од Дебар Маало кои ги потпишале правилата на клубот.
Велешанецот Ацо Танев бил предложен за претседател на клубот заради својата револуционерна дејност, но и политички чиста личност пред власта на тогашната Вардарска Бановина заради која вршел функција во градската општина. Подоцна, првиот претседател на Работнички во една интервју на прашањето што го привлекло кон овој клуб ќе одговори: „Ме привлекоа луѓето. Живеев меѓу нив, во таа сиромашна работничка средина. Луѓето беа добри, посебно младинците. Во таа сиромаштија го сакаа спортот и веќе играа фудбал во некои маалски екипи кои имаа свои имиња. Ги обединивме сите во еден клуб на кого му дадовме име Работнички, односно тогаш Раднички. Името беше класна определба. Кога баравме дозвола на претставниците на власта требаше да им објаснуваме зошто го бараме тоа име и црвената боја. Мене скоро пет часа ме сослушуваа во Управата. Јас давав аргументи кои ги сметав за убедливи. Власта го прифати името, но црвената боја не. На власта многу добро и беше познато што значи црвената боја за револуционерното движење, дека тоа е познат симбол и заради тоа не ја прифатија и енергично бараа тој став во правилникот во однос на бојата да се измени.“
Членовите на иницијативниот одбор поради ова барање на власта по многу разговори и договарања се договориле да ја предложат црната боја за боја на клубот. Немале избор, морале да тактизираат, неприфаќањето на овој услов можело да го оневозможи основањето на клубот.
Во службено одобрената боја на дресовите – црна, екипата ги одиграла само двата квалификациони натпревари, за потоа дресовите да бидат заменети со традиционалните црвени кои Работнички ги носи до ден денес. На натпреварот во Тетово со Љуботен во 1938 година, полицијата барала играчите да настапат во дресовите кои се предвидени со правилникот бидејќи во спротивно воопшто нема да може да настапат. Играчите и управата ја надмудриле полицијата излегувајќи на теренот со дресови во темноцрвени дресови. Знаејќи го ова, навивачите при влегувањето на играчите на теренот и во текот на целиот натпревар екипата ја поздравувале со скандирање „црвени, црвени“.
Имињата на активистите полицијата на Вардарската Бановина долго и детално ги проверувала. Дебармаалци и тука ја надиграле полицијата одбирајќи личности кои не биле компромитирани, а во исто време биле револуционерни дејци. Љубо Ѓурашковиќ, Александар Санде Мицковски, Борис Мисајловски, Киро Ангеловски – Шапкарот, како и синовите на Трајко Георгиевски – Ќорот: Димко Георгиевски и Никола Георгиевски биле првите активисти на новосоздадениот Работнички, а кафеаната „Нада“ долго време била економат и соблекувална на клубот.
Покрај сите проблеми, на клубот му се заканувало и нерегистрирање и поради дејностите на „жолтите синдикати“ односно ЈУГОРАС (Југословенска радничка странка (партија)) која всушност претставувал предавнички синдикат организиран од буржоаската влада која сакала да ги отстрани работниците од суштината на класната борба. ЈУГОРАС бил собир на разни отпадници кои ја имале улогата на растурачи на штрајкови и дејствувале против единството и револуционерноста на работничката класа во тоа време. Во исто време кога Дебармаалци поднеле барање за создавање клуб со име Работнички, ЈУГОРАС поднел исто такво барање за создавање на клуб со истото име. Меѓутоа вистинскиот Работнички покрај љубовта и ентузијазмот на Дебармаалци, веќе ги освојувал и симпатиите на целиот град и тоа бил главен фактор кој придонел барањето на ЈУГОРАС да биде одбиено. Подоцна ЈУГОРАС најпрво правел напори да го стави Работнички под своја контрола со ветувања за материјална помош, а откако оваа понуда била одбиена се обиделе и со закани да ги заплашат Дебармаалци. Сепак, со обемна акција организирана и предводена од Дане Крапчев, клубот успеал да им одолее на овие напади.
После сите неволји, проблеми и премрежја со актот број 8666 од 4 октомври 1937 година, одн. сл. бр. 6697/37, правниот назив на оваа новооснована спортска организација бил Спорт Клуб „Раднички“. Анализирајќи ги натаму одредбите од правилникот, може да се заклучи дека поимот „Спорт клуб“ се однесува на сегашниот организациски облик „Спортско друштво“, што самото по себе го зголемува значењето на Работнички. Тоа значи дека ФК Работнички не е создаден како фудбалски клуб, туку неговиот организациски облик отсекогаш бил спортско друштво.
Рани почетоци