Демократската партија моментално е една од двете најголеми политички партии во Соединетите Американски Држави, заедно со Републиканската партија. Социјално либералната и прогресивна платформа на партијата, ја сместува во централната левица во политичкиот спектар на САД. Партијата има рекорд во најдолго непрекинато дејствување во САД и е една од најстарите политички партии во светот. Барак Обама е петнаесеттиот демократ на функцијата претседател на САД.
Од 112-тиот Конгрес, по изборите во 2010 година, Демократската партија има мал број на места во Претставничкиот дом, но има најголем број на места во Сенатот. Моментално има најмалку државни гувернерски места, како и најмалку државни законодавни тела.
Историја Демократската партија се формирала од противсојузни (антифедералистички) групи кои биле против фискалната политика на Александар Хамилтон во раните 1790-ти. Томас Џеферсон и Џејмс Медисон ги организирале овие групи во Демократско-републиканска партија. Партијата ги поддржувала правата на државите и строгото придржување кон Уставот, a била против Народната банка и паричните интереси. Демократско-републиканската партија дошла на власт на изборите во 1800 година.
По војната во 1812 година, главниот соперник на партијата, Федералната партија, се распаднала. Претставниците на Демократско-републиканската партија имале поделени мислења за изборот на наследник на претседателот Џејмс Монро, па затоа групите во партијата кои ги поддржувале многуте стари принципи на Џеферсон, предводени од Ендру Џексон и Мартин Ван Бурен, ја создале Демократската партија. Заедно со Партијата на виговците, Демократската партија била водечка партија во САД, сè до граѓанската војна. Виговците биле партија на трговци и фабриканти и биле помалку популарни, иако имале подобра финансиска состојба. По мексиканско-американската војна, виговците имале поделени мислења во врска со ропството и постепено исчезнале од политичката сцена. Во 1850-те години, под притисок на Законот за избегани робови и Актот на Канзас и Небраска, демократите кои биле против ропството ја напуштиле паријата. Здружувајќи се со членови на постоечки или на партии кои биле во фаза на распаѓање, ја формирале Републиканската партија.
Демократите од Северот и Југот имале поделени мислења за изборот на наследник на претседателот Џејмс Буканан, а Републиканската партија добила превласт на изборите во 1860 година. Со започнувањето на Американската граѓанска војна, демократите од Северот биле поделени на „демократи за мир“ и „демократи за војна“. Сметајќи ги партиите за зло, Конфедеративните Американски Држави немале партии. Во 1864 година, повеќето од „демократите за војна“ застанале на страната на Републиканскиот претседател Абрахам Линколн и на страната на Националната обединета партија на републиканци, која го етикетирала Ендру Џонсон како демократ од Југот. Џонсон го заменил Линколн во 1865 година, но останал независен од двете пратии. Демократите имале добивка од незадоволството на белците од Југот поради реконструкцијата по војната и нивните судири со Републиканската партија. Откако коалициите ја завршиле реконструкцијата во 1870-тите и започнало екстремното насилно обесправување на Афроамериканците во 1890-тите, Југот, гласајќи за демократите станал познат како „Солиден Југ“. Иако републиканците ги добиле сите освен два претседателски избори, демократите останале конкурентни. Во партијата доминирале про-бизнис ориентираните бурбонски демократи, предводени од Семјуел Џ. Тилден и Грувер Кливленд, кои се залагале за развој на трговијата, банкарството и железницата, спротивставувајќи се на империјализмот и прекуокеанска експанзија, се бореле за златниот стандард наспроти биметализмот и се бореле против корупција, високи даноци и царинење.
Аграрните демократи барајќи „Слободно сребро“, ги симнале од власт бурбонските демократи во 1896 година и го предложиле за претседател Вилијам Џенингс Брајан (предлог кој бил повторен во 1900 и 1908 година од страна на демократите). Брајан водел жестока кампања во која ги напаѓал источните материјални интереси, но сепак изгубил од републиканецот Вилијам Меккинли. Демократите презеле контрола над Претставничкиот дом на Конгресот во 1910 година и за претседател го избрале Вудро Вилсон во 1912 и 1916 година. Вилсон делотворно го водел Конгресот кон нови прогресивни закони за искоренување на проблемите со царинење, пари и антимонополизам кои ја диктирале политиката во последните 40 години. Поради Големата депресија која се случила во 1929 година за време на републиканскиот претседател Херберт Хувер и републиканскиот Конгрес биле подготвени за полиберална влада. Демократите имале контрола врз Претставничкиот дом континуирано од 1931 до 1995 година и ги добиле повеќето претседателски избори сè до 1968 година. Френклин Д. Рузвелт кој бил избран за претседател во 1932 година прикажал владини програми наречени Нов договор. Новиот договор промовирал општо добро, работнички унии, граѓански права и регулирање на бизнисот. Противниците кои се залагале за долгорочен раст, поддршка за бизнисот и ниски даноци започнале да се нарекуваат себеси „конзервативци”.
Проблемите со кои се соочувале партиите и САД по Втората светска војна ги вклучувале Студената војна и Движењето за граѓански права. Републиканците ги придобивале конзервативците и источњаците од демократската коалиција со нивното спротивставување на Новиот договор и Либералното големо општество, како и со републиканската употреба на источната стратегија. Афроамериканците кои традиционално ја поддржувале републиканската партија, започнале да ги поддржуваат демократите кои го следеле подемот на администрацијата на Френклин Рузвелт, Новиот договор и Движењето за граѓански права. Основната поддршка на Демократската партија станал североистокот, обележувајќи драматичен пресврт во историјата. Бил Клинтон бил избран за претседател во 1992 година, владеејќи како Нов демократ. Демократската партија ја изгубила контролата врз Конгресот на изборите во 1994 година од Републиканската партија. Повторно избран во 1996 година, Клинтон бил првиот демократски претседател кој бил избран два мандати, после Френклин Рузвелт. После дванаесет годишно републиканско владеење, на изборите во 2006 година, Демократската партија вратила поголем дел од контролата врз Домот и Сенатот. Некои од главните проблеми на партијата во почетокот на 21 век, истакнати во нивната последна платформа, биле методите за борба против тероризмот, домашната безбедност, проширување на пристапот за грижа на здравјето, права на работниците, чиста околина и зачувување на либералната владина програма. На изборите во 2010 година Демократската парија ја изгубила контролата над Домот, но го зачувала мнозинството во Сенатот (намален после 111-тиот Конгрес). Исто така го изгубила мнозинството државни гувернерски места и државни законодавни тела.
Демократската партија има потекло од демократско-републиканската партија формирана од Томас Џеферсон, Џејмс Медисон и други важни противници на федералистите во 1792 година. Таа партија исто така ги инспирирала виговците и модерните републиканци. Како партија, се издигнала во 1830-тите со изборот на Ендру Џексон. После поделбата од Републиканската партија на изборите во 1912 година, постепено се поставила како левица на Републиканската партија во врска со економските и социјалните прашања. До периодот по донесувањето на Законот за граѓански права во 1964 година, Демократската партија првенствено била коалиција на две партии поделени по региони. Демократите од Југот добивале високи конзервативни оценки од страна на Американската конзервативна унија, додека пак демократите од Северот добивале ниски оценки. Демократите од Југот биле суштински блок на двопартиската конзервативна коалиција која постоела во периодот на Реган. Економската фолозофија на активистот Френклин Рузвелт, која силно влијаела врз Американскиот либерализам, го формирала поголемиот дел од економската агенда на партијата од 1932 година и служела за да ги спои двата партиски региони сè до доцните 1960-ти. Всушност коалицијата за Нов договор на Рузвелт ја контролирала националната влада сè до 1970-тите.
Според анкетата на институтот Галуп, во 2010 година, 31% од Американците се декларирале како демократи, 29% републиканци и 38% независни. Анкетата за регистрирани гласови на истражувачкиот центар Пју, издадена во август 2010 година, покажала дека 47% се демократи или се наклонети кон таа партија, а 43% се републиканци.
Моментална структура и состав Демократскиот национален комитет (ДНК) е одговорен за промовирање на демократските активности на кампањата. И покрај тоа што ДНК е одговорен за надгледување на процесот на пишување на демократската платформа, многу повеќе е фокусиран на кампањите и на организациската стратегија, отколку на јавната политика, а на претседателски избори ја надгледува Демократската национална конвенција. Националната конвенција е предмет на повелбата на партијата и највисокиот орган на Демократската партија кога заседава, а останатото време партијата ја води ДНК. На чело на ДНК моментално се наоѓа конгресменката од Флорида, Деби Васерман Шулц.
Демократскиот комитет за конгресна кампања им помага на кандидатите на партијата во трката за Претставничкиот дом, на чие чело моментално е претставникот за Њујорк, Стив Израел (избран на внатрепартиските избори). Слично, Демократскиот комитет за сенаторска кампања, моментално на чело со Сенаторот Пети Мареј од Вашингтон , покренува големи финански средства во трката за сенатор. Демократскиот комитет за законодавна кампања моментално на чело со Мајк Гронстал од Ајова, е помала организација со многу помалку средства во трките за државно законодавство. Демократската национална конвенција ја спонзорира студентската организацијата Колеџ-Демократи на Америка, која има цел да обучи и формира нова генерација на демократски активисти. Демократи во странство е организација за Американците кои живеат надвор од Обединетите Држави која работи за да ги прошири целите на партијата и да ги охрабри Американците кои живеат во странство да ги поддржат демократите. Младите демократи на Америка е организација предводена од младината, која се обидува да привлече и ангажира млади луѓе за демократски кандидати, но работи вон рамките на ДНК. Притоа, новоформираната гранка на Младите демократи, Кокус на средношколци се обидува да ја подигне свеста и активизмот меѓу тинејџерите не само да гласаат и волонтираат, туку во иднина и да учествуваат. Демократската асоцијација на гувернери , на чело со гувернерот на Мериленд, Мартин О’Мајли, е организација која ги поддржува кандидатурите на Демократските кандидати за гувернери и службеници. Исто така, градоначалниците на најголемите градови и урбани центри заседаваат со Националната конференција на демократски градоначалници.
Секоја држава исто така има Државен комитет, составен од избрани членови на комитетот како и екс-официо членови на комитетот (најчесто избрани службеници и претставници на големите изборни единици), кои избираат претседавач. Окружните, градските и реонските комитети се составени од индивидуалци избрани на локално ниво. Државните и локалните комитети често координираат кампањски активности во рамките на нивната надлежност, надгледуваат локални конвенции, а некогаш и прелиминарни или внатрепартиски избори, и може да имаат улога во номинирање на кандидати за изборните функции во државното законодавство. Ретко кога имаат многу финансии, но во 2005 година, претседавачот на ДНК започнал програма (наречена Стратегијата на 50 земји) за употреба на националните средства на ДНК ,за да им се помогне на сите државни партии и плаќање на вработенните професионалци со полно работно време.
Идеологија