мини|Марија Вијк, „Балада“ (1898) Балада — лирско-епска песна главно, со фантастична содржина што пренесува во необична, поинаква реалност и предизвикува баладично расположение. Крајот на баладите најчесто е трагичен. Темите во баладите се црпат од народните легенди, преданија и суеверија.T. A. Green, Folklore: An Encyclopedia of Beliefs, Customs, Tales, Music, and Art (ABC-CLIO, 1997), p. 353. Дејството во баладата е напнато и со драмски пресврти. Интонацијата во овие песни е тажна, проткаена со внатрешно нерасположение и има трагичен крај. Поради трагичните настани за кои се пее во овој вид песни, тие предизвикуваат длабоки чувства кај луѓето. Баладите можат да бидат народни и уметнички. Баладите почнуваат со епски елементи, но поважен е нивниот лирски впечаток. Меѓу уметничките и народните балади се воочуваат некои разлики, но главните осбености им се слични: трагичен крај, динамично дејство, тешка и мрачна атмосфера. Зборот „балада“ доаѓа од зборот „balere“ што значи играм, танцувам. Баладата потекнува од народната книжевност, а во времето кога настанала, таа претставувала песна за игра. Нејзината содржина до XV век била лирска. Се мисли дека баладата се појавила на југот во Франција и дека првобитно била весела песна.

Македонски народни балади Во македонското народно творештво, поимот „балада“ се користи за да се означат песните кои ги пеат мажите и жените, кои се ороводни, кои според градбата наликуваат на епските песни, но се лирски обоени и најчесто со трагична разврска. Атмосферата во нив е таинствена, дејствието се случува претежно во многу кратко време, а јунаците не управуваат со својата судбина и нивните животи најчесто завршуваат трагично.Фанија Попова, „За македонската народна балада“, во: Македонски народни балади, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 119. Македонските балади претставуваат оформен фолклорен жанр, претставуваат форма меѓу лириката и епиката, со видлива и јасно изразена тенденција кон драмска концепција. Во баладата е присутна специфична атмосфера на постојана напрегнатост со спротивни состојби, мислења и реакции, кои добиваат во интензитет, а потоа следува разврската која може да биде колку очекувана, толку и непредвидлива. Драмската концепција на баладата е изразена уште во нејзиниот почеток, кој најчесто носи конкретни претпоставки за развојто на дејството, во нејзиниот средиштен дел дејството се развива со невообичаено брзо темпо, а во расплетот настаните добиваат логичка завршница или пак некоја специфична логика. Притоа, во голем број македонски балади односот тема-сиже-фабула е доведен до совршенство. Понекогаш, драмската напрегнатост е засилена со специфичниот однос меѓу фабулата (редоследот на настаните) и сижето (начинот на прикажување на настаните). Најчесто, настаните се прикажани по хронолошки редослед, но поинтересни се случаите во кои редоследот на одговара на реалноста, т.е. постои затекната состојба, а експозицијата се јавува дури со раскажувањето на еден од ликовите, т.е. временски дејството се враќа многу години наназад. Како посебна одлика на баладите се јавува и редукцијата на дејството со која временскиот и просторниот распон се сведени на минимум. Ваквата постапка му дава сугестивност на текстот при што фабулата нужно се приспособува на најдинамичните етапи во развојот на дејството, а сè друго се јавува во подредена положба во однос на основната идејна линија. Монолозите и дијалозите, од една страна, водат кон расплетот, а од друга страна, тие се пасивни етапи во развојот на дејството, зашто имаат улога на паузи, кога главниот лик не дејствува. Во баладите постои и активно дејство, а од начинот на кој се менуваат пасивното и активното време зависи динамиката на баладата, како и специфичноста на нејзината внатрешна организација. Елементот на волшебното е речиси редовно присутен во баладите, но не е најважен елемент на овој жанр, туку се јавува само како придружен елемент, а понекогаш служи и за спроведување на определена етичка идеја. Ликовите во баладата, кои не се многу (еден, два а најмногу три) се важен елемент во нејзината конструкција. Во зависност од степенот на конфликтот, ликовите се покажуваат како послаби или појаки карактери. Во позиразените конфликтни состојби, ликовите посилно ги изразуваат емоциите кои добиваат димензии на страст. Но, за разлика од еповите, во баладата силните емоции се проследени до друг агол — како психолошки расветлување на етичкиот став на главниот лик, а тоа ја доближува баладата до драмата. Баладните ликови не се само пасивни жртви на настаните, туку својата поединечност ја потенцираат преку внатрешни превирања и си го земаат правото самите да си ја определат својата судбина. Сè до мигот на сопственото експонирање, единката е незабележлива, бесконфликтна личност, а таа се остварува во мигот на своето спротивставување. Оттука, ликовите во баладата не се типични херои, туку стануваат големи според нивните внатрешни обележја. Својата големина, тие ја манифестираат во едне миг преку монолог, дијалог или постапка. Во македонските народни балади нема централен лик кој игра пресудна улога во градењето на сижето. Сите ликови доаѓаат до израз кога емоцијата доаѓа во допир со друга, создавајќи конфликт кој завршува трагично, односно независно од поетскиот пристап, смртта се јавува како нужен расплет во баладата, но и покрај тоа, епилогот не делува насилно, туку зачудувачки природно, логично и едноставно, но не и неимпресивно.Фанија Попова, „За македонската народна балада“, во: Македонски народни балади, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 137-141.

Баладите, кои се многу застапени во македонската народна поезија, се групираат во четири основни групи:Фанија Попова, „За македонската народна балада“, во: Македонски народни балади, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 120. балади со митолошка содржина балади со легендарна содржина балади со историска содржина балади со лични и семејни односи Во македонското народно творештво најбројна е четвртата група, но во голем број балади се забележува мешање на различни елементи: митолошки со христијански или историски така што не е можно секојпат да се разграничи за која група станува збор.Фанија Попова, „За македонската народна балада“, во: Македонски народни балади, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 120-121.

Балади со митолошка содржина Овие балади тематски одговараат на старите преданија и се доближуваат до сферите на култот и магијата. Тие настанале кога вниманието на народниот творец се пренело од натприродните сили кон човекот и неговите односи со натприродните појави. Со текот на времето, овие елементи се менувале и добивале нови поетско-метафорични димензии, така што од старите митови останале само далечни и нејасни асоцијации. Сепак, иако поетската постапка во градењето на сижето инсистира на реални претстави кои вршат ретроактивно дејство врз митолошките претстави, не може да се негира фактот дека овие балади потекнуваат од старите времиња. Многу македонски балади пеат за сонцето кое често има човечки својства, на пример, тоа се жени со обична девојка од селото. Исто така, во голем број балади се пее за самовилите, кои често се индивидуализирани и имаат лични имиња. Притоа, тие можат да бидат добри или злобни, но во песните останува нејасна причината за ваквото нивно однесување. Честопати во ваквите балади доаѓа до идејна контаминација, т.е. мешање на христијански и митолошки елементи. Во баладите од оваа категорија се присутни и змејовите, кои се олицетворение на стихијните природни појави, но и во овој случај народниот пејач ги поврзува реалното и волшебното, така што змејовите често стапуваат во најразлични односи со луѓето. Меѓу постарите примери на митолошки балади се и оние со анимистички претстави. Во нив доминира мотивот на чумата, најчесто претставена како стара жена, со што вишата сила е материјализирана. Во македонското народно творештво има многу примери на вакви песни, што веројатно е одраз на бројните епидемии кои владееле во минатото. Трагичниот елемент во овие балади е засилен со фактот дека најчести жртви на чумата се младите луѓе, така што етичката идеја во песните е дека чумата е олицетворение на злото, воопшто. Во некои вакви песни, драмските елементи се засилени со елементот на метаморфоза, кога жртвите на чумата по смртта се претвораат во растенија. Народните балади со мотиво тна претскажувањето на судбината на третиот ден по раѓањето се темелат врз едно од најстарите верувања кое е присутно кај многу народи и се јавува во различни форми. Притоа, во песните, времето од претскажувањето до остварувањето е стеснето, иако во суштина минуваат години. Овде спаѓаат и песните во кои претскажувањето се јавува на сон. Верувањето во магичната моќ на зборот, пак, нашла одраз во баладите во кои како основен мотив е клетвата. Често, клетвата е недоволно мотивирана, но таа постигнува голем ефект, најчесто со трагични последици, а тоа особено се однесува на мајчината клетва. Понатаму, во оваа група балади спаѓаат и оние во кои невообичаената убавина се јавува како причина за трагедија, не само за оној што ја поседува, туку и за оние кои доаѓаат во допир со неа. На тој начин, големата убавина е возвишена до идеал кој не може да се освои и да се поседува, па затоа е предодредена да не опстои. народните балади со елементи на метаморфозата почиваат врз древното верување дека физичката смрт не значи и крај на постоењето на човекот. Со тоа, етичката идеја во овие песни е триумфот на љубовта која е способна да го победи злото. Исто така, како мотив во народните балади се јавува и потребата од жртва кога се гради некој објект. Притоа, во баладите се зачувал мотивот на човечката жртва при што жртвата најчесто нема никаква вина, па дури и не ја претчувствува својата судбина. Сепак, народниот пејач често ја остава можноста жртвата делумно да комуницира со светот, што се надоврзува на христијанското учење за бесмртноста на душата.Фанија Попова, „За македонската народна балада“, во: Македонски народни балади, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 121-127.

Балади со легендарна содржина Во баладите со легендарна содржина е присутно мешањето на старите словенски митолошки слоеви со христијанската религија, така што често се поставува прашањето кој од тие два елемента е примарен а кој секундарен, иако сепак во нив доминира христијанскиот поглед на светот. Оттука, овие песни обично завршуваат во духот на христијанската етика. Како последица на христијанската идејна концепција, тонот во баладите со легендарна содржина е поспокоен, иако дејствието постојано е на работ на максимална драмска напрегнатост. При конструкцијата на христијанските ликови, народниот пејач е скржав, избегнувајќи секако впотег што би им дал „внатрешна“ димензија. Инаку, во оваа група балади се вбројуваат и оние песни во кои се пее за задгробниот живот, за пораките што ги испраќаат мртвите и, воопшто, за комуницирањето со „другиот“ свет. Најилустративен пример е култот кон мртвите, како во баладите за мртвиот брат кој станува од гробот, кои се неверојатно распространети низ Македонија. Баладиет од овој тип се импресивни со својата драматичност, особено што сижето најчесто е конципирано во комбинација на клетва и метаморфоза.Фанија Попова, „За македонската народна балада“, во: Македонски народни балади, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 128-129.

Балади со историска содржина