Карлос Алберто Вела Гаридо (роден на , во Канкун) — мексикански фудбалер, напаѓач на ФК Лос Анџелес.

Биографија Карлос Алберто Вела Гаридо е роден на 1 март 1989 година во Канкун, Кинтана Ро, Мексико како дете на Енрике Вела, заварувач на железо од Кампече и Нела Гаридо, мајка-домаќинка од Табаско. Неговиот татко играл полупрофесионален фудбал, но повредата предизвикана од скинати лигаменти го натерала да се пензионира. Токму таткото на Карлос го запишал во локалните фудбалски клубови. Неговиот прв клуб бил Ко Ча Волис, што во превод значи „Шутни ја топката“ на мајански јазик. Тој научил многу и постигнал значителен развој и напредок во текот на времето поминато таму, според Феликс Алкала, неговиот тренер во тоа време.

Во училиште, Вела играл и кошарка и фудбал истовремено, што предизвикало многу проблеми меѓу неговите тренери. Неговиот татко го натерал на 12-годишна возраст да одлучи и да се фокусира само на еден спорт, а Вела го избрал фудбалот. Енрике Вела бил фрустриран од фактот што неговиот син не бил скаутиран поради тоа што живеел во Канкун. Отприлика во исто време, Хосе Луис Реал од младинскиот систем на Гвадалахара испратил извидници во Канкун во 2001 година, на кои Вела им го привлекол вниманието. Тој бил повикан на младински турнир во Буенос Аирес со Гвадалахара како мал пробен период со неплатени трошоци.

Во 2003 година, за време на еден локален натпревар одржан во Сиудад Викторија, Вела бил виден и му биле претставени понуди од локални клубови од Примера Дивисион. Тој на крајот се приклучил за Гвадалахара во 2003 година, иако никогаш не добил повик во првиот тим на клубот, со што не можел да го направи своето професионално деби во Мексико.

Клупска кариера Гвадалахара Кариерата на Вела започнала во Гвадалахара, каде играл заедно со неговиот брат Алехандро. Откако го освоил Светското првенство за играчи под 17 години со Мексико, на кое завршил и како најдобар стрелец со пет гола, Хорхе Вергара, сопственикот и претседател на Гвадалахара потпишал договор со него. Бидејќи семејството на Вела живеело тогаш во неодамна погодениот од бура Канкун,, тој побарал од клубот да им помогне на неговите да преселат како услов за неговиот потпис. Вела претходно ја покажал својата голема наклонетост кон својот татко, чиј роденден бил на денот кога Мексико го победил Бразил во финалето на СП У17, носејќи го пехарот на татко му на кого ја посветил и Златната копачка.

Арсенал По настапот на Светското првенство под 17 години, Вела го привлекол вниманието на неколку европски клубови, за на крајот Арсенал да излезе како победник во трката по него, обезбедувајќи го неговиот потпис во ноември 2005 година за обесштетување од 125.000 фунти, кои би се зголемиле на 550.000 фунти кога тој ќе одигра 50 натпревари за првиот тим. Сепак, поради британските ограничувања за работна дозвола за личности кои не се граѓани на Европската Унија, тој не бил во можност да игра во Англија, па поради тоа, брзо бил испратен на заем во Селта Виго во февруари 2006 од каде се вратил подоцна без да одигра ниту еден натпревар.Vela poised for European stage, Fifa.com, via the Wayback Machine, 27 април 2006

Саламанка и Осасуна По завршувањето на сезоната со Селта, Вела потоа бил испратен на нов заем, овојпат кај Саламанка во шпанската втора лига, до крајот на сезоната 2006–2007. Откако престојот таму се покажал како успешен, постигнувајќи осум гола, и учествувајќи во акциите за многу од 53-те постигнати голови на Саламанка, голем број на клубови, од првата лига, како Леванте, Осасуна и Алмерија покажале интерес да го добијат Вела на заем од Арсенал, каде што тој сè уште не можел да игра бидејќи уште немал добиено работна дозвола.

На крајот била договорена едногодишна позајмица во Осасуна, со опција за продолжување на уште една година, без опција трансферот да премине на трајна основа. На 31 октомври 2007, тој го постигнал својот прв гол за Осасуна во натпреварот против Реал Бетис, изведба која му донела пофалби од шпанските медиуми.

Враќање во Арсенал и заемот во Вест Бромвич Албион

На 22 мај 2008 година, Вела конечно добил работна дозвола која му овозможила да игра во Англија. Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, потврдил дека Вела ќе биде вклучен во првиот тим за наредната сезона и дека гледал на играчот како напаѓач од калапот на Едуардо. Вела го направил своето деби за Арсенал на 30 август 2008 година, во натпреварот од Премиер лигата против Њукасл Јунајтед, влегувајќи како замена за Робин ван Перси во 63-тата минута.

На 17 септември, тој дебитирал во Лигата на шампионите во натпреварот на гости кај Динамо Киев (1-1), одново заменувајќи го ван Перси на седум минути пред крајот. Дебито во почетната постава го имал на 23 септември 2008, против Шефилд Јунајтед во Лига купот, постигнувајќи хет-трик во натпреварот кој завршил со победа на Арсенал од 6-0, а неговиот втор гол бил изгласан како еден од „најубавите 50 гола“ на Арсенал. Натпреварот останал запомнет и по тоа што настапил најмладиот тим во историјата на Арсенал досега, со просечна возраст од 19 години.

На 8 март 2009 година, во натпреварот петтото коло на ФА Купот против Барнли, Вела го постигнал првиот гол за топџиите во победата од 3–0 погодувајќи ја мрежата откако претходно ја префрлил топката преку голманот на гостите. Својот прв гол во Премиер лигата за Арсенал, го постигнал во победата со 3-0 на гостувањето кај Портсмут на 2 мај 2009 година, станувајќи само вториот мексикански играч кој постигнал гол во Премиер лигата, по Џаред Боргети. Првата сезона во Арсенал ја завршил со 29 настапи и 6 гола во сите натпреварувања.

Вела го пропуштил претсезонскиот подготовителен период на Арсенал за сезоната 2009–2010 откако доживеал повреда на зглобот поради која бил надвор од терените до септември. Тој се вратил во акција на 22 септември 2009, влегувајќи од клупата за резерви во победата на Арсенал со 2–0 над Вест Бромвич Албион во Лига купот, асистирајќи за првиот и одбележувајќи го вториот гол на топџиите. На 21 ноември, тој го направил својот прв настап за сезоната во Премиер лигата на гостувањето кај Сандерленд, играјќи 21 минута, откако го заменил Едуардо. На 10 декември, Вела го обновил својот договор со Арсенал. На 4 мај 2010 година, Вела го одбележал својот 50-ти натпревар во дресот на Арсенал, во дуелот против Блекбурн Роверс. На 9 мај, тој го постигнал четвртиот гол во победата со 4-0 над Фулам во Премиер лигата.

Сезоната 2010-2011, Вела ја започнал добро постигнувајќи го првиот гол за сезоната во победата со 4-1 на домашен терен над Болтон Вондерерс на 11 септември 2010. Четири дена подоцна, повторно влегувајќи од клупата за резерви, тој посигнал два гола гола, негови први во кариерата во Лигата на шампионите, во победата со 6-0 над португалската екипа Брага. Сепак, како сезоната одминувала тој добивал се помала минутажа, што ги засилило шпекулациите дека наскоро ќе си замине од Арсенал.

На 28 јануари 2011 година, Вела му се приклучил на Вест Бромвич Албион на позајмица до крајот на сезоната 2010-2011. Тој го направил своето деби на 1 февруари 2011 година, во ремито 2–2 против Виган Атлетик, играјќи 58 минути од натпреварот. Тој го постигна својот прв гол за дроздовите во неговиот трет натпревар за клубот, на 20 февруари 2011 година, против локалниот соперник Вулверхемтпон Вондерерс во дербито на црната провинција, влегувајќи од клупата за да го постигне израмнувачкиот погодок во 92-рата минута од натпреварот кој завршил 1-1. До крајот на позајмицата, Вела постигна уште еден гол за Вест Бромвич и пак во последните минути, од натпреварот против Стоук Сити за уште едно реми со резултат 1-1.

Реал Сосиедад

На 15 август 2011 година, Арсенал објави дека Вела ќе биде позајмен на шпанскиот клуб Реал Сосиедад. Договорот бил потврден на 17 август 2011."Vela: "Lo daré todo por la Real"". Real Sociedad Official Website. Retrieved 17 August 2011. На 4 декември 2011 година, Вела постигнал гол со удар со ножички, негов втор за сезоната, за да го израмни резултатот во натпреварот против Малага пред соиграчот Диего Ифран да постигне доцен победнички гол за победа на Реал Сосиедад од 3–2. Вела, исто така, го постигнал единствениот гол за Реал Сосиедад во поразот со 2–1 од Барселона, што бил негов трет гол за сезоната.

На почетокот на февруари 2012 година започнале да се појавуваат гласини за иднината на Вела во Арсенал, тврдејќи дека тој самиот дека сака да остане во Шпанија со Реал Сосиедад. Вела е цитиран како вели: „Не сакам да се вратам во Арсенал. Го замолив мојот агент да преговара со Арсенал за да останам тука“. Откако забележал над 30 настапи во сите натпреварувања и постигна 12 гола, во сезоната на заем, Вела направил перманентен трансфер во Реал Сосиедад на 17 јули 2012 година, за необјавена сума. За време на сезоната 2012-2013, играјќи главно како десно крило, Вела успеал дури да ги подобри постигнувањата од претходната сезона постигнувајќи 14 гола на 35 настапи во шпанската Примера Дивисион.

Сезоната 2013-2014, била неговата најдобра во Европа; тој постигнал 16 гола во првенството, вклучително и четирите во победата со 4-3 над Селта Виго на 23 ноември 2013. Тој, исто така, играл и во Лигата на шампионите, каде го постигнал и својот прв гол после три години, во поразот со 2-1 на гости кај Бајер Леверкузен во групната фаза.

На 10 април 2017 година, Вела го одиграл својот 200-ти лигашки натпревар за Реал Сосиедад во победата со 3-1 над Спортинг Хихон, со што станал втор странски играч со најмногу настапи за клубот зад Дарко Ковачевиќ.

На 8 август 2017 година, Реал Сосиедад објавил дека постигнале договор со клубот од МЛС, ФК Лос Анџелес, за трансфер на Вела во САД на почетокот на 2018 година.

На 20 декември 2017 година, Вела го одиграл својот последен натпревар за Реал Сосиедад, постигнувајќи го последниот гол во победата со 3–1 над Севиља.

ФК Лос Анџелес На 8 август 2017 година, било објавено дека Вела потпишал за Лос Анџелес, со што станал првиот назначен играч на новиот клуб член на МЛС лигата. Тој му се приклучил на клубот во јануари 2018. На 4 март 2018 година, Вела го направил своето деби со Лос Анџелес, давајќи асистенција за голот на Диего Роси во победата на тимот со 1–0 над Сиетл Саундерс. На 10 март, Вела го постигнал својот прв гол за Лос Анџелес, последниот во победата со 5–1 над Реал Солт Лејк. На 31 март, Вела станал првиот играч кој постигнал гол во дербито „Ел Трафико“ против ЛА Галакси; ги постигнал првите два гола на натпреварот во драматичниот пораз со 3–4. На 13 април, тој го постигнал првиот гол во победата со 2–0 над Ванкувер Вајткепс. На 26 јули 2018 година, откако било спроведено популарно гласање на Твитер, Вела бил изгласан за капитен на МЛС екипата во пресрет на МЛС Ол-стар натпреварот против Јувентус; со оглед на тоа дека натпреварот бил од ревијален карактер, тој го одиграл само првото полувреме пред да бид заменет при резултат 1–1, што се испоставил и конечен исход од натпреварот во кој МЛС XI загубиле по изведување пенали со 5–3. По заминувањето на капитенот на клубот Лорен Симан, Вела бил избран да го наследи како капитен. На 22 септември 2018, Вела обезбедил две асистенции за соиграчот Вокер Цимерман во победата со 2–0 над Сан Хозе Ертквејкс. На 12 октомври, во првенствениот натпревар против Хјустон Дајнамо, тој бил вклучен во сите голови на неговиот тим во победата од 4–2, бидејќи постигнал два гол и обезбедил две асистенции. Регуларниот дел од сезоната, неговата прва со Лос Анџелес, Вела го завршил со двоцифрен број голови (14) и асистенции (13) помагајќи му на клубот да го освои третото место во Западната конференција и да се пласираат во плејофот на МЛС купот. Сепак, таму биле елиминирани уште во нокаут рундата, откако загубиле на домашен терен од со 2-3. Во ноември 2018, тој бил избран во Најдобрите XI на МЛС за 2018 година.