За други историски личности со името Александар III, видете Александар III.

Александар III Македонски или Александар Велики (Пела, 20/21 јули 356 — Вавилон, 10/11 јуни 323 г. п.н.е.) — античко-македонски крал од династијата Аргеади, син на Филип II Македонски и Олимпијада, ќерка на молоскиот владетел Неоптолем. Римјаните му го дале прекарот Magnus — „Велик“.

Бил воспитуван во духот на македонската аристократска традиција. На тринаесетгодишна возраст бил подучуван од филозофот Аристотел во неговото училиште во тогашниот град Миеза наречено Миески нимфеј, западно од денешното село Копаново, Негушко. Неговото образование ги опфаќало: поезијата, астрономијата, геометријата, реториката, натпреварите во гимнастички вежби, јавањето и ловот. На шеснаесетгодишна возраст, Филип му го доверил управувањето над Македонија, додека тој бил во поход против Византион. Првиот поход на Александар бил против Мајдите, племе во горниот тек на реката Стримон, кога ја извојувал првата воена победа и го основал град под името Александрополис, прв од многуте кои подоцна ги подигнал. На осумнаесетгодишна возраст учествувал во славната Битка кај Хајронеја, заедно со својот татко Филип, кога здружените сили на Хелените биле разбиени. По убиството на Филип, Македонското собрание го прогласило за владетел на Македонија. Како македонски крал, неговата прва воена акција била насочена против хеленските полиси кои се обиделе да ја отфрлат македонската власт. Александар ги принудил да го потврдат Коринскиот договор, според кој тој ја наследува титулата Хегемон на Хелените. Во 335 г. п.н.е., ги поразил Трибалите и нивните сојузници Гетите и преку илирската територија се спушил во Хелада, каде што започнало ново востание насочено против македонската власт, потикнато од Демостен, со центар во Теба. Александар ги поразил Тебанците и ја принудил Атина да го прифати понудениот мировен договор.

Во 334 год. п.н.е., со 40.000 војници го започнал својот поход против Персија и навлегол во Мала Азија преку Хелеспонт, кај Сест. Првиот судир со персиската војска се случил кај реката Граник на Пропонтида. По победата, Александар продолжил со својот пробив. Градот Сард се предал без борба, а во градовите во Ајолида и Јонија, меѓу кој бил и Ефес, го пречекале како ослободител. Единствено Милет и Халикарнас се спротивставиле. По овие освојувања ја поделил војската на два дела, едниот дел на чело со Парменион заминал во Сард каде што требало да презими, а другиот дел тргнал во поход преку Карија, Ликија и Памфилија, освојувајќи ги сите градови и тврдини. Во 333 г. п.н.е., во Гордион, престолнината на фригиските кралеви (Гордиј и Мида), се собрала целата војска. Тука, според една легенда, Александар го пресекол со меч неразврзливиот гордиев јазол, со што го исполнува пророштвото дека ќе загосподари со Азија. Во освоените територии најчесто го задржувал постојниот административен систем: сатрапиите — основни административни единици на чело со сатрапи, а најчесто Персијците, ја имале цивилната и воената власт, освен во Лидија, каде што бил поставен Македонец. Финансиската власт ја раководеле Македонци, а македонската војска ја контролира освоената територија.

Првата битка со големиот крал (крал на кралевите) Дариј III се случила кај Ис во 333 г. п.н.е., каде што Александар со својата војска победил, а Дариј избегал од бојното поле. Во Феникија ги освоил градовите Тир и Газа. Во Египет бил дочекан како ослободител и бил прогласен за фараон. Во градот Мемфис, египетските свештеници му ја предале двојната круна на египетските фарони. Во 331 г. п.н.е., на делтата на реката Нил го основал градот Александрија. Преку Сирија, навлегол во северна Месопотамија. Во 331 г. п.н.е. во Битката кај Гавгамела извојувал победа против бројна персиска војска. По победата, се прогласил за крал на Азија и влегол во градот Вавилон, еден од главните центри на Персиското Царство. Отаму, продолжил кон срцето на Персија и ја освоил Суза, втората престолнина на персиската држава, а набргу во негови раце се нашол и градот Екбатана. Неговата потера на персискиот крал Дариј завршила во Хекантопил, каде што било пронајдено телото на Дариј Кодоман (бил убиен од персисикиот сатрап Бес). По закопувањето на Дариј, со сите кралски почести, Александар како персиски крал се упатил на север кон Хирканија и Партија, области на југ од Каспиското Море. Во периодот помеѓу 330 — 327 г. п.н.е., Александар престојувал во Бактрија и Согдијана. Во Бактрија во 327 г. п.н.е., се оженил со иранката Роксана, која подоцна го родила неговиот син Александар. Во походот во Индија, кај реката Хидасп во 326 г. п.н.е., Александар ја водел својата последната битка против Пор, кралот на Пенџап. По големата победа над овој индиски владетел, ги присоединил земјите од оваа страна на Инд кон својата империја. На местото на Битката кај Хидасп, Александар го основал градот Никаи (Победа), а во близина подигнал уште еден град, наречен Букефала, во чест на неговиот коњ Букефал. На бреговите на реката Хифаст подигнал дванаесет жртвеници на боговите и столб на кој пишувало: „Овде застанал Александар“.

На врќање од Индија, на брегот на реката Инд, основал нова Александрија, еден од 17-те градови под ова име. На брегот на Индискиот Океан, неговата војска се поделила на два дела, едната под команда на Александар се движела по копно, а другата под команда на Неарх, пловела 80 дена. По враќањето од својот индиски поход, Александар планирал нови походи. Тој наредил да се извршат подготовки за поморско патување околу Арапскиот Полуостров до Картагина и до островите на Херакле (Мелкарт), најстариот теснец меѓу Европа и Африка (денес Гибралтар). Овие планови, пропаднале поради неговата смрт.

Александар останува запаметен како еден од најголемите освојувачи во историјата на човештвото и непобедив воин, творец на Новиот Свет, на новата епоха позната како хеленизам, на новиот поредок.

Детство 250px|мини|десно|Споменикот на Александар на плоштадот во Скопје Александар се родил од бракот на Филип со епирската принцеза Олимпијада во 356 п.н.е. на почетокот на месецот хекатомбајон кој Македонците го нарекувале лоос и тоа во шестиот ден, кога во Ефес е запален и храмот на Артемида. Плутарх наведува дека неговото раѓање им било претскажано на Филип и Олимпија. Имено, Олимпијада сонувала дека еден гром удрил во нејзиното тело и целата ја запалил. Разбирливо, нејзиниот мистичен ум веднаш го поврзал громот со Зевс (Зевс–Амон, Зевс–Најос) и истиот го сметала како израз на личниот интерес на овој бог заштитник за нејзиното семејство и нејзината идна плодност. Филип пак, сонувал сон во кој ја запечатил утробата на Олимпијада со еден печат на кој имало отпечаток со лав. Кога му ги раскажале соништата на дворскиот пророк Аристандар од Телмес, тој веднаш заклучил дека Олимпијада е бремена и носи дете кое ќе има лавовски карактер. Истиот ден кога му се родил првиот син, кај Филип стигнале гласници кои го известиле за победата над Илирите и за победата на неговиот коњ на Олимписките трки.

Посебните особини кои Александар ги покажувал од мал ја оправдале надежта на Филип дека во неговиот син се наоѓа посакуваниот наследник. Александар во него ги споил многуте карактерни црти од обата свои родители. Од неговата мајка, темпераментна жена подложна на мистицизмот, ја наследил страсната и помалку тврдоглава личност, ирационален копнеж за непознатото и верба во посебна херојска слава. Од татко си ја презел нескротливата волја и енергија, нескротилив карактер, храброст, слава, војнички дар и извонредно практичен дух. Неговата мајка му била поблиска по душа и влијанието на оваа жена оставила неизбришлива трага врз него. Татковиот пак, дипломатски, војнички и политички успех го поттикнало неговото честољубие и ги разгорил неговите соништа за водство и слава. Кај Плутарх се спомнува дека „Александар не сакал да го добие од својот татко златото, раскошот и уживањето, туку го сакал кралството кое ќе му пружи можност за борби, војни и дела полни со чест и слава”.

Александар ја имал и среќата да стане ученик на еден од најголемите филозофи во антиката. Кога Александар имал четиринаесет години, Филип го довел Аристотел во Македонија и му го доверил воспитувањето на својот син. Аристотел тогаш имал околу четириесет години и сѐ уште бил далеку од неговата понатамошна слава. Тој бил зет и пријател на малоазискиот владетел Хермиј, кој пак со Филип одржувал добри пријателски односи. По смртта на Платон, Аристотел се повлекол на дворот на Хермиј, каде се наоѓал и кога Филип го повикал во Македонија. Средбата на Аристотел со младиот Александар се прикажува како „еден од најголемите моменти во историјата на човештвото.” Иако Александар тогаш уште бил дете и потенцијален престолонаследник, а Аристотел уште не ја започнал неговата плодна научна дејност која ќе го прослави низ вековите, подоцна првиот ќе стане генијален, херојски настроен војсководец и обединител на Азија и Европа, а вториот – генијален филозоф, во кој се созреала и кулминирала двовековната филозофска и научна мисла на Хелените.

Во малото место Миеза, во внатрешноста на Македонија, во Миескиот нимфеј (денешна месност Извор кај Копаново, Негушко), идниот крал и неговите другари врсници биле воспитувани во хеленски дух. Аристотел не сметал дека на идниот владетел му е потребна посебна настава која практично би го подготвувала за должноста која го чекала. Часовите по гимнастички вежби, јавање, лов и игри се замениле со читање песни и разговори за поезијата, со учење геометрија, астрономија, реторика и еристика. Аристотел на својот млад воспитаник му влел огромна љубов кон песната. Тој за него ги рецитирал песните на Хомер и Александар никогаш не се одделувал од овие дела. Негови омилени јунаци биле Херакле и Ахил, кои ги сметал за свои предци. На влијанието на Аристотел врз учењето на Александар, може да се препише и неговото големо интересирање за природните науки, по што и неговите освојувачки војни често добивале карактер на истражувачки експедиции кои ги збогатиле географијата, етнологијата, биологијата, ботаниката, метеорологијата и многу други науки. thumb|300px|Македонското сонце со кралската дијадема во сончевата топка — симбол на Античко-македонското Царство

Меѓутоа, во политички поглед, вистинско разбирање меѓу Александар и неговиот учител немало никогаш. Во својот став кон Варварите, Александар повеќе бил следбеник на Антистеновата школа која била долга традиција на македонскиот двор, а не на Аристотеловата. Аристотел останал на македонскиот двор до стапувањето на Александар на престолот на Македонија, но неговата наставничка мисија траела најмногу уште три години.

Младиот владетел и покрај подучувањата од Аристотел останал варварин, се научил да ја почитува културата на Хелада и сонувал за распространување на таа култура на Исток. Меѓутоа, Александар ја потценувал тромоста и отпорната сила на источниот дух, а и големината и длабочината на источната култура. Квантитетот на Азија излегол премногу крупен спрема квалитетот на Хелада. Во моментот на најголемата слава, во Александар победил духот на Истокот. Тој покрај повеќето жени се оженил и со ќерката на Дариј III, ја зел персиската круна и се облекувал како персиските кралеви, го вовел во Европа источниот поим „крал по милост Божја“ и најпосле ја запрепастил Хелада кога во величествен стил изјавил дека тој е бог. Хелада на тоа се смеела, а Александар се опивал до бесвест, која подоцна го довела и до смрт.

Доаѓање на власт