Бактерии () — голем домен на прокариотски микроорганизми. Типично се неколку микрометри во должина и се среќаваат во голем број на облици, вклучувајќи сфери, стапчиња и спирали. Бактериите се едни од најстарите животни форми на планетата и може да се најдат во скоро сите живеалишта. Тие ги населуваат океаните, копното, врелите извори, екстремно кисели води и радиоактивни отпади, а може да се најдат дури и на големите длабочини на Земјината кора. Тие исто така живеат во сложените повеќеклеточни организми како што се животните и растенијата, а со нив формираат симбиотски или паразитски односи. Повеќето бактерии сè уште не се одликувани, а само околу половина од сите бактериски колена имаат видови кои може да се огледуваат во лабораторија. Науката за бактерии се нарекува бактериологија и претставува гранка на микробиологијата.

Во еден грам почва има околу 40 милиони бактериски клетки, а во милилитар слатка вода има околу милион бактериски клетки. На планетата Земја има околу 5×1030 бактерии. Ова формира бактериска биомаса која е поголема од растителната и животинската биомаса заедно. Бактериите се неопходни за многу фази од циклусот на елементите во биосферата, како што се врзувањето на јаглеродот и азотот од атмосферата. Циклусот на елементите исто така вклучува разградување на телата на мртвите организми, а бактериите се најодговорни за фазата на гниење на овој процес. Во биолошките заедници кои живеат околу хидротермалните извори или студените извори, екстремофилните бактерии ги обезбедуваат виталните хранливи материи кои се неопходни да се одржи животот во овие средини; како што е искористувањето на метан и сулфурводород за продукција на енергија. Во 2013 година била објавена студија според која бактериите може да живеат во Маријанскиот Ров, кој се наоѓа на длабочина од 11 километри, што е најдлабокиот познат регион на океаните. Други истражувачи објавиле резултати според кои бактериите може да живеат внатре во карпи кои се наоѓаат 580 метри под морското дно. Верувањето дека бактериските клетки во човековото тело се побројни од човечките клетки во однос 10:1 е побиено. Има околу 39 трилиони бактериски клетки во човековата микрофлора, при што како стандард се зема маж со 170 сантиметри висина и 70 килограми телесна тежина, додека вкупниот број на човековите клетки е околу 30 трилиони. Ова значи дека иако бактериските клетки се побројни, тие се побројни за 30%, а не за 900% во однос на човековите клетки. Најголемиот број на бактериски клетки кај човекот се наоѓаат во цревната флора, а втори по бројност се бактериите на кожата. Најголемиот дел на бактериите кои живеат во човековото тело се сосема безопасни, а тие што живеат во цревната флора се дури и многу корисни. Меѓутоа неколку видови на бактерии се патогени и предизвикуваат инфективни заболувања како што се: чума, лепра, антракс, сифилис, колера, туберкулоза итн. Најсмртоносните бактериски заболувања се дишните индекции, од кои на прво место е туберкулозата која убива околу 2 милиона луѓе годишно главно во потсахарска Африка. Во развиените земји за третман на бактериските инфекции често се користат антибиотици, кои исто така се употребуваат и во сточарството поради што резистенцијата кон антибиотици е во пораст. Во индустријата бактериите се користат за третман на отпадни води, за разградување на истурена нафта; во прехранбената индустрија за производство на јогурт, сирење и други производи на ферментација; како и во биотехнологијата за производство на антибиотици и разни други хемикалии.

Порано бактериите се сметале за растенија и се класифицирале во класата Schizomycetes. Денес, бактериите се класифицираат како прокариотски организми кои, за разлика од животинските, растителните и другите еукариотски организми, не поседуваат клеточно јадро и немаат мембрански органели. Иако традиционално терминот „бактерии“ се користел за сите прокариоти, научната класификација е променета со почетокот на деведесеттите години од 20 век, по откритието дека археите се посебна група на прокариоти, кои заедно со бактериите еволуирале од заеднички предок. Денес бактериите и археите се класифицираат во два одделни домени на животот, а третиот го чинат еукариотите.

Потекло на поимот Зборот бактерија потекнува од новолатинскиот bacterium, кој е латинизирана форма од грчкиот збор βακτήριον (bakterion), што претставува деминутив на βακτηρία (bakteria), што во превод значи „стап“, бидејќи првите видови кои биле откриени имале стапчеста форма.

Потекло и рана еволуција Предокот на денешните бактерии бил едноклеточен микроорганизам и бил еден од првите живи форми кои се појавиле на Земјата пред околу 4 билиони години. Во следните 3 билиони години доминантните живи организми на Земјата биле едноставни прокариоти, како што се денес бактериите и археите. Иако постојат бактериски фосили од архајскиот период, како што се строматолитите, недостатокот на одредена морфологија оневозможува тие да се искористат за проучување на историјата на бактериската еволуција, или да се прецизира времето на потекло на одреден бактериски вид. Меѓутоа во поново време, секвенционирањето на геномите на илјадници видови на организми од сите три домени на животот, овозможило да резултатите од овие истражувања се користат во филогенетиката. Најблискиот древен заеднички предок на бактериите и археите веројатно бил хипертермофилен организам и живеел пред околу 2,5-3,2 билиони години. Бактериите, исто така, влијаеле врз еволуцијата на еукариотите и археите. Денешните еукариоти се резултат на ендосимбиотска асоцијација помеѓу предокот на еукариотите (т.н. протоеукариот) и алфапротеобактерија, која после навлегување во цитоплазмата на протоеукариотот еволуирала во денешните еукариотски органели, како што се митохондриите, а според некои теории и хидрогенозомите. Подоцна некои еукариоти, коишто веќе содржеле митохондрии, стапиле во секундарна ендосимбиотска асоцијација со цијанобактерија, што довело до еволуција на хлоропластите во денешните алги и растенија.

Морфологија alt=|лево|мини|369x369px|Клеточни морфологии и аранжмани кои се јавуваат кај бактериите. Морфологијата на бактериите покажува голем диверзитет на форми и величини. Бактериските клетки се околу десетина од големината на еукариотските клетки и долги се околу 0,5 - 5,0 микрометри, но има и видови кои се видливи со голо око, како на пример Thiomargarita namibiensis, која е долга околу 0,5 милиметри, и Epulopiscium fishelsoni која достигнува до 0,7 милиметри должина. Најмалите бактерии се членови на родот Mycoplasma, кои имаат должина од само 0,3 микрометри, што претставува величина на најголемите вируси. Некои бактерии можат да бидат уште помали, но овие т.н. ултрамикробактерии сѐ уште не се доволно проучени.

Најголем број бактериски видови се или сферични по форма, т.н. коки (еднина: coccus, од грчкиот збор kókkos, што значи зрно или семе) или се со стапчеста форма, т.н. бацили (еднина: bacillus, од латинскиот збор baculus, што значи стап). Некои бактерии наречени вибрио имаат форма на искривено стапче или запирка; други пак имаат спирална форма и се наречени спирила, а пак други може да се значително свиени и се нарекуваат спирохети. Опишани се и помал број на други невообичаени форми, како на пример ѕвездовидни бактерии. Бактерискиот клеточен ѕид и цитоскелет го одредуваат овој голем вариетет на форми, и тоа е важно затоа што влијае на нивната способност да се снабдуваат со нутриенси, да се прикрепуваат за површини, да пливаат во течности или да избегнат грабливци. мини|Опсег на димензии кај прокариотите во однос на оној кај други организми и молекули. Најголем број на бактериски видови постојат како единечни клетки, додека други може да се групираат во карактеристични форми: Neisseria се јавува во парови, Streptococcus формира ланци, Staphylococcus формира гроздовидни формации или кластери. Бактериите, исто така, може да се групираат за да формираат поголеми повеќеклеточни структури, на пр. издолжени филаменти кај цијанобактериите и актинобактериите, агрегати како кај миксобактериите, или пак комплексни хифи како кај стрептомицетите. Овие повеќеклеточни структури често се формираат само при посебни услови, на пример, при недостаток на аминокиселини, миксобактериите комуницираат со околните бактерии од својот вид преку процес наречен „чувство на кворум“ (англ., quorum sensing), при што мигрираат една кон друга и се агрегираат во телца кои се со димензија од околу 500 микрометри и содржат околу 100.000 бактериски клетки. Во овие повеќеклеточни телца се јавува функционална поделба меѓу одделните бактериски клетки, на пр., секоја десетта клетка од колонијата мигрира кон површината и таму се диференцира во посебна дормантна (спиечка) форма која се нарекува миксоспора, и на овој начин прават заштитен слој којшто колонијата ја штити од исушување и други влијанија на околината.

Други видови на бактерии се способни да се прицврстат за површини и да формираат густи агрегати наречени биофилмови. Овие биофилмови може да варираат во дебелина од неколку микрометри па дури до половина метар, а во нив се населуваат, покрај бактериите, и разни видови на археи и еукариоти. Бактериите што живеат во биофилмови имаат сложен распоред на клетките и на вонклеточните компоненти, формирајќи секундарни структури, наречени микроколонии, помеѓу кои има мрежа од канали, кои овозможуваат подобра дифузија на хранливите материи. Во природните средини како што се почвата, површината на камења, карпите и површината на растенијата, најголем број од бактериите се наоѓаат во површински биофилмови. Биофилмовите се важни и во медицината, бидејќи овие структури често се среќаваат при хроничните бактериски инфекции или кај инфекции од имплантирани медицински помагала, затоа што бактериите што се наоѓаат во биофилмот многу потешко се уништуваат од изолираните форми.

Клеточна структура мини|268x268пкс|Структура и содржина на типична Грам-позитивна бактериска клетка.

Внатрешноклеточни структури

Бактериската клеточна мембрана се состои главно од фосфолипиди и белковини. Таа покрај својата заштитна улога како бариера, врши и многу важна улога во транспортните и енергетските процеси на клетката. За разлика од еукариотските клетки, бактериските клетки најчесто не поседуваат мембрански органели, како што кај еукариотите се: јадро, ендоплазматски ретикулум, Голџиев систем итн. Меѓутоа, некои бактерии поседуваат белковински органели во цитоплазмата кои разделуваат различни процеси од бактерискиот метаболизам, како што се карбоксизомите. Дополнително, бактериите имаат мултикомпонентен цитоскелет, кој ја контролира локализацијата на белковините и нуклеинските киселини во цитоплазмата, а исто така учествува и во процесот на клеточната делба.

Многу значајни биохемиски процеси, како што е складирањето на енергија, се одвиваат како резултат на концентрациски градиенти низ мембраните, со што се создава разлика во потенцијали на ист принцип како во батериите. Недостатокот на внатрешни мембрани кај бактериите значи дека овие процеси, како што е транспортот на електрони, треба да се одвиваат низ клеточната мембрана помеѓу внатрешниот простор кој ја сочинува цитоплазмата и надворешниот простор кој ја сочинува периплазмата. Меѓутоа, кај многу фотосинтетски бактерии клеточната мембрана е значително набрана и зазема голем дел од клеточниот волумен. Вака набраната мембрана гради повеќе слоеви во кои се сместени фотосинтетските комплекси, а кај зелените сулфурни бактерии може да се најдат посебни фотосинтетски телца оградени со липиди, наречени хлорозоми.

Повеќето бактерии немаат јадро оградено со мембрана, а нивниот генетски материјал е единечен, циркуларен, бактериски хромозом, сместен во цитоплазмата во облик на телце со неправилна форма кое се нарекува нуклеоид. Како и сите други живи организми, бактериите поседуваат рибозоми, кои се неопходни во процесот на биосинтеза на белковини; но структурата на бактериските рибозоми е различна од онаа кај археите и еукариотите.