Боцвана (; ) или официјално Република Боцвана (Lefatshe la Botswana, Republic of Botswana) — држава во Јужна Африка. Државата порано била британски протекторат познат како Бечуаналенд. Откако државата се стекнала со независност на 30 септември 1966 година, официјалното име биле променето во денешната форма. Боцвана се граничи со Јужна Африка на југ и југоисток, со Намибија на запад и на север и со Зимбабве на североисток. Боцвана има допирна точка со Замбија, но овој дел од границата не е добро утврденZambia-Botswana border. Главен град на државата е Габороне, а службени јазици се цвана и англискиот. Боцвана има вкупна површина од 581.730 км2 и население од 2.029.307 жители според проценките од 2010 година.

Топографски земјата е рамнинска и околу 70% од територијата зафаќа пустината Калахари. Боцвана има нешто над 2 милиони жители и тоа ја прави една од најслабо населените држави во светот. Боцвана била една од најсиромашните држави во Африка во моментот кога се стекнала со независност во 1966 година со БДП од 70 долари по глава на жител. Денес, Боцвана е една од најбрзо растечките економии во светот со БДП од 14.400 долари по глава на жител. Државата е дом на еден релативно стабилен политички систем и брзорастечка пазарна економија. Економијата на земјата е една од најуспешните во Африка и брзо се развива услужниот сектор, светски познатата дијамантска индустрија, туризмот и производството.

Потекло на поимот

Името на државата потекнува од матичниот јазик цвана (сецвана) и значи „земја на Цваните“. На цвана, претставката бо- се става пред коренот на името (во овој случај народот Цвана) и се добива името на државата.

Историја

Рана историја Територијата на Боцвана била населена со коисански народи со илјадници години. Едмп наоѓалиште на ридот Цодило во северозападна Боцвана содржи археолошки докази дека на таа територија имало коисански народи од 17.000 г.п.н.е. па до околу 1650 година. Во тој период коисанските народи биле ловци и собирачи на плодови, нивните алатки биле изработени од камен, дрво или коска и нивната култура била означена како „доцно камено доба“. Овој начин на живот бил нашироко прифатен во регионот, особено во северните предели на Боцвана.

Во изминатите векови, коисанските народи преминале од примитивниот начин на живот во сточари и одгледувачи на говеда и овци. Говедата и овците биле донесени од Источна Африка. Некои коисански народи емигрирале низ централна Намибија и пристигнале сè до ’ртот Добра Надеж. Во тој период коисанските јазици за првпат биле воведени во Јужна Африка.

Банту-период

Земјоделството и одгледувањето на добиток од страна на народите Банту било раширено јужно од екваторот со илјадници години. Од Западна Африка, за време на доцното камено доба, земјоделството било пренесено во Ангола, во 380 година започнало да се употребуваат и алатки во регионот на реката Замбези. Од другата страна пак, источноафриканското земјоделство се проширило низ саваните и во околу 20 година било воведено во регионот на реката Замбези. Овие народи, покрај тоа што вовеле земјоделство и сточарство, ги вовеле и банту-јазиците во регионот.

Биле потребни стотици години да се заменат коисанските традиционални принципи на живот во регионот Окаванго и Макгадикгади со банту-вредности. Во 200-те години луѓето почнале да изработуваат керамика, која според археолошките пронајдоци, била мешавина од коисански и банту-елементи.

Најстарото археолошко пронаоѓалиште во Боцвана од железното доба е Цвапонг, кое се наоѓа во Палапје и датира од 190 година. Се претпоставува дека наоѓалиштето е од источни банту-земјоделци од регионот на долината на Лимпопо. Во северните делови од државата се населиле западни банту-земјоделци. Во западните делови од државата биле пронајдени колиби за кои се верува дека потекнуваат од 420 година, додека исти такви населби биле пронајдени во Преторија, но тие потекнувале од 300 година. Денес има и докази дека имало банту-земјоделци во Окаванго, кои опстојувале паралелно со коисанските народи. Таква населба била Цодило, која потекнува од 550 година. Проблем за археолозите е да ги дефинираат карпестите цртежи во Цодило, за кои традиционално се верува дека биле насликани од Бушмани.

Први кралства

Од 1095 година, југоисточна Боцвана била дом на нова култура, чиј центар бил Морцане во близина на Габане. Морицанската култура е традиционално поврзана со Кгалагдиското Кралство, најзападната сотоанско-цванска група.

Во источните предели на централна Боцвана, во околината на Серове, се развила силна сточарска традиција, која била под доминација на населението од брдата Тоуцве од 600/700 година, па сè до 1200/1300 година. Просперитетот на државата бил заснован на одгледувањето добиток. Народот Тоутцве исто така се занимавал со ловење и со трговија во долината на Лимпопо.

Државата на Тоуцве била освоена од народот Мапунгубве, која првично се наоѓала во регионот на реките Лимпопо и Шаше. Освојувањето се случило во периодот 1200/1300 година. Мапунгубве забележале голем развој поради трговијата со злато преку реката Шаше па сè до Индискиот Океан. Главниот центар на Тоуцве бил напуштен, но новите владетели ги зачувале останатите населени места поради одредени придобивки. Сепак, оваа држава во развој била краткотрајна и државата Големо Зимбабве, која се развила северно од Лимпопо, ја освоила цела територија. Најголемиот процут Зимбабве го забележал во периодот од 13 до 15 век. Наследничка на Големо Зимбабве била државата Бутуа, која се развила во западно Зимбабве.

Државата Бутуа наскоро потпаднала под контрола на Чибундуле, а подоцна во 1685 година и под власт на Розвите. За време на владеењето на Розвите, Бутуа станала позната како Каланга.

Издигнувањето на Цваните

Во периодот 1200 до 1400 година, поголем број моќни династии започнале за да се развиваат во западен Трансвал и нивната моќ почнала да се шири низ регионот. Фокензите се прошириле јужно кон јужносотоанските народи, додека Ролонзите се прошириле западно кон калагариските народи. Се претпоставува дека или Калагаријците ги прифатиле Ролонзите или се преселиле западно низ Калахари. Моќта на Ролонзите била голема и често имале воени конфликти со народот Таунг.

Главните цвански династии Хуруце, Квена и Кгатла настанале од династијата Пофу. Цваните се одделиле во 1500/ 1600 година во западен Трансвал. Според народните прекажувања, Цваните се одделиле од сродниот народ поради сушата во првичната татковина и станале независно кралство. Според археолошките докази, до 1700 година Цваните живееле во мали колиби, а по 1700 година биле забележани и камени структури. Сите овие кралства во регионот се бореле за превласт, трговија и поголеми приходи од сточарството.

Цванските династии Квена и Хуруце го основале кралството Нгвакеце во југоисточна Боцвана во 1700 година. По 1750 година, ова мало кралство прераснало во моќна воена држава која ги контролирала ловството и одгледувањето на добиток во Калахари, како и производството на бакар во Кање. Квените се населиле во Молепололе, а некои Квени се населиле и во Шошонг.

Бечуаналенд

Во 19 век избиле непријателства меѓу племињата Цвана и Ндебеле кои вршеле упади во Боцвана од североисток. Тензии, исто така, се појавиле со бурските (европски) доселеници од исток. По жалбите од страна на водачите на Боцвана Кама III, Батоен и Себеле за помош, британската влада го ставила „Бечуаналенд“ под нејзина заштита на 31 март 1885 година. Северната територија останала под директна управа како Протекторат Бечуаналенд'' и е денешна Боцвана, додека јужната територија станала дел од колонијата Кејп и сега е дел од северозападна провинција Јужна Африка. Мнозинството луѓе кои зборуваат цвана живеат во Јужна Африка.

Кога Сојузот на Јужна Африка е формиран во 1910 година од главните британски колонии во регионот, протекторатот Бечуаналенд и Баситоленд (сега Лесото) и Свазиленд ( „Високата комисија за територии“) не биле вклучени, но било обезбедено нивно подоцнежно оформување.

Географија и клима

Особености Вкупната површина на Боцвана изнесува 600.370 км2 и тоа ја прави 45-та најголема држава во светот. Како споредба, површината на Боцвана е слична со таа на Мадагаскар и нешто помала од американската сојузна држава Тексас. Според пописот од 2001 година, во Боцвана живеат 1.680.863 жители, а проценките за 2010 година предвидуваат дека државата има нешто над 2 милиони жители. На југ и југоисток Боцвана граничи со Јужноафриканската Република (1.840 км), на запад и на север граничи со Намибија (1.360 км) и на североисток државата граничи со Зимбабве (813 км). Боцвана има допирна точка со Замбија на север. Главен град на Боцвана е Габороне.

Од географска гледна точка, Боцвана е релативно рамнинска земја со одреден број на висорамнини. Во државата доминантна е пустината Калахари, која зазема 70% од вкупната површина на Боцвана. Делтата на реката Окаванго е најголема копнена делта во светот и истата се наоѓа во северозападниот дел од државата. Во северниот дел од државата се наоѓа Макгадикгади, големо исушено солено езеро.Geography of Botswana

Басенот на реката Лимпопо, главна географска одлика на Јужна Африка, делумно се наоѓа во Боцвана, поточно во југоисточниот дел од земјата. Реката Чобе се наоѓа во северниот дел од Боцвана и истата служи како граница меѓу Боцвана и Намибија. Реката Чобе се спојува со реката Замбези во местото наречено Казунгула.

Национални паркови и резервати Боцвана има разновиден див животински и растителен свет. Покрај делтата и пустината, во државата има пасишта и савани, каде гнуа, антилопи и останати цицачи и птици опстојуваат. Северниот дел од Боцвана е дом на една од ретките поголеми групи на африкански див пес. Националниот парк Чобе, кој се наоѓа во округот Чобе, е дом на најголемата концентрација на африкански слон. Паркот има површина од 11.000 км2 и во него живеат над 350 видови птици.

Националниот парк Чобе и резерватот Мореми, кој се наоѓа во делтата на Окаванго, се главни туристички одредишта. Покрај овие, во држава се наоѓаат и Централнокалахарскиот резерват, Националниот парк Макгадикгади и Националниот парк Нхај. Резерватот Машату е во приватна сопственост и се наоѓа во близина на реките Шаше и Лимпопо. Покрај него, во Боцвана има уште еден приватен резерват кој се наоѓа во близина на Габороне и се нарекува Моколоди.

Еколошки проблеми

Моментално Боцвана се соочува со два еколошки проблеми: суша и опустошување. Опустошувањето во Боцвана е тесно поврзано со сушните периоди. Поради сушата, 75% од луѓето и животинскиот свет во државата се зависни од подземните води. Подземните води ги ублажуваат ефектите на сушата. Подземните води се црпат со помош на дупчење длабоки дупки, кои пак резултираат со ерозија на земјата. Површинската, надземна, вода во Боцвана е многу малку застапена и само 5% од земјоделството на Боцвана користи дождовни води. Поради овој проблем, се зголемило одгледувањето на добиток како главен извор на приход. Како последица на тоа, 71% од површината на државата се користи за пасење, што е исто така една од причините за опустошување на земјиштето.

Бидејќи одгледувањето добиток во Боцвана станал профитабилен бизнис, земјиштето и понатака се експлоатира. Животинскиот свет во Боцвана почнал драстично да се намалува. Во периодот од 1966 до 1991 година, добитокот се зголемил од 1,7 милиони на 5,5 милиони грла.. Исто така, бројот на луѓето се зголемил од 547.000 на 1,5 милиони жители во 1995 година. Над 50% од домаќинствата во Боцвана чуваат добиток и моментално е најголем извор на приход за руралното население. Поради намалената обработка на земјата и големата застапеност на пасишта, се зголемило опустошувањето на земјиштето. Исто така, во Боцвана се издале извештаи каде се вели дека и делтата на Окаванго се суши поради пасењето.