thumb|Сладолед од јагоди

Сладолед (ладен крем) — замрзнат десерт којшто се прави од мраз, најчесто од млечни производи како млеко или павлака, во комбинација со овошје или други состојки и вкусови. Повеќето видови сладолед содржат шеќер, но некои од нив се направени и со други засладувачи. Понекогаш се користат вештачки вкусови и бои како додатоци или замена на природните состојки. Смесата од избраните состојки се меша полека додека се лади со цел да се соедини воздухот и да се спречи создавање на големи кристали мраз. Резултатот е благ вкус на полуцврста пена од која може да се формираат топчиња.

Значењето на поимот „сладолед“ се разликува од една до друга земја. Поимите како „замрзнат крем“, „замрзнат јогурт“, „шербет”, „џелато“ и други, се користат за издвојување на различни видови и стилови. Во некои земји, како САД, поимот “сладолед” се однесува само на посебен вид и повеќето влади ја регулираат комерцијалната употреба на повеќе видови сладолед во согласност со релативната количина на главните состојки. Во другите земји, како Италија и Аргентина, еден збор се користи за сите видови на сладолед. Сличните видови на сладолед кои се прават од други млечни производи, како козјо и овчо млеко или други течности кои ќе го заменат млекото, се достапни за оние кои не можат да конзумираат лактоза, се алергични на млечни белковини и/или за вегетаријанците.

Историја

Претходници на сладоледот right|thumb|Продавница за сладолед во Дамаск, Сирија Во Персија, луѓето ставале снег во длабок сад и врз него налевале концентрат од сок од грозје и го јаделе со задоволство, особено во жешките летни денови. Снегот најчесто се чувал во подземни простори познати како „јакчал“ кои го задржувале снегот во замрзната состојба или пак, го собирале од врвовите на планините кај денешните Хагматана, Екбатана и Хамадан. 400 години пред новата ера, Персијците се обиделе да создадат нешто ново и измислиле извонредно добра ладна храна, направена од вода од роза и фиде, која се служела на кралските семејства во текот на летото. Мразот се мешал со шафран, овошјe и разни други вкусови.

Древните цивилизации служеле мраз како ладна храна илјадници години. БиБиСи објави дека замрзната мешавина од млеко и ориз се јадела во Кина 200 години п.н.е. Римскиот цар Нерон (37-68 г.) го донел мразот од планините и го комбинирал со овошни преливи. Овие претставувале едни од првите ладни деликатеси. Арапите можеби се првите кои го користеле млекото како главна состојка во производството на сладолед. Го засладувале со шеќер наместо со овошни сокови и ги усовршиле средствата за комерцијално производство. Уште во десеттиот век, сладоледот бил широко распространет во повеќето големи градови во арапскиот свет – Багдад, Дамаск и Каиро. Се правел со млеко или павлака, многу често и со јогурт и се додавало вкус на вода од роза, сушени овошја и ореви, бадеми и лешници. Се верува дека рецептот се основа на постари староарапски, месопотамски, грчки или римски рецепти, кои најверојатно се претходници на персискиот ладен десерт (фалуда).

Магелон Тусен-Самат во нејзината “Историја на храната” тврди дека “Кинезите се најзаслужни за создавање на направата за правење шербет и сладолед. Тие ставале мешавина од мраз и шалитра врз внатрешните делови на садовите кои биле полни со сируп, бидејќи како што солта ја зголемува точката на вриење на водата така и ја намалува точката на мрзнење до под нулата.” (Тусен не наведува историска документација за тоа.) Во некои документи пак е наведено дека за времевладеењето на Императорот Јингцонг од Династијата Сонг (960-1279 г.) во Кина, била напишана поемата “詠冰酪” (Ода за леденото сирење) чиј автор е Јанг Ванли. Всушност, оваа поема била наречена “詠酥” (Ода за тестото; 酥 е еден вид на храна кој повеќе наликува на тесто во западниот свет) и нема никаква врска со сладоледот. Исто така, Тусен тврди дека во Династијата Јуан, Кублај Кан уживал во вкусот на сладоледот и неговиот рецепт бил достапен само за кралевите сè додека Марко Поло не ја посетил Кина и го пренесол начинот на правење сладолед во Италија. Во шеснаесеттиот век, императорите од Могулското Царство им давале наредба на голем дел од своите коњаници да донесат мраз од Хиндукуш до Делхи, каде се користел за правење на сорбет.

thumb|right|Јапонски сладолед од зелен чај Се верува дека, кога италијанската војвотка Катерина де Медичи се омажила за Војводата од Орлеанс во 1533 година, со неа однела во Франција неколку италијански готвачи кои го знаеле рецептот за приготвување на сорбет и на сладолед со разни вкусови. Сто години подоцна, Чарлс I од Англија, наводно толку многу бил импресиониран од “замрзнатиот снег” што му понудил доживотна пензија на својот готвач кој му го приготвувал сладоледот во замена да не ја издаде тајната формула, за да може сладоледот да биде исклучиво кралска привилегија. Не постојат историски докази за да ги поддржат овие легенди, кои се појавиле во XIX век.

Првиот рецепт за мраз со различни вкусови во Франција, се појавува во 1674 година, во “Збирка на ретки љубопитства и новости за најдобрите ефекти од природата”, напишана од Николас Лемери. Рецептот за сорбет бил објавен во 1694 година од страна на Антонио Латини во книгата “Модерен домаќин”. Латини тврди дека резултатот постигнат од неговите рецепти треба да содржи доволна количина на шеќер и снег, во спротивно нема да се постигне саканиот резултат.

Вистински сладолед

Рецептите за сладолед најпрво се појавиле во осумнаесеттиот век во Англија и Америка. Рецепт за сладолед бил објавен во “Рецептите на госпоѓа Мери Ил” во Лондон во 1718 година.

Во САД, сладоледот го донеле Квекерите. Слаткарите продавале сладолед во продавниците во Њујорк и другите градови за време на колонијалната ера. Бенџамин Франклин, Џорџ Вашингтон и Томас Џеферсон се познати по тоа што редовно јаделе сладолед. Исто така и првата дама Доли Медисон тесно се поврзува со почетокот на историјата на сладоледот во САД. Една многу позната приказна вели дека, како сопруга на претседателот на САД - Џејмс Медисон, таа служела сладолед на неговиот свечен бал во 1813 година.

Околу 1832 година, Август Џексон, африканско-американски слаткар, не само што напишал повеќе рецепти за сладолед, туку и измислил нов, извонреден начин на правење сладолед.

Во 1843 година, Ненси Џонсон од Филаделфија го создал првиот американски патент за мал фрижидер за сладолед кој рачно се управува. Американците создале нов вид на десерт - сладолед со сок, со што се зголемила популарноста на сладоледот. Се претпоставува дека овој ладен десерт бил изум на Роберт Грин во 1874 година, иако не постои убедлив доказ кој би го поткрепил тоа тврдење. thumb|Сладолед со овошје, тврди плодови и вафли Сладоледот со овошје, лешници и ореви потекнува од крајот на XIX век. Неколку луѓе тврдат дека го создале првиот таков сладолед, но не постојат цврсти докази со кои би се докажале нивните приказни. Некои извори велат дека сладоледот бил измислен со цел да се избегнат сините закони (закони во САД со кои се контролира работењето во недела, продажба на алкохол и сексуално однесување), со кои се забранувало продавање на сок во недела. Градовите кои тврдат дека се родно место на сладоледот со овошје, лешници и ореви се Бафало, Њујорк; Ту Риверс, Висконсин; Итака, Њујорк; и Еванстон, Илиноис. И сладоледот во корнет и банана сплит (преполовена банана прелиена со сладолед/шлаг) станаа познати во почетокот на дваесеттиот век. Неколку продавачи тврделе дека го измислиле корнетот на светскиот саем во Сент Луис, Мисури во 1904 година. Европејците јаделе корнет многу порано од 1904 година.

Во Велика Британија, сладоледот претставувал скап и редок десерт сè додека не почнале да се увезуваат големи количини на мраз од Норвешка и САД во средината на викторијанската ера. Швајцарско-италијанскиот стопанственик, Карло Гати, го отворил првиот киоск за сладолед пред станицата Черинг Крос во 1851 година, продавајќи топчиња сладолед за едно пени.

Историјата на сладоледот во дваесеттиот век е една од најголемите промени која придонесе за поголема достапност и популарност. Во САД во почетокот на дваесеттиот век, сладоледот со сок бил популарен десерт во продавниците за сок, продавниците со сифонот за сода-вода и киосците за сладолед. За време на прохибицијата во САД, продавниците со сифонот за сода-вода ги замени незаконските барови и салони до одреден степен.

Сладоледот стана популарен низ целиот свет во втората половина на дваесеттиот век откако почна се почесто да се употребува замрзнувачот. Се отвориле илјадници продавници за сладолед од илјадници видови и вкусови. Продавачите си конкурирале едни на други со тоа што постојано измислувале нови видови. Во рестораните на Хауард Џексон имало реклами за “свет од 21 вкус”. Баскин-Робинс направиле сладолед со 31 различен вкус - “еден за секој ден од годината”, и тоа претставувало основата на нината стратегија за маркетинг. Компанијата тврди дека денес има создадено околу 1000 видови на сладолед.

Една значајна промена во дваесеттиот век беше измислувањето на мек сладолед. Еден тим за хемиско истражување во Велика Британија (во кој членувала и Маргарет Тачер) открил метод за удвојување на количината на воздух во сладоледот, со што им се овозможувало на произведувачите да употребуваат помалку од потребните состојки и да ги намалат трошоците за производство на истиот. Со тоа се овозможило создавање на машина за мек сладолед во кој корнетот се полни со сладолед преку чеп. Во САД, Дејри Квин (Dairy Queen), Карвел (Carvel) и Тести-Фриз (Tastee-Freez) биле предводници во создавањето на ланци на ресторани во кои се служело мек сладолед.

Технологиските изуми како овие погоре доведоа до употреба на повеќе различни видови на прехранливи адитиви во сладоледот, како што е стабилизирачкиот агенс глутен, кои некои луѓе не можат да го конзумираат. Токму поради овој факт, во последно време голем број на компании почнаа да произведуваат сладолед кој не содржи глутен.

Во осумдесеттите години повторно почна да се произведува сладолед по старите рецепти, оној добро познатиот, густ сладолед кој се продавал како “премиум” и “суперпремиум” од страна на компаниите Бен и Џери (Ben & Jerry’s) и Хаген-Дас (Häagen-Dazs).

Производство right|thumb|Сладолед од цреши Пред да се измисли модерниот начин на замрзнување, сладоледот претставувало луксуз кој се служел само во посебни пригоди. Правењето сладолед претставувал исклучително тежок и долг процес; луѓето сечеле мраз од езерата во зима и го чувале во дупки во земјата или пак во мали куќички за мраз кои биле направени од дрвја или тули, изолирани со слама. Многу фармери и сопстеници на плантажи, вклучувајќи ги и американските претседатели Џорџ Вашингтон и Томас Џеферсон, го сечеле и чувале мразот во зима за да го употребуваат во лето. Фредерик Тудор од Бостон, сечењето мраз и неговото дистрибуирање го претвори во голем бизнис. Сечел мраз во Нова Англија и го дистрибуирал низ целиот свет.

Сладоледот се правел рачно во голем сад сместен во корито исполнето со мраз и сол. Ова се нарекувал процес на замрзнување на садот. Француските слаткари го подобриле овој начин на правење сладолед и го правеле сладоледот во специјализиран сад - маталка. Во овој процес, температурата на состојките се намалува од мешавината од мраз и сол. Солената вода се лади поради мразот а солта во допир со мразот доведува до негово (делумно) топење, апсорбирајќи ја латентната температура и доведува мешавината да постигне температура под точката на мрзнење на чистата вода. Така наполнетиот сад може да постигне подобар термален контакт со солената вода и мразот отколку само со мраз.