мини|десно|400п|Промена на границите во периодот од 481 до 814 г. мини|десно|300п|Инвазија на Франките Франките се германски народ, кој се состоел од неколку различни германски племиња. Тие се првото германско племе кое започнувало со населување на териториите во рамките на Римското Царство. Франките дошле на територијата на Римското Царство, од денешните територии на Германија и јужна Холандија и најпрво започнале да ги населуваат областите во северна Галија, каде што биле прифатени од Римјаните како федерати. Главните историски извори за Франките се извлекуваат од Григориј Турски во неговото дело „Историја на Франките“ – што го опфаќа периодот до 594 година, а во која изнесува цитати и од други автори. Постојат и постари римски извори за Франките, како оние од Амујан Марцелин и Сидониј Аполинар. Григориј Турски тврди дека Франките живееле во Панонија, па оттука се преселиле во областите покрај реката Рајна. Според него, овде Франките според нивниот воен водач Франк, биле наречени Франки.

Новите историчари пак сметаат дека Франките претставуваат една голема хетерогена група на германски племиња коишто се составени од: Сикамбри, Успити, Тенктери и Бруктери. Овие групи се населувале во рајнското подрачје и земјите источно од реката Рајна. Општествениот развој бил забрзан како причина од постојаните војни на Римјаните со Маркоманите во 166 година и останатите конфликти во 2 век и 3 век. Во периодот од 8 век п.н.е. до 1 век п.н.е. тие ја населиле целата територија на Северна Галија, прогонувајќи ги Келтите кон југ. Уште во 109 година, германските народи Кимври и Тевтони навлегле во Римската Република напаѓајќи ги Галите. Во 9 година, германските племиња ја поразиле Римското Царство во Тевтобургската планина, но одбраната на империјата останала делотворна дури до 4 век кога многу Германи започнале да навлегуваат на територијата на Римското Царство и таму да се населуваат. Тие сепак во почетокот ја примиле римската власт и се согласиле да служат како гранична сила во заштита на империјата. Таквите германски племиња од страна на Римското Царство биле нарекувани федерати. Во 250 година, една група од Франките ја искористила слабоста на Римското Царство и дошла до Тарагоне во Хиспанија, каде успеале во следните десет години постојано да го ограбуваат месното население, сè додека на крајот римската легија не успеала да ги протера од деловите на Рим. После четириесетина години, Франките успеале да го заземат регионот Шелт, по кое веднаш следувала опсада на регионот, која во крајна мерка останала неуспешна. Римскиот цар Јулијан Отпадник, во текот на 355-358 година склучил сојуз со Франките кои живееле околу реката Рајна, според кој Рим им доделил на Франките голем дел од белгиска Галија. Од моментот кога Франките станале федерати, во исто време станале и сојузници со империјата. На Франките им било дозволено населување на територијата на империјата со одредени обврски кон самото царство. Територијата што најпрвин ја населиле одговара на денешна Фландрија и Холандија, јужно од Рајна и од ова подрачје Франките започнале да се шират низ поголемиот дел од Галија. По 425 година, Салиските Франки започнале да се преселуваат, но бргу биле застрашени од можна инвазија на Хуните. Како федерати, тие помагале на големиот римски полковник Аециј во битката против хунскиот водач Атила во 451 година. По смртта на Атила во 453 година и на Аециј во 454 година, нивните дејства и напади немало кој да ги контролира. Во врска со таа битка, се споменува и првиот познат цар или крал на Франките по име Меровех. Но најверојатно е дека тој бил раководител на една примитивна држава и имал титула крал. Од овде може да се каже дека од 451 година била создадена франкската држава чија престолнина бил градот Турне. Холандскиот јазик денеска се смета дека е директен наследник на франкискиот јазик.

Франкиската држава го покривала поголемиот дел на териториите на денешна Франција, Белгија, Холандија и западните области на Германија. Таму Франките го создале модерното јадро на новите култури: Германија, Франција, Белгија, Холандија и северна Италија. Преминот на франкискиот крал Хлодовик I на никејско, а не на аријанско христијанство, кон крајот на 5 век, претставува еден од клучните моменти во историјата на Западна Европа. Франкиската држава под власта на Меровинзите била постојано подложна на династиска војна, бидејќи Франките го делеле кралството на сите наследници (синови), како што вообичаено го делеле и приватниот имот. Тоа било време на една кралска држава со бројни поткралства. Во Франкиската држава владееле две династии на кралеви: Меровинзи и Каролинзи. На почетокот постоела главна поделба меѓу Франките на: Салиски Франки, кои живееле покрај приморските области; Рипуарски Франки, кои живееле покрај големите реки. Таа поделба имала свое значење сè до 9 век, затоа што Салиските и Рипуарските Франки имале сосема различен правен систем, којшто започнува да се менува малку подоцна.

Династија Меровинзи

Хлодовик I

Меровинзите се наречени по франкискиот владетел Меровех кој владеел од 447 - 457 година со Салиските Франки.

Династијата Меровинзи ја основал Хлодовик I, којшто ги обединил Франките, а потоа остварил значајни победи над Визиготите, Саксонците и Алеманите. Меровинзите владееле со сите Франки од 481 до 751 година .

Последниот меровиншки крал бил Хилдерик III, кој бил наследен од страна на Пипин Кусиот со што дошло до промена на владеењето на кралските династии. Меровинзите биле нарекувани „долгокоси кралеви“ поради верувањето наследено од времето на Хлодовик дека носењето долга коса ја означува наклонетоста кон христијанскиот бог. Хлодовик (481-511) бил еден од најзначајните владетели на Меровинзите. Тој го обединил поголемиот дел од Галија, меѓу реките Лоара и Сена, и тоа по Битката кај Соасона која се одвивала во 486 годинаFrassetto, Michael, Encyclopedia of barbarian Europe, (ABC-CLIO, 2003), 126. По оваа битка, Хлодовик завладеал со областа Париз, а во 510 година станал единствен водач на Салиските и Рипуарските Франки. Тој бил првиот франкиски крал јшто го примил христијанството и се смета дека за тоа голем придонес имала неговата сопруга Клотилда, која била ќерка на бургундскиот владетел. Клодвик бил покрстен во 496 година и во наредните десетина години уште три илјади негови војници ја прифатиле христијанската религија.

Покрстувањето на Хлодовик се одвивало во голема тајност од причина што Франкиското благородништво било доста резервирано кон оваа религија. Хлодовик го победил Визиготското кралство Тулуза, во Битката кај Вује во 507 година, каде што животот го загубил визиготскиот крал Аларик II. По смртта на Хлодовик, Франкиското царство било поделено меѓу четирите негови синови. според старото салиско правило за поделба на наследството на сите наследници.

По смртта на Хлодовик

Меровиншкото кралство ја опфаќало целата територија на Галија без Бургундија. Од првата поделба во 511 година, Франкиското кралство било постојано во граѓански војни. Синовите на Хлодовик, ги одржувале братските пријателски односи за време на војната против Бургундија, меѓутоа набрзо започнале меѓусебните превривања и нетрпеливост со бројни интриги и убиства на наследниците. По смртта на Хлодовик во 511 година, неговото кралство било поделено меѓу неговите четири синови.

Теодорих I ја добил територијата Австразија, каде неговите потомци владееле до 559 година, кога ова кралство било повторно обединето со другите франкиски кралства. Хлотар I кој до 558 година ги наследил сите франкиски поседи, повторно ја поделил обединетата земја меѓу неговите четири сина. По смртта на Хариберт I во 567 година, биле создадени три големи кралства: Австразија под Сигеберт I; Неустрија под Хилперик I и Бургундија под Гунтрам. Овие три кралства ја дефинирале политичката поделба на Франкиската држава сè до доаѓањето на династијата Каролинзи.

Од 567 година, па сè до смртта на Сигеберт II, Неустрија и Австразија постојано воделе меѓусебни војни, додека пак Бургундија се обидувала да биде неутрална. Овие војни посебно станале жестоки во времето од владеењето на кралицата на Австразија – Брунхилда и кралицата на Неустрија -Фредегунда. Во 613 година, австразиските благородници се побуниле против Брунхилда, за на крајот својата доверба да ја доделат во рацете на кралот на Неустрија – Хлотар II (синот на кралицата Фредегунда). Хлотар II, самиот ја презел контролата над другите две кралства и повторно го обединил Франкиското кралство, со седиште во Париз.

Во тоа време се појавиле и првите дворски мајордоми. Улогата на мајодромите била посредната улога меѓу кралот и народот. Првите мајордоми во Австразија биле од фамилијата Пипиниди, кои полека но сигурно ја зацврстувале својата доверба и углед кај благородништвото и кај народот, за на крајот самите да го симнат меровиншкиот крал од престолот и да започнат да владеат со Франкиските кралства.

Во 623 година Австразијанците побарале од кралот Хлотар II да им даде нивен сопствен крал. По нивно барање Хлотар го назначува својот син Дагоберт I за крал на Австразија, а Пипин Ланденски станал регент на Австразија. Во 629 година Дагоберт I ги наследил и кралствата на Неустрија и Бургундија со што повторно се обединиле франкиските кралства под еден владетел. Во 633 година Австразија повторно побарала сопствен крал, па Дагоберт I го назначил Сигеберт III за нивен крал.

Хлотар II

Хлотар II бил син на Хилперик I, но кралот починал пред раѓањето на својот син. Хлотар II се борел против кралицата ( негова роднина) Брунхилда и нејзиниот син (братучет му) Теодорих II. Брунхилда по смртта на нејзиниот син Теодорих II на престолот сакала да го донесе својот внук Сигеберт II (синот на Теодорих II), но тие набрзо биле фатени од страна на Хлодовик II и погубени. Хлотар II не би успеал да ги здобие овие победи и да стане единствен владетел на Франките без помошта на благородништвото. Благородништвото добило големи привилегии во управувањето со законодавната власт, што значи дека паралелно слабеела и моќта на кралот . Тоа што двата мајордома му помогнале на Хлотар II да дојде на власт во кралствата Австразија и Бургундија и целосно да завладее со сите франкиски територии, не поминало без последици. Благородниците го натерале кралот да ја признае функцијата мајордом за наследна и да им отстапи голема законодавна моќ. Хлотар II го донел и Паришкиот едикт, кој е еден вид на англиската повелба на слободата (магна карта), со што се забранило вработувањето Евреи во кралската служба. Хлотар II починал во 629 година, по 44 години владеење. По неговата смрт, моќта на кралот ослабела, кралот честопати имал само симболична функција, додека власта на мајордомите значително се зголемила.

Дагоберт I

Дагоберт I (603 – 639) бил последниот меровиншки крал којшто ја имал власта на сите франкиски територии (кралства ). По него, сите наредни кралеви биле нарекувани „кралеви што ништо не работат“, односно “мрзливи кралеви“. Дагоберт I бил најстариот син на Хлотар II кој владеел сам сè до 613 година, но по барање на благородниците во Австразија го назначил својот син Дагоберт I за крал на оваа област. По смртта на Хлотар II, Дагоберт I ги наследил сите делови на Франкиската држава: Австразија, Неустрија и Бургундија. Станал крал на сите франкиски кралства, но неговиот полубрат Хариберт се спротивставил на оваа одлука и ја побарал Неустрија за негово кралство. Тоа не се остварило, откако Дагоберт I ги убил најблиските поддржувачи на Хариберт. По смртта на Хариберт во 632 година, Дагоберт I го нарачал и убиството на синот на неговиот полубрат. Тој станал најугледниот европски владетел во тоа време.

Пипин I Ланденски