Грбот на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија е официјалниот грб на црквата усвоен на 12 ноември 2009 заменувајќи го стариот грб на црквата. Новиот грб се усвоил за време на црковно-народниот собор во Скопје, каде меѓу другото се промениле грбот и се додал историскиот назив на црквата во сегашното име. Со новиот грб се заменил приказот на црквата Света Богородица Перивлепта со Црквата Света Софија во Охрид, покрај останатите хералдички промени.Извештај за АЦН Собор на МПЦ Автори на грбот се хералдичарите Стојанче Величковски и Јован Јоновски, членови на Македонското хералдичко здружение.
Основни елементи
Грбот на МПЦ е составен од вкупно 12 елементи кои ја симболизираат долагата и богата историја и традиција на МПЦ и на православието во Македонија. Елементите од грбот се:
Храм „Света Софија" - претставен со стилизиран приказ во златна боја, поставен на црвен штит; Плашт во црвена боја, што го претставува рангот на Архиепископија; Бордура на плашт, исполнета со 33 претстави на крст од манастирот „Света Богородица" во Вељуса, Струмичко; Плашт, поставен со сребрена постава, со изведена цизелазија преземена од иконата Пресвета Богородица - Душеспасителка од храмот „Света Богородица - Перивлепта" во Охрид; Медалјон со ликот на св. ап. Павле, преземен од фреската „Проповед на св. ап. Павле", од манастирот „Свети Јоаким Осоговски", Кривопаланечко; Медалјон со ликот на св. Климент Охридски, преземен од храмот „Света Богородица - Перивлепта" во Охрид; Стилизирана претстава на митрата на охридските архиепископи, што денес се наоѓа во Софија; Господ Исус Христос, фреска од манастирот „Св. вмч. Георгиј" во Курбиново, Ресенско; Пресвета Богородица - некогашна престолна икона од храмот „Света Софија" во Охрид; Свети архангел Гаврил - некогашна престолна икона од храмот „Света Софија" во Охрид; Крстот, поставен зад плаштот, од десната страна, е од иконостасот на манастирот „Свети Пантелејмон" од Горно Нерези, Скопско; Жезол од востоличувањето на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Доситеј, возобновител на Охридската архиепископија како Македонска православна црква.
Опис
Храмот „Света Софија" е претставен со стилизиран приказ на олтарната страна, во простор со сребрена боја, исполнет со претстава од бакрорезот на иконата на Пресвета Богородица - Душеспасителка од храмот„Света Богородица - Перивлепта" во Охрид. Плаштот е порабен со 33 претстави од крстот во манастирот „Света Богородица" во Велјуса, Струмичко. Во предните долни агли на плаштот се претставени на медалјон ликовите на св. ап. Павле од десната, и свети Климент Охридски од левата страна. На митрата во централниот медалјон е претставен ликот на Господ Исус Христос од манастирот „Св. вмч. Георгиј" во Курбиново, Ресенско, од левата - Пресвета Богородица, а од десната страна-свети архангел Гаврил - некогашни престолни икони од храмот „Света Софија" во Охрид. Крстот, поставен зад плаштот од десната страна, е од иконостасот на манастирот „Свети Пантелејмон" од Горно Нерези, Скопско, а жезолот е од востоличувањето на возобновителот на Охридската архиепископија како Македонска православна црква - Архиепископот Охридски и Македонски Доситеј.
Наводи
Користен материјал Премин Портал, приказ и опис на грбот на МПЦ-ОА.
Поврзано Македонска православна црква - Охридска архиепископија Охридска архиепископија
Надворешни врски Портал Премин Официјално мрежно место на МПЦ-ОА Извештај за АЦН Собор на МПЦ
Категорија:Македонска православна црква - Охридска архиепископија