Алексиј I Комнин (грчки: Ἀλέξιος Α' Κομνηνός, 1048 - 15 август 1118), бил византиски цар кој владеел од 1081 до 1118 година и основач на династијата Комнини. Тој го преземал водството на царството во многу тешка ситуација. Империја во текот на неговото владеење се соочувала со постојани војни со Турците Селџуци во Мала Азија и со Норманите во западниот дел на Балканот. Алексиј I успеал да го запре опаѓањето на византиската моќ и го започнал военото, финансиското, и територијалното обновување на империјата. Неговите апели до Западна Европа за помош против туркиските народи биле катализатор кое подоцна иницирало да се започнат Крстоносните војни.

Претходен живот Потекло Алексиј бил син на Јован Комнин и Ана Даласена, внукa на Исак I Комнин (цар во периодот од 1057 г. до 1059 г.). Tаткотo Алексиј го одбил престолот по абдикација на Исак кој, во периодот помеѓу 1059 г. и 1081 г. година, бил наследен од четири цареви од други семејства. За време на владеењето на Роман IV Диоген (1067 г.-1071 г.), тој служел во армијата против Селџуците. Тој исто така бил ангажиран и од Михаил VII Дука (1071 г.-1078 г.) и Никифор III Вотанијат (1078-1081). Заедно со неговиот постар брат Исак бил ангажиран против бунтовниците во Мала Азија, Тракија и Епир.

Воена служба Во времето на владеењето на Михаил VII Дука бунтовите во војската биле особено чести. Карактеристично било за тогашните прилики што јунак на еден таков бунт бил заповедникот на норманските наемници, Урсел од Бајела. Тој како кандидат за царскиот престол го истакнал цезарот Јован Дука. Исто така било карактеристично тоа што византиската влада против него ги повикала Турците. Турците го совладале и го предале за добра откупнина на царскиот командант Алексиј Комнин. Меѓутоа, добри војсководци тогаш во Византија имало малку. Наскоро Урсел бил пуштен од затвор и се борел заедно со Алексиј Комнин во служба на Михаил VII против новите узурпации. Речиси истовремено се појавиле двајца претенденти на престолот од круговите на византиското воено благородништво. Во Мала Азија се кренал Никифор Вотанијат, на Балканскиот Полуостров Никифор Вриениј.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 417-418.

Никифор Вотанијат успеал да се качи на престолот,Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 418. но стариот Вотанијат не бил во состојба Византиското царство да го извлече од хаосот. Неговото краткотрајно владеење со кое завршила оваа епоха на опаѓање, било исполнето со борби и востанија, бидејќи по разгромот на моќта на цивилното благородништво меѓу војсководците започнало огорчено разграбување на највисоката власт. Круната најодзади му припаднувала на најсилниот и најспособниот, на Алексиј Комнин. Алексиј најпрвин, во служба на новиот цар го совладал Никифор Вриениј, а потоа и новиот узурпатор, Никифор Василакиј, којшто го наследил на местото дукс на Драчката тема па и во улогата на претендент. Меѓутоа, кога во 1080 г. во Никеја бил прогласен за цар Никифор Мелисин, кој по примерот на Вотанијат го повикал на помош Сулејман, Алексиј не влегол во нова борба. Тој престанал да изигрува лојален слуга на царот Никифор Вотанијат и почнал да подготвува свое сопствено издигнување.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 418-419.

Узузпација на престолот Меѓу сите претставници на воената аристократија коишто се грабале околу царската круна, Алексиј Комнин бил не само најистакнатиот војсководец, туку и еден од вистинските политичари. Во тоа тој го надминал и својот стрико Исак I Комнин и несреќникот Роман IV Диоген. Со голема вештина тој си подготвувал почва во војската и во престолнината и умеел за цебе да ја придобие и противничката странка. Се оженил со Ирина Дука, внуката на цезарот Јован и ќерка на манцикертскиот предавник Андроник. Царицата Марија го посинила и во него видела заштитник на својот малечок син Константин Дука, не губејќи надеж дека тој еден ден ќе ја добие царската круна. Главен спомагател на Алексиј, покрај неговиот брат Исак Комнин, бил цезарот Јован Дука. Состанокот во Цурулон, којшто било решено неговото прогласување за цар, имал карактер на семеен совет на семејствата Комнини и Дука. Најпосле, Алексиј се спогодил и со претендентот Никифор Мелисин, својот зет. Мелисин нему му го понудил европскиот цел од државата, сакајќи за себе да ја задржи Мала Азија. Повторно кај еден византиски великодостојник се пројавила идејата за поделба на Царството. Алексиј Комнин, меѓутоа ја одбил предложената делба и го смирил својот зет ветувајќи му ја цезарската титула.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 419-420.

Во Цариград, чијашто посада се состоела во поголем дел од странски наемници, Алексиј влегол благодарение на договорот со заповедникот на германскиот одред. Како и трупите коишто го бранеле Цариград, и војската на Алексиј претставувала шаренило војници од разни народности, желни за ограбување и плен. Три дена и три ноќи византиската престолнина била сцена на подивено ограбување и насилство. Откажувајќи се од безигледната борба, Никифор Вотанијат се откажал од престолот и се закалуѓерил. На првиот ден на Велигден, 4 април 1081 г., Алексиј Комнин бил крунисан за цар на Византија.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 420.

Внатрешна политика Државен апарат Опаѓањето на византискиот управен апарат се одразувал и во симптоматичните промени кои Алексиј I ги повел во дворските титули, а кои, исто така, се надоврзувале на развитокот од претходниот период. Со масовното доделување на титулите во времето на владеењето на цивилното благородништво, старите титули го загубиле своето значење и се јавила потреба за создавање нови, повисоки титули. Титулите патрициј, протоспатариј и спатарокандидат, коишто во X век ги носеле мошне истакнати чиновници и воени команданти, веќе во средината на XI век го губеле својот углед и на преминот во XII век целосно исчезнале. Само три највисоки титули од средновизантискат епоха (цезар, нобилисим и куропалат) ја надживеале оваа интересна инфлација на титули, но дури и тие нешто изгубиле во своето значење. За својот брат Исак, царот Алексиј, со спојувањето на титулите севаст и автократор, создал нова титула севастократор којашто добила повисок ранг од цезарската титула. После тоа не му било тешко да го исполни своето ветување и на бившиот претендент Никифор Мелисин да му ја подари титулата цезар, која сега претставувала високо но не и највисоко одликување. Додека старите чиновнички титули исчезнувале, на повисоките византиски достоинственици им се доделувале титули кои порано биле сметани како царски епитети и давани само на членови на царското семејство. Со комбинирањето на одделни титули и епитети се добивала бесконечна скала од се позвучни и пообемни називи: севаст, протосеваст, паниперсеваст, севастоипертат, пансевастоипертат, протопансевастоипертат, ентимоипертат, панентимоипертат, протонобилисимоипертат итн. Овие промени во чиновничките титули биле надворешен одраз на длабоката деформација којашто во XI век ја доживеал византискиот државен апарат.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 441-442.

Како резултат на истата инфлација, од трите називи кои кон крајот на X век ги носеле гувернерите на темите се задржал само највисокиот, така што во времето на Комнини сите тематски гувернери ја имале титулата дукс, додека катепани се нарекувале нивните помошници, а најстариот назив, некогашното славно звање стратег, во XI век веќе целосно исчезнал. Ова титуларно авансирање било дотолку покарактеристично бидејќи во исто време обемот и значењето на одделни теми значително се намалувало. Доместиците на Исток и Запад, во чии раце од втората половина на X век се наоѓало врховното заповедништво над војската, од своја страна веќе во средината на XI век добивале титули на големи доместици. Титулата голем дукс од времето на Алексиј сè до пропаста на Византиското царство ја носел врховниот заповедник на флотата. Како врховен надзорник на сите цивилни надлештва се јавил, кој од крајот на XII век добил име на голем логотег. Со тоа позицијата на прв министер се врзувала со одредена функција.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 442-443.

Стопанство Слабеењето на парите коешто започнало во времето на Константин IX Мономах продолжило и добивало сè поголеми размери. Покрај стариот златник, во оптек биле пуштени и разни видови пари од пониска вредност. Тоа природно предизвикало голема забуна во стопанскиот живот, но донекаде и користело на државата којашто издавала лоши, а од обврзниците наплатувала квалитетни пари. Меѓутоа, ваквата состојба не можела долго да се одржи и наскоро и државата била принудена да прима пари со помала вредност. Во почетокот курсовите многу се колебале, даночниците ја утврдувале вредноста на одделни видови пари според свое наоѓање и се богателе на најбезобразен начин. Најпосле излегла наредбата на царот во новата номизма, наместо 12, да се пресметуваат само 4 сребрени милијарисии. Со тоа официјално било признато дека византискиот златник изгубил 2/3 од својата некогашна вредност.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 443-444.

Војска Византиската војска во ова време претставувала шаренило од наемници од најразлични народи: Варези, Руси, Печенези, Кумани, Турци, Французи, Германци, Англичани, Абазги и Алани. Покрај наемничките трупи поголемо значење одново добила домашната војска. Се разбира, таа веќе не се засновала врз малите земјишни поседи, бидејќи стратиотските имоти во поголем дел пропаѓале, и стратиотите од стариот тип, макаршто сè уште ги имало, играле само споредна улога. Одбранбената моќ на Византиското царство сега имало потполно феудален карактер. Нејзината основа ја сочинувал поседот на пронијарите. Ползувањето на системот на пронијата во воени цели била и главната причина за военото јакнење на Царството во времето на владеењето на воената аристократија под династијата Комнини. Во времето на епигоните на Македонската династија и на династијата Дука, прониите сè уште немале никаква воена функција. Меѓутоа, во времето на Алексиј I Комнин системот на пронијата добил воен карактер кој ќе го задржи сè до пропаѓањето на Византиското царство. Прониерот сега бил должен да врши воена служба и поради тоа просто се нарекувал војник. Всушност тоа бил византискиот витез, кого според големината на неговата пронија во воените походи го следел поголем или помал борј на луѓе. Поточно, и на другите земјишни поседи, дури и на црковните, се вршело регрутирање војници, но само лесно наоружани пешаци.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 445-446.

Пронијата не претставувала сопственост на прониерот. Право на сопственост го задржувала врховната власт којашто ги давала и одземала прониите според сопствените одлуки. Но сè додека прониерот ја држел пронијата - а обично ја држел сè до својата смрт - тој бил целосен господар на сите свои поседи и на селаните. Во социјален поглед прониерите и стратиотите од стар тип претставуваат два спротивни света. Стратиотите биле селани кои сами ја обработувале земјата, додека прониерите биле велепоседници-феудалци на кои им работеле крепосни парици. Со доделувањето на пронијата на прониерот му се давало не само земјата туку и париците коишто ја обработувале и кои му плаќале давачки.Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 447.

Црковни прашања