Блаже Конески (, — , ) — истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски книжевен јазик и значајна личност во македонската книжевност.Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр. 123.

Животопис

Рани години и образование мини|лево|Блаже Конески како дете со мајка му Цака, татко му Ордан и бабата Дунавка. мини|лево|Блаже Конески на осумгодишна возраст со семејството во Небрегово, 12 август 1930 Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово (Прилепско), од мајката Цака. Тој потекнува од познатиот прилепски сој Љаме (Љамев(ци), Љамески), од гранката Конески (по поглаварот Коне, неговиот дедо). Блаже Конески имал сестра Милица. Основното образование го започнал во Небрегово, каде семејството живеело седум години по што се преселило во Прилеп и таму Конески го продолжил и го завршил основното училиште, а потоа и нижа гимназија.

Како најдобар ученик во училиштето, добил стипендија и образованието го продолжил во Крагуевац, каде завршил виша гимназија. Потоа се запишал на Медицинскиот факултет во Белград, но по еден семестар се префрлил на Филозофскиот факултет, на студиите по филологија, на отсекот за словенска филологија.

По капитулацијата на Кралството Југославија, Конески се префрлил на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, каде ги продолжил студиите по филологија, дипломирајќи во 1944 година.„Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 77.Вера Стојчевска-Антиќ, „Нашиот длабок историски корен — црквата“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 61-70.„Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 71. Со оглед на тешката положба во која се наоѓале Македонците во Кралството Југославија и во Царството Бугарија, Конески студирал на Универзитетот во Белград како Благој Коневиќ, а на Универзитетот во Софија како Благој Конев.

Повоена дејност По завршувањето на Втората светска војна, Конески се вработил како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје, а во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет во Скопје, каде во 1957 го добил звањето редовен професор. Притоа, тој го предавал предметот историја на македонскиот јазик, а во текот на целата универзитетска кариера ја извршувал и функцијата шеф на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Во 1952/1953 година бил декан на Филозофскиот факултет, а во 1958-1960 година бил ректор на Универзитетот во Скопје. Исто така, Конески работел и како уредник на списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“. Во 1967 година станал член и на МАНУ и прв претседател, а таа функција ја извршувал до 1975 година. Покрај тоа, Конески бил дописен член на академиите на сите републики на Југославија, во 1968 година станал почесен доктор на Универзитетот во Чикаго, а бил почесен доктор и на Универзитетот во Вроцлав.„Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 77-78.„Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 71-72.

Творештво мини|лево|Родната куќа на Блаже Конески во Небрегово Конески е истакнат јазичар, меѓународно реномиран славист, еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име), ценет професор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Конески е вистински полиграф. Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија (Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на Струшките вечери на поезијата, итн.). Исто така, тој е истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети (Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкевич, Неруда, Волкер, Мајаковски). Неговите дела се преведени на голем број јазици.

Научна и творечка дејност

По ослободувањето на Македонија, Конески активно се вклучил во стандардизирањето на македонскиот јазик: ја изработил граматиката на современиот македонски јазик, го составил правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.

Конески е основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет, а од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот. Во 1967 станал член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и бил нејзиниот прв претседател (до 1975). Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија (1947) и негов прв претседател. Покрај тоа, Конески бил член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго и Вроцлав.„Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 78.„Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 72.

Конески, работел како уредник на литературните списанија „Нов ден“ и „Македонски јазик“, а бил и редовен соработник на списанието „Современост“, каде биле објавени негови песни и прилози, како: „Ангелот на Света Софија“, расказот К„рчмите“ (по кој била снимена првата македонска ТВ драма), и други текстови.

Книжевно творештво алт=Споменик на Блаже Конески на Мостот на уметноста во Скопје|мини|Споменик на Блаже Конески на Мостот на уметноста во Скопје

Во областа на книжевноста, Конески пишувал претежно поезија, но исто така и раскази. Неговите песни се застапени во сите антологии на македонската поезија, објавени во Македонија и во странство, а книги со избор од неговото творештво се објавени на повеќе јазици, како: германски, англиски, француски, турски, руски, украински, романски, грчки, унгарски, полски, дански, италијански итн. Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 27-31.

Своите први песни Конески ги напишал во еден стар нотес меѓу 1941 и 1945 година, а нотесот случајно го зачувал Владо Малески. Подоцна, тие се објавени како циклусот „Од стариот нотес“, објавен во списнието „Современост“, VIII, бр. 3 од 1958 година. Потоа, во 1945 година, тој ја објавил поемата „Мостот“, која најпрвин се појавила како посебна книга (издание на „Култура“), а потоа била вклучена во збирката „Земјата и љубовта“ од 1948 година.„Забелешки“, во: Блаже Конески, Поезија. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2011, стр. 234.

Конески се занимавал и со преведувачка дејност. Така, тој превел на македонски јазик повеќе странски дела, како: „Горски венец“ од Петар Петровиќ Његош (1947), „Лирски интермецо“ од Хајнрих Хајне (1952), „Отело“ од Вилијам Шекспир (1953), „Поезија“ од Александар Блок (1966) и „Крштавање на Савица“ од Франце Прешерн (1980).„Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 79.„Белешка за авторот“, во: Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 73.

Осврт врз поезијата на Конески Според Веле Смилевски, со својата поезија Конески одбележа значајна и неодминлива трага во развојот на современата македонска поезија. Неговите стихозбирки се вбројуваат меѓу меѓниците на главните текови од најновото поглавје на македонскиот поетски збор, во кои е синтетизирана и осовременета богатата традиција и нејзините непресушни витални сокови.Веле Смилевски, „блаже конески: лозје“, во: Блаже Конески, Лозје. Скопје: Детска радост, Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1990, стр. 127.

Во првите години по Втората светска војна, општите белези на времето — борбата, обновата и изградбата на земјата и големите општествени промени, нашле свој одраз и во поезијата на Конески. Добар пример за тоа е првата негова поетска книга, поемата „Мостот“ во која тој јасно и гласно го изразува прифаќањето на новата стварност, настојувајќи да ѝ даде уметнички израз на својата ангажираност. Притоа, тој целосно се става во служба на колективот, а екстровертноста станува единствениот можен став. Сепак, дури и тогаш, неговите песни се истакнуваат со напор а усовршување на поетскиот израз и со давање подлабок контекст на содржинската страна на поетското дело. Подоцна, Конески го прифаќа интимизмот како нова фаза во развојот на македонската поезија и видливо е дека нему му е блиско сфаќањето на поетскиот израз како катарза, како олеснување, сатисфакција и како облик на зборовна сублимација — уметничка исповед. Во 1950-тите години, Конески се јавува како автор на едни од најуспешните песни во периодот на македонскиот модернизам („Болен Дојчин“ и циклусот за Крале Марко), но тој и понатаму останува верен на интимизмот. Тој никогаш нема да ја прифати деперсонализацијата на поетскиот израз, т.е. за него поезијата останува говор зад кој треба да стои личноста на поетот која сака да ја искаже својата посебност и исклучителност. Оттука, поезијата на Конески е еден вид личен дневник и биографските елементи се присутни речиси во сите негови збирки, но прочистени и претворени во стихови низ процесот на уметничка трансформација. Тој е силна поетска личност која останува врзана за интимната поезија и постојано докажува дека таквиот поетски израз никогаш не застарува.Влада Урошевиќ, „Да се истрае својата судбина (За поезијата на Блаже Конески)“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 71-74.

Во средиштето на многу песни на Конески стојат невозвратената љубов и осуденоста на самотија. Притоа, неговите песни зборуваат некогаш само загатнато, но некогаш и отворено за неговата лична драма. Како постојан рефрен во нив се провлекува жалта поради неможноста за вистинско разбирање со саканата. Но неговите горчливи сознанија никогаш не се претвораат во плачлив ламент, туку тој ги констатира нив како една од можните вистини за животот и им дава тивок, елегичен тон. Неостварената љубов, тој ја прифаќа како судбина и не осудува, не моли, туку само ја искажува својата осаменост. Така, од своето страдање, тој создава поезија која се одликува со непосредност и искреност. Тој не гледа излез од осаменоста, односно тој е поет на трагична визија на животот и тоа не може да се покрие со официјалните толкувања на неговата поезија. Конкретните поводи кои лежат во интимната драма на поетот не се познати, но тоа не е неопходно за разбирањето на неговите песни, зашто Конески успеал своето лично искуство да го преточи во универзални вистини. Дури и во песните посветени на ликовите од македонската историја, Конески ја согледува пред сè нивната трагична осаменост и зборувајќи за нивната судбина, тој ја искажува својата. На пример, песната „Девственици“ во која се пее за големите македонски револуционери од Илинденската епоха, завршува со стихот кој е израз на личното искуство: „не сетивте... ни колку може да навреди жена“. Она што произлегува како став во целата негова поезија е еден тивок, но упорен стоицизам, а основната порака која поризлегува од целото негово дело е: храбро да се истрае својата судбина.Влада Урошевиќ, „Да се истрае својата судбина (За поезијата на Блаже Конески)“, во: Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 74-76.