Менструалниот циклус е процес во кој се исфрлаат неоплодените (изумрените) јајце-клетки од претходниот циклус заедно со слузта, од матката. Првата менструација го означува и почетокот на овулацијата во женското тело и е знак дека жената може да забремени. Ако жената не забремени ендометриумот и неоплодената јајце-клетка се одделуваат од матката, се распаѓаат и ја напуштаат матката во форма на менструално крвавење, кое минува низ грлото на матката и вагината. Менструалниот период е само дел од месечниот менструален циклус на жената, циклус од физиолошки промени, кои можат да се појават кај плодните лица од женски пол. Причини за појава Поради забрзаното лачење на хормони од хипофизата и јајчниците се појавува предменструалниот синдром (ПМС). Предменструален синдром претставува нормален дел од менструалниот циклус и вклучува физички и емоционални симптоми кои се појавуваат непосредно пред менструацијата, како: акни, подуеност, истоштеност, болки во половината, чувствителни и отечени гради, главоболки, зголемен апетит, раздразливост. Стимулирано од естрогенот, чија количина во фоликуларната фаза постепено се зголемува, менструацијата станува се помалку обилна сè додека не запре, а ѕидот на матката се задебелува. Фоликулите во јајчникот (лат. ovarium) започнуваат да се развиваат под влијание на сложено заемно дејство на хормони и по неколку дена еден или понекогаш два фоликули стануваат доминантни (недоминантните фоликули атрофираат и умираат). Приближно кон средината на циклусот, односно 24 – 36 часа откако лутеинизирачкиот хормон (LH) почнал да забрзано да се лачи, доминантниот фоликул (Графов фоликул) испушта јајце (лат. ovum) при процес наречен овулација. По овулацијата, доколку нема оплодување, јајце-клетката живее само 24 часа или помалку, додека остатоците од доминантниот фоликул во јајниците се претвораат во жолто тело (лат. corpus luteum). Примарната функција на ова тело е да лачи големи количини на прогестерон. Под влијание на прогестеронот, ендометриумот (внатрешниот ѕид на матката) подлегнува на промени за да се подготви за можното всадување ембрион за да настане забременување. Доколку не се случи всадување во рок од две недели, жолтото тело пропаѓа, со што се предизвикува силен пад на нивото на прогестеронот и естрогенот. Падот на нивото на овие два хормони го предизвикува исфрлањето на внатрешниот ѕид на матката, кое се случува во процес наречен менструација.
За време на менструалниот циклус се случуваат промени во женскиот репродуктивен систем, како и во други системи (коишто на пример ги предизвикуваат болките во градите или промените на расположението). Првата менструација на жената се нарекува менархе и обично се случува околу 12-годишна возраст. Крајот на женската репродуктивна фаза се нарекува менопауза, што најчесто настапува помеѓу 45-годишна и 55-годишна возраст.
Терминологија Менархето е еден од подоцнежните стадиуми на пубертет кај девојчињата. Просечната возраст за менархето кај луѓето е околу 12 годишна возраст, но сепак било која возраст помеѓу 8 и 16 години се смета за нормална. Престанокот на менструалните циклуси на крајот на репродуктивниот период на жената се нарекува менопауза. Во индустријализираните земји како Велика Британија просечната возраст на појавата на менопауза кај жените е 52 години, при што за нормална возраст се смета помеѓу 45 и 55 години. Појавата на менопауза пред 45 години во индустријализираните земји се смета за предвремена. Возраста на појава на менопаузата е во голема мера резултат на генетиката, меѓутоа болестите, одредени операции или медицински третмани може да предизвикаат порана појава на менопаузата.
Времетраењето на менструалниот циклус кај жените обично варира, при што некои циклуси се пократки, а некои подолги. Се смета дека жената има нормални ментруални циклуси, доколку нејзиниот најдолг и најкраток менструален циклус имаат разлика во времетраење пократка од 8 дена. Варирањата на времетраењето на циклусот кои се пократки од 4 дена се невообичаени. Варирање на времетраење помеѓу 8 и 20 дена се појавува кај циклуси, кои се сметаат за умерено неправилни. Но варијацијата на времетраењето на циклусот од 21 ден или повеќе, сметано помеѓу најкраткиот и најдолгиот циклус, се појавува кај многу неправилни циклуси.
Фази Менструалниот циклус може да се подели на неколку различни фази. Првите 3 фази се однесуваат на промени кои се случуваат на внатрешниот ѕид на матката, додека последните 3 фази се однесуваат на случувањата во јајчникот. Име на фазата Просечен почетен ден (претпоставувајќи дека циклусот трае 28 дена) Просечен завршен ден Фаза на регенерација (менструација) 1 4 Фаза на пролиферација (некои извори ја вклучуваат и менструацијата во оваа фаза) 5 13 Изохемиска фаза 27 28 Фоликуларна фаза 1 13 Овулаторна фаза (овулација) 13 16 Лутеинска фаза (фаза на секреција) 16 28
Менструација Менструацијата исто така се нарекува менструално крвавење или мензис. Протокот на мензисот обично служи како показател дека жената не е бремена. (Но сепак ова не може да се смета за сигурност, бидејќи постојат многубројни фактори, коишто можат да предизвикаат крвавење за време на бременост. Некои фактори се карактеристични за раната бременост, а некои можат да предизвикаат и обилно крвавење.) За време на репродуктивните години пропустот на менструација може да се смета како прв показател дека жената можеби е бремена.
Со поимот еуменореја се означува нормална и редовна менструација, која трае неколку дена (обично од 3 до 5 дена, но од 2 до 7 дена се сметаат за нормални). Просечната загуба на крв за време на менструацијата е 35 милилитри, при што за нормално се смета од 10 до 80 ml. (Поради загубата на крв, жените се повеќе подложни на недостаток на железо во крвта отколку мажите.) Ензимот наречен плазмин го спречува засирувањето на менструалната течност. мини|Нивоа на влијанијата на хормоните: естроген, прогестеронот, лутеинизирачки хормон и фоликул-стимулирачки хормон за време на менструалниот циклус Болните грчеви во стомакот, грбот или горниот внатрешен дел од бутовите се сметаат за нормални за време на првите денови од менструацијата (поголемиот дел од жените искусуваат барем некоја од болките за време на менструацијата). Силните болки во матката за време на менструацијата се нарекуваат дизменореја и најчесто се појавуваат кај адолесцентките и помладите жени (погодува околу 67,2 % од адолесцентките). Кога менструацијата почнува, симптомите на предменструалниот синдром (ПМС), како болките и надразливоста на градите, се намалуваат. Постојат многу рекламирани производи за одржување хигиена за време на менструацијата.
Фоликуларна фаза Фоликуларната фаза исто така се нарекува фаза на пролиферација, бидејќи за време на оваа фаза, под влијание на хормон, внатрешниот ѕид на матката се задебелува т.е. расте (proliferate - расте). Преку влијанието од покаченото ниво на фоликулостимулирачкиот хормон (FSH) за време на првите денови од циклусот се стимулираат неколку овариумски фоликули. Фоликулите кои биле присутни уште од раѓање и се развивале скоро една година во процес наречен фоликулогенеза, се натпреваруваат меѓу себе за доминација. Под влијание на неколку хормони, сите освен еден фоликул престануваат да растат, додека пак тој еден доминантен фоликул продолжува да расте во јајчникот додека не созрее. Фоликулот кој ќе достигне зрелост се нарекува терцијален или Графов фоликул и тој ја создава јајце-клетката. Како што созреваат, фоликулите лачат сè поголеми количини на естрадиол, еден од естрогените хормони. Естрогените хормони го предизвикуваат создавањето на нов слој на ендометриум во матката, којшто хистолошки се нарекува пролиферативен ендометриум.
Овулација За време на фоликуларната фаза, естрадиолот го спречува лачењето лутеинизирачки хормон (LH) од аденохипофизата. Кога јајце-клетката е скоро созреана, нивото на естрадиолот достигнува точка, која доколку се премине, тој ќе почне да стимулира лачење LH. Спротивните реакции на LH на естрадиолот се овозможуваат преку присуството на два различни рецептори за естрадиол во хипоталамусот: алфа рецептор на естрадиол, кој ја остварува негативната повратна врска помеѓу естрадиолот и LH, и бета рецептор на естрадиол, кој ја остварува позитивната повратна врска помеѓу естрадиолот и LH. Кај просечниот циклус, лачењете на LH започнува околу 12-тиот ден од циклусот и може да трае до 48 часа. Лачењето LH го предизвикува созревањето на јајце-клетката и го ослабува ѕидот на фоликулот во јајчникот, со што предизвикува целосно развиениот фоликул да го испушти секундарниот ооцит. Секундарниот ооцит брзо созрева и станува оотид, а потоа се доразвива во зрела јајце-клетка. Пречникот на зрелата јајце-клетка изнесува околу 0,2 mm. Не постои позната врска на координација помеѓу левиот и десниот јајчник. Понекогаш се случува и двата јајчници да испуштат јајце-клетка и ако и двете јајце-клетки се оплодат, тоа резултира со двојајчани близнаци. Откако се испушта од јајчникот, јајце-клетката се внесува во јајцеводите со помош на фимбријата, која што е ткиво на крајот на секој јајцевод. По период од околу еден ден неоплодената јајце-клетка се разградува или раствора во јајцеводот.
Оплодувањето од страна на сперматозоид, ако се случи, обично се одвива во ампулата, најширокиот дел од јајцеводот. Оплодената јајце-клетка веднаш започнува со процесот на ембриогенеза или развиток на ембионот. На ембрионот, кој е во процес на создавање, му се потребни околу 3 дена да стигне до матката, а уште 3 дена за да се всади во ендометриумот. Обично за време на всадувањето ја има достигнато фазата на бластоцист.
Кај некои жени овулацијата е придружена од карактеристична болка, која се нарекува средна болка (mittelschmerz). Брзата промена на хормони за време на овулацијата може понекогаш да предизвика и слабо крвавење на средина на менструалниот циклус. мини|десно|Менструален циклус
Лутеинска фаза Лутеинската фаза се нарекува и фаза на секреција. Жолтото тело, тврдо тело кое се создава во јајчникот по испуштањето на јајце-клетката од јајчникот во јајцеводите, има многу важна улога во лутеинската фаза. Телото продолжува да расте одреден период по овулацијата и лачи значителна количина на хормони, особено прогестерон. Прогестеронот игра важна улога при подготвувањето на ендометриумот за да биде способен да го издржи всадувањето на бластоцистот и раната бременост. Тој исто така го предизвикува споредниот ефект на кревање на базалната телесна температура кај жената. На крајот на секреторната фаза има и лачење пролактин.
По овулацијата, гонадотропните хормони FSH и LH ја предзвикуваат преобразбата на преостанатите делови од доминантната фоликула во жолто тело, кое што лачи прогестерон. Зголеменото ниво на прогестерон во надбубрежните жлезди го започнува и предзвикува лачењето на естрогенот. Хормоните кои ги лачи жолтото тело исто така го потиснуваат лачењето FSH и LH, коишто му се потребни на жолото тело за да се одржува. Како последица со текот на времето нивото на FSH и LH брзо се намалува и жолтото тело атрофира. Нивото на прогестеронот, кое брзо опаѓа, ја активира менструацијата и почетокот на наредниот циклус. Времетраењето на процесот од овулацијата до намалувањето на прогестеронот и почетокот на меструацијата обично изнесува околу 2 недели, со тоа што од 10 до 16 дена се сметаат за нормални. Кај одделни жени времетраењето на фоликуларната фаза често варира од циклус до циклус. Но, за разлика, кај истите жени времетраењето на лутеинската фаза е прилично доследно од циклус до циклус. Атрофирањето на жолтото тело може да се спречи со оплодување на јајце-клетката. Создадениот ембрион произведува хорионски гонадотропин (hCG), кој е многу сличен на LH и може да го зачува жолтото тело. Поради тоа што хормонот се лачи исклучиво од страна на ембрион, најголемиот дел од тестовите за бременост бараат присуство на хормонот.
Надзор на плодните денови