Гордана Вренцоска (, ) — македонски графички и моден дизајнер и ликовен уметник. Добитничка е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија.

Животопис Своето уметничко образование го започнува во Училиштето за применета уметност во Скопје на насоката применет текстил и облека. Во 1997 година, таа дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, отсек сликарство, во класата на проф. Родољуб Анастасов, како академски сликар со модно креирање. Интердисциплинарните магистерски студии по дизајн ги завршува на колеџот за уметност и дизајн Централ Сент Мартинс (Central Saint Martins College of Art and Design) во Лондон како стипендист на престижната Чивнинг програма на британскиот Форин Офис. Магистрира на темата Космонационалците наспроти Владите, лојалноста на испит: како креативно да ја дизајнираме иднината во конкурентен свет без граници? Со овој проект таа ги проширува своите интереси и познавања за дизајнот во социо-политиката, со фокус на националните идентитети и националната припадност како креативни процеси. Произлегувајќи со контраверзен предлог за нов британски национален симбол, таа го привлекува вниманието на јавноста и гостува на британската национална телевизија BBC 3, на емисијата Mind field. Во 2016 година докторира на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ при УКИМ на тема Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство, под менторство на проф. д-р Антоанела Петковска.

Од 1997 до 2004 година како директор на проекти во агенцијата за маркетинг и комуникации McCann-Erikson, Скопје, таа создава и реализира бројни кампањи за меѓународните брендови: Nestlé, Nescafé, Opel, Siemens, Durex и други клиенти. На покана на Британскиот совет во Македонија одржува неколку работилници за дизајн на летните школи за млади во периодот од 2004 до 2007 година. На покана на Одборот на БЈЦЕМ ја извршува функцијата на Уметнички директор за применети уметности на 14 Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот Скопје 2009. Во рамките на оваа манифестација Вренцоска реализира изложби, модни ревии, предавања, работилници, а ја води и првата конференција за дизајн во Македонија.

Во 2006 година започнува да работи на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје. Од 2019 година е редовен професор по визуелна уметност и дизајн, а во периодот од 2018 до 2024 година била и декан на факултетот. Вренцоска е наставник за предметите Методологија на дизајнирање, Ликовно обликување во дизајнот, Визуелни комуникации, Дизајн на плакат, Oснови на моден дизајн, Моден дизајн, Дизајн концепт и други. Била раководител и ментор на научно-истражувачкиот проект „Модата и културната наследство“. Под нејзино менторство студентите освоиле бројни награди, меѓу кои и и втората награда за студентката Марија Роглева на европскиот натпревар за млади модни дизајнери „Пјер Карден“ во 2025 година.

Од 2021 година Вренцоска предава на Академијата Скала, како ментор на програмите за графички и моден дизајн. Вренцоска е основач и претседател на Македонскиот совет за дизајн.

Творештво Вренцоска има реализирано петнаесет самостојни уметнички изложби и две самостојни модни ревии. Нејзини самостојни изложби и ревии се:

Моден перформанс во склоп на Годишната студентска изложба на ФЛУ (1996) Пробивање, изложба на компјутерски графики, CIX галерија при Сорос Центар за Современи Уметности. Изложбата е презентирирана и на Интернет, во списанието за култура и уметност ZAYAC. (1999) Бескрајна приказна, просторна инсталација, CIX галерија при Центар за Современи Уметности (2000) Ноктурнус, слики-цртежи, CIX галерија при Центар за Современи Уметности (2002) Преписка, слики, цртежи, објекти, Културен Центар "Точка", Скопје (2003) и Народен музеј, Куманово (2004) Како станав уметник, цртежи, објекти, Мултимедијален Центар "Мала Станица" (2006, Фестивал на урбани уметности) Калеидоскоп - 20 години уметност и дизајн, ретроспективна изложба, Дом на култура "Тошо Арсов", Виница (2009) The Almighty Crown (Семоќната круна), концептуален моден перформанс, Даут Пашин Амам (2010, по повод родеденот на Елизабета II) Македонски фолклор, графики, слики, објекти, Мултимедијален Центар "Мала Станица" (2011) Македонски фолклор, графики, слики, објекти, Џин Тао Музеј, Пекинг, Кина (2011) Македонски фолклор, графики, слики, објекти, Магаза, Битола (2013) Македонски фолклор, графики, слики, објекти, Галерија МЦ, Њујорк, САД, (2013) Реални утопии, инсталации и фотографии, КЦ Градска галерија, Белград (2018) Геометриски медитации, слики и графики, Дом на култура Виница (2024)

Учествува и во преку педесетина групни изложби во Македонија, Обединетото Кралство, Полска, Италија, Словенија, Германија, Белгија, Австрија, Чешка и други земји. Едно од позначајните учества во групна изложба е во рамки на „Ткаење светови: колекции во разговор“ во Љубљана, соработка на Музеј на современа уметност Скопје и Музеј на современа уметност Метелкова Љубљана.

Нејзини дела се наоѓаат во збирките на Музејот на современа уметност - Скопје; Casoria Art Museum Италија; Benetton Imago Mundi Италија, а вклучена е и во онлајн архивата Secondary Archive.

Вренцоска е автор на плакатот за Скопскиот џез фестивал во 2002 година, автор на виэуелниот идентитет эа Скопскиот филмски фестивал во 2008 и на 14 Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот - Скопје 2009 и на Bookstar фестивалот во 2025 година. Остварила бројни студиски патувања и учества на конференции и симпозиуми низ цела Европа, а одржала и бројни јавни предавања во повеќе градови и земји.

Била куратор на неколку изложби, меѓу кои модната изложба „ГРАФИЗАМ“, Музеј на град Виница 2014, модната изложба „СВАДБЕНИ ПРИКАЗНИ“, НУ музеј на Македонија 2015 и Ретроспективна изложба „15 години Факултет за арт и дизајн“, Европски универзитет 2021.

Објавила неколку научни трудови и стручни текстови, а текстови од областа на дизајнот пишувала во нејзината колумна REDesign во магазинот RED. Во 2020 година ја објавила книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“, издание на Арс Ламина.

Награди и признанија Гордана Вренцоска е добитник е на престижната стипендија Чивнинг (Chevening) на британскиот Форин Офис, како и на неколку грантови од фондациите Институт Отворено Општество и ProHelvetia. Во 2014 година го доби реномираниот грант за уметници од фондацијата Pollock-Krasner, Inc. од Њујорк.

Вренцоска е победник на Twinings (британска компанија за чај) натпреварот за дизајн на шапка, В. Британија, во 2005 година. Оваа шапка е дел од традицијата за презентација на необични женски шапки за време на годишните коњски трки Ројал Ескот. Во американскиот магазин Womans’ Day во мај 2010 шапката Twinings беше прогласена за една од 14-те најнеобични што досега биле носени на коњски трки во светот.

Во 2010, Вренцоска добива благодарница од Советот на Општина Виница за посебни заслуги во развојот на Општината. Во 2011, добива пофалница од Европскиот универзитет за меѓународна афирмација на институцијата. Во 2017 победува на конкурсот за дизајн на ново лого за Државниот завод за статистика.

Добитничка e на наградата UK Alumni Awards 2018 за категорија Претприемништво “Entrepreneurial Award“ за регионот Поширока Европа (Wider Europe – Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово, Турција, Украина, Белорусија, Русија, Казахстан, Грузија, Ерменија, Азербејџан, Израел). Наградата ја доделува British Council London.

Добитничка е на Годишната награда за сликарство на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, 2023. Добитничка е на Меѓународната Iron A’ Design Award за категоријата Graphic Design, 2024.

Наводи

Надворешни врски Гордана Вренцоска граѓанка на светот: Сакам да верувам дека секогаш имаме избор - интервју во Време, 26 март 2006 На дизајнот му е потребно високо образование - интервју во Вечер, 2 март 2007

Категорија:Луѓе од Виница Категорија:Македонски сликари Категорија:Македонски модни дизајнери Категорија:Македонски графички дизајнери Категорија:Апсолвенти на Апсолвенти на Факултетот за ликовни уметности - Скопје