Плоче Литотелми или само Плочи — природен резерват сместен во североисточниот дел на Македонија.
Етимологија Наоѓалиштето името го добило поради карпестите блокови во вид на зарамнети плочи и грамади од мек туф, како и од природните вдлабнатини со посебни облици и големини, во науката познати како литотелми, коишто настанале под дејство на атмосферски промени.„Плоче Литотелми – заборавен строг природен резерват“. Дома. 6 февруари 2024.
Географија и местоположба Резерватот е сместен на југозападните падини на планината Герман, во областа Средорек, на западниот раб на Славишкото Поле, на ридот Меѓак, на надморска височина од 400 до 1.000 метри. Од селото Страцин е оддалечен два километра.
Резерватот зафаќа површина од 23,2 ха, на којашто во камени блокови во вид на зарамнети плочи со текот на времето се создале поголем број вдлабнатини (литотелми) кои повремено се исполнети со вода и во кои се развива посебна флора и фауна. Теренот на којшто се наоѓа резерватот претставува посебна тектонска целина којашто се издвојува како ефузивна целина и како дел од Кратовско-злетовската вулканска област. Во резерватот постојат голем број литотелми со просечен пречник од 20-60 цм и длабочина од 10-40 цм. Дното на литотелмите е покриено со детрит од трули лисја, трева и мов.
Литотелмите исполнуваат со вода рано напролет како последица на топењето на снегот и на пролетните дождови. Во овие минијатурни слатководни екосистеми се развива единствена водна фауна. Организмите коишто се развиваат во литотелмите се наречени телматобионти затоа што се прилагодени за живот во екстремни услови, успевајќи да се развијат брзо и за многу краток временски период да обезбедат потомство во облик на резистентни (латентни) јајца. Литотелмите како посебни природни живеалишта и водната фауна којашто се развива во нив се изразито чувствителни и на најмали промени во животната средина. Поради тоа, Европската Директива за живеалишта овој тип на биотопи го вклучува на листата на „Приоритетни природни живеалишта“.
Растителен и животински свет Најзначаен вид во Плоче Литотелми е реликтниот вид на вилинско ракче (науч. Tanymastix stagnalis), којшто во Европа е под силна закана од исчезнување. Овој вид ги населува периодичните води во низините, како и локвите и глацијалните езера на планините. По правило се работи за стенотермно-ладнољубиви организми (опстојуваат само при мали температурни промени) коишто не поднесуваат високи температури. Македонската популатција на овој вид се развива во многу мали водни живеалишта коишто содржат само по неколку литри вода и во коишто нема грабливци и ривалски видови. Плоче Литотелми е единственото место на Балканскиот Полустров, каде што досега е пронајдено самовилското ракче.
Во резерватот се присутни и многу ретки безрбетни животни, а застапени се и рбетниците. Од растителниот свет, се среќаваат едногодишните растенија коишто својот животен циклус го завршуваат кога развојните услови се поволни, а во периодот кога локвите се пресушени преживуваат во облик на семе. За подрачјето се карактеристични две растителни заедници — едната се шуми на даб, благун и на бел габер, а втората се шуми на дабот плоскач и на дабот цер.
Заштита Природниот резерват Плоче Литотелми е прогласен за строг природен резерват на 29 октомври 2003 година.Указ за прогласување на Законот за прогласување на локалитетот „Плоче-Литотелми за строг природен резерват Со закон донесен од страна на Собранието на Република Македонија на 28 октомври 2010 година, којшто е во согласност со Законот за заштита на природата, местото повторно било прогласено за строг природен резерват, што според категоризацијата на заштитени подрачја усогласена со меѓународните стандарди претставува највисок степен на заштита. Според тој закон, грижата за местото е доверена на Општина Кратово, којашто во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжена да се грижи за резерватот и најдоцна две години по донесување на законот да изготви план и годишна програма за управување со него. Дополнително, голем број од животинските и растителните видови коишто се застапени во резерватот се ставени на повеќе домашни и меѓународни списоци на заштита.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Страцин Категорија:Герман (планина) Категорија:Споменици на природата на Македонија Категорија:Природни резервати во Македонија