Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) започна со работа во 1969 година како Фонд за активностите на населението на Обединетите нации чиешто име беше променето во 1987 година под раководство на Фондот за развој на Обединетите нации. Во 1971 година, УНФПА беше ставен под надлежност на Генералното собрание на Обединетите нации.

Програмите за поддршка на УНФПА се присутни во повеќе од 150 земји, територии и области, односно се распространети на четири географски региони: арапските држави и Европа, Азија и Тихиот Океан, Латинска Америка и Карибите и потсахарска Африка. Околу три четвртини од персоналот работат на терен.

Дел од работењето на УНФПА вклучува обезбедување добра и давање услуги за репродуктивното здравје. УНФПА исто така го поттикнува учеството на младите луѓе и на жените да помогнат во обновување на нивните општества каде што репродуктивното здравје е на ниско ниво, и коешто е присутно во областите како што се превенција од сексуално преносливите болести, вклучувајќи ја и ХИВ/СИДАТА. __TOC__ Улога

Утврдената мисија на УНФПА е да го промовира правото на секоја жена, маж, дете да ужива здрав живот и еднакви можности. УНФПА ги поддржува земјите во користењето на податоци за населението за политики и програми за намалување на сиромаштијата и за да се обезбеди дека секоја бременост е посакувана, секое раѓање е безбедно, секое младо лице е незаболено од ХИВ/СИДА и секоја девојка е третирана со достоинство и почит.

Главни цели на агенцијата се:

универзален пристап до услугите за репродуктивно здравје до 2015 година, универзално основно образование и надминување на половиот јаз во образованието до 2015 година, намалување на смртноста на родилките за 75% до 2015 година, намалување на смртноста на новороденчињата, зголемување на животниот век, намалување на стапката на ХИВ-инфекции.

Раководство

Извршни директори и заменик-генерален секретар на ОН: Од 2000 година до денес, г-ѓа Тораја Ахмед Обаид од Саудиска Арабија. Од 1987 година до 2000 година Д-р Нафис Садик од Пакистан. Од 1969 година до 1987 година г-дин Рафаел М. Салас од Филипините.

Области на работење

УНФПА е најголемиот светски мултилатерален извор на финансирање на населението и на програмите за репродуктивно здравје. Фондот работи со Влади и со невладини организации во преку 150 земји со поддршка на меѓународната заедница, и ги поддржува програмите коишто им помагаат на жените, на мажите и на младите луѓе:

да го планираат своето семејство и да ја избегнат несаканата бременост, да имаат посакувана бременост и породување, да го избегнат ширењето сексуално преносливи инфекции, да се намали насилството врз жените, да се зголеми еднаквоста на жените.

Според УНФПА овие елементи го промовираат правото на репродуктивно здравје, односно физичкото, менталното и социјалното здравје во прашања поврзани со размножувањето и репродуктивниот систем.

Фондот ја подигнува свеста за овие потреби насекаде низ светот, се залага за тоа да се обрнува големо внимание на проблемите поврзани со населението и им помага на сиромашните земји во создавањето политики и стратегии за поддршка на одржливиот развој. Од 2001 година, УНФПА го предводи Тораја Ахмед Обаид. Исто така Фондот го претставуваат и амбасадорите на добра волја на УНФПА.

Програма за акција

УНФПА работи според Програмата за акција којашто е усвоена од страна на 179 Влади, на Меѓународната конференција за население и развој во 1994 година. На конференцијата сите се согласија дека задоволувањето на потребите на луѓето во поглед на образованието и здравјето, вклучувајќи го и репродуктивното здравје е предуслов за одржлив развој.

Главни цели на Програмата за акција се:

универзален пристап до услугите за репродуктивно здравје до 2015 година, универзално основно образование и надминување на половиот јаз во образованието до 2015 година, намалување на смртноста на родилките за 75% до 2015 година, намалување на смртноста на новороденчињата, зголемување на животниот век.

Во 1999 година, овие цели беа подобрени. Една од најважните дополнителни цели се однесува на ХИВ:

стапката на ХИВ-инфекции кај лицата на возраст од 15 до 24 години треба да се намали за 25% во земјите коишто се најмногу погодени до 2005 година, и за 25% на глобално ниво до 2010 година.

Приод кон здравствената заштита

Фондот промовира холистичен приод кон грижата за репродуктивното здравје којшто вклучува пристап до многубројни контрацептивни методи коишто се безбедни и достапни како и пристап до советување во однос на деликатни теми како што се: пренаталната нега, кој може да присуствува на породувањето, итната акушерска нега, постнаталната нега и превенцијата на сексуално преносливи инфекции со промовирање на побезбедно сексуално однесување.

УНФПА има намера да ги подобри животите на поединците и на двојките и да им даде повеќе избори затоа што според УНФПА со време, репродуктивните избори коишто сè повеќе се застапени во заедниците и земјите, влијаат врз составот и трендовите на населението.

Агенцијата работи во насока на подобрување на репродуктивното здравје, побезбедно мајчинство, поддржување на адолесцентите и на младите, превенција од ХИВ и СИДА, промовирање на родова еднаквост, заштита на човековите права и обезбедување средства за репродуктивното здравје. Притоа тие имаат чувствителен културен приод. Земјите коишто се во развој добиваат помош од Агенцијата којашто е во согласност со нивните приоритети за развој.

Програми на УНФПА

Остварување на развојните цели

УНФПА работи во партнерство со Влади како и со други агенции и граѓански општества нашироко за да постигне напредок во својата мисија. Постојат две рамки коишто служат за насочување на своите напори: Програмата за акција којашто е усвоена на Меѓународната конференција за население и развој и Милениумските развојни цели кон коишто по шест години се обврза меѓународната развојна заедница. Бидејќи датумите за постигнување на овие цели и намери коишто се меѓусебно поврзани наближуваат, направено е доста во поглед на анализирањето на она што функционира, како и поттикнување на поддршката и удвојување на напорите.

Три клучни области на интерес

Трите суштински области кон коишто е насочено работењето на УНФПА, репродуктивното здравје, родовата еднаквост и стратегии за население и развој, се нераскинливо поврзани. Популационата динамика, во којашто спаѓаат стапките на пораст на населението, старосната структура, плодноста и смртноста, миграцијата итн., влијаат врз секој аспект на човековиот, социјалниот и економскиот развој. Репродуктивното здравје и еманципацијата на жените силно влијаат врз популационите трендови и обратно.

Стратегии за население и развој

Фактот дека светското население се движи кон бројката од 7 милијарди луѓе (бројка којашто во 1950 година изнесуваше 2.5 милијарди), при што се очекува целокупниот пораст на населението да се случи во градовите на помалку развиените земји, има сериозни последици за развојниот процес. Владите треба да бидат способни да соберат соодветни информации за популационата динамика и трендовите за да создадат и водат стабилни политики и за да создадат политичка волја за соодветно задоволување како на тековните така и на идните потреби. УНФПА им помага на земјите во оваа задача од секој аспект, од развивање на способност за прибирање податоци и анализирање, до учествување во националниот, регионалниот и глобалниот политички дијалог. Помеѓу клучните области на интерес спаѓаат и миграцијата, стареењето на населението, климатските промени и урбанизацијата.

Сексуално и репродуктивно здравје

Работејќи со голем број на партнери УНФПА им помага на Владите да обезбедат грижа за сексуалното и репродуктивното здравје на жените, во текот на нивниот животен циклус. Помеѓу областите во коишто се дава помош спаѓаат:

планирање семејство, пренатална нега, безбедно породување и постнатална нега, спречување и соодветно лекување на неплодноста, превенција од абортусот и справување со последиците настанати од него, лекување инфекции на репродуктивниот тракт, превенција, нега и лекување на сексуално преносливите болести, помеѓу коишто спаѓа и ХИВ, соодветно информирање, образување и советување за човековата сексуалност и репродуктивното здравје, спречување на насилството врз жените, грижа за преживеаните жртви на насилство како и други активности за елиминирање на традиционалните штетни практики, соодветни упатувања за дополнителна дијагноза и справување со горенаведеното.

Подобрување на здравјето на мајките, е петтата цел од Милиниумските развојни цели (МРЦ5), и претставува клучен приоритет за УНФПА но, исто така и цел којашто најмногу заостанува зад другите. Тематскиот фонд наменет за здравјето на мајките , Кампањата за крај на фистулата и многубројните партнерства спаѓаат помеѓу клучните иницијативи во оваа област. Фактот дека универзалниот пристап до репродуктивното здравје беше додаден помеѓу МРЦ во 2005 година од страна на меѓународната заедница ја истакнува неговата важност.

Пристапот до здравствена заштита на репродуктивното здравје исто така го бара она што УНФПА го нарекува безбедност на производите за репродуктивно здравје, односно способноста сите поединци да набават и да користат достапни, квалитетни производи за репродуктивно здравје, по сопствен избор и кога и да им се потребни. Ова е целта на Глобалната програма за средства за заштита на репродуктивното здравје, којашто ја предводи УНФПА.

Родова еднаквост и еманципација на жените

Важноста на родовата еднаквост и еманципацијата на жените за развојниот напредок е нагласена со фактот дека тие се дел од осумте Милениумски развојни цели. Покрај тоа што родовата еднаквост и самата е една од целите, таа исто така е двигател на сите останати МРЦ и е тесно и експлицитно поврзана со целите за подобрување на здравјето на мајките (родилки) и новороденчињата како и со целите за намалување на ширењето на ХИВ.

Родовата рамка на УНФПА опфаќа четири стратегии коишто се однесуваат на критични фактори кои ги нагласуваат нееднаквостите и прекршувањата на правата на: образование на девојчињата, економско еманципирање и политичко учество на жените и балансирање на репродуктивните и продуктивните улоги.

Фондот го свртува вниманието кон родовите прашања и промовира правни и политички реформи и прибирање родово-чувствителни податоци. Фондот работи на тоа да се стави крај на насилството засновано на родот, вклучувајќи традиционални практики коишто ги повредуваат жените, како што се бракови коишто се склучуваат помеѓу деца и осакатување на женските гениталии/ обрежување. Исто така, Фондот ја подигнува свеста за специфичните сили, слабости и потреби на жените во однос на многубројни прашања, како што се критичните хуманитарни ситуации, климатските проблеми и миграцијата. УНФПА исто така ги признава правата, перспективите и влијанието на мажите и момчињата, и се обидува да ги вклучи во напорите за промовирање родова еднаквост и подобрување на репродуктивното здравје.

Прашања од заеднички интерес

Суштина на сите програми на УНФПА се промовирањето и заштитата на основните човекови права, вклучувајќи ги и репродуктивните права. Тоа е една од причините зашто приоритет на Фондот е да се допре до оние коишто имаат најголема потреба, дали поради сиромаштија, маргинализација, неприлики, возраст, пол, етничко малцинство или здравствен статус.

Културно чувствителни приоди засновани на човековите права

Силното нагласување на човековите права, вклучувајќи ги и репродуктивните права на жените и мажите ја поткрепува работата и начинот на работење на УНФПА.