Хенри Џејмс (15 април 1843 - 28 февруари 1916) бил американско-британски писател, кој се смета за една од клучните фигури на литературниот реализам во 19 век. Исто така, Џејмс дал значаен придонес во книжевната критика, особено со неговото инсистирање на писателите да им биде дозволено во најголема слобода да го претстават својот поглед на светот. Тој бил извонредно плоден писател, кој објавил и бројни статии и патописи, биографии, автобиографија и критики, а пишувал и драми.
Живот Хенри Џејмс се родил во богато семејство во Њујорк. Неговиот татко, Хенри Џејмс постариот, бил еден од најпознатите интелектуалци во средината на 19 век во САД. Во младоста, Џејмс патувал меѓу Европа и Америка. Се школувал во Женева, Лондон, Париз, Болоња и Бон, со поголем број ментори. На возраст од 19 години накратко посетувал предавања на Хардвардскиот правен факултет (Harvard Law School), но повеќе претпочитал да чита литература отколку да студира право. Во раната возраст Џејмс веќе ги прочитал англиските, американските, француските и германските литературни класици, како и преведените руски класици. Во текот на 1866-1869 и 1871-1872 година бил соработник во „Нацијата“ (The Nation) и во „Атлантик мантли“ (Atlantic Monthly). По животот во Париз, каде објавувал за „Њујорк трибјун“ (New York Tribune), во 1876 година, Џејмс се пресели во Англија, прво живеејќи во Лондон, а потоа во малото место Рај, во Сасекс (Rye, Sussex). Во 1905 година ги посетил САД за првпат по пауза од 25 години. Избивањето на Првата светска војна било шок за Џејмс, кој станал британски државјанин, како знак за верност на неговата втора татковина и во знак на протест против одбивањето на Америка да влезе во војната. На 2 декември 1915 година, Џејмс доживеал срцев удар и починал во Лондон, на 28 февруари 1916 година. Тој бил кремиран во крематориумот „Голдерс Грин“, а неговите посмртни останки се закопани во Кембриџ, Масачусетс.
Сексуалната наклонетост на Џејмс Хенри Џејмс никогаш не се оженил и откако се преселил во Лондон, тој се прогласил за ерген и редовно ги одбивал понудите за брак. По неговата смрт, Ф.В Дјупи, во неколку книги напишани за семејството на Џејмс, ја развил теоријата дека Џејмс бил вљубен во неговата братучеда Мери (Мини) Темпл, но дека имал невротичен страв од сексот. Оваа анализа ја поддржувале критичарите Ван Вик Брукс и Верон Парингтон, кои ги критикувале делата на Џејмс како женствени. Дјупи немал пристап до документите на семејството на Џејмс, но користел содржини од објавените мемоари на неговиот постар брат и од збирката на писма, уредени од Перси Лабок, чија содржина се однесува на последните години од животот на Џејмс.
Подоцна, кога поголем дел од материјалот им станал достапен на научниците, вклучувајќи ги дневниците на современиците и стотина искрени и понекогаш еротски писма напишани од Џејмс до помлади мажи, сликата за неговиот невротичен целибат била заменета со онаа за таен хомосексуалец. Во 1899 година, кога имал 56 години, тој се запознал со 27-годишниот Андерсон во Рим. Нему, Џејмс му пишувал емотивни писма, велејќи: „Те чувам, најдраго момче, во мојата најинтимна љубов и сметам на твоето чувство за мене – во секој дел од твојата душа“. Во едно писмо од 6 мај 1904 година, упатено до неговиот брат Вилјам, Џејмс се нарекол себеси како „секогаш твојот безнадежен целибат“. Колку бил точен овој опис е предмет на дилеми меѓу биографите на Џејмс, но писмата до Андерсон некогаш биле квазиеротски. Исто така, во едно писмо до Хауард Стругис, неговиот хомосексуален пријател, Џејмс напишал: „Јас повторувам, отворено дека би можел да живеам со тебе. Во меѓувреме само ќе се обидам да живеам без тебе“. Понатаму, во писмото до Хауард Стургис, Џејмс шеговито пишувал за нивната „весела, мала средба за двајца“. Во писмата до Хју Волпол, Џејмс продолжил се опишал себеси како слон кој „те гали, ох толку љубезно“. Најпосле, неговите писма до Волтер Бери, испечатени од печатницата „Црно сонце“, долго време биле прочуени по нивната скриена еротика.
Сепак, Џејмс ѝ напишал на својата пријателка, писателката Луси Клифорд: „Најдрага Луси! Што да кажам? Кога те сакам толку многу и те гледам девет пати за еднаш што ќе ги видам другите! Затоа јас мислам дека – доколку сакаш да се разјасни до најзначајна интелектуалност – те сакам тебе повеќе отколку што ги сакам другите“. Во друг пример, тој ѝ напишал на пријателката од Њујорк, Мери Кадваладер Џонз: „Моја најдрага Мери Кадваладер. Јас копнеам за тебе, но залудно копнеам; и твојот долг молк навистина ми го крши срцето, збунува, обесхрабрува, скоро ме шокира, дури ме прави да се помислам дали слабата совесност и приврзан стар Келимаре (нагалено име што Џонз го употребувала за Џејмс) 'направила' нешто во некој темен сомнамбулизам од духот, кој ти ... создаде лош миг, или погрешен впечаток, или 'шарен изговор' Како и да е, тој те сака толку многу како и секогаш; ништо, до крајот од времето, не ќе го оттргне од тебе и ќе се сеќава на оние единаесет св. утрински интимни часови, оние телефонски матинеа, како најромантични од неговиот живот...“
Неговото пријателство со американската писателка Констанца Фенимор Вулсон, во чија куќа живеел повеќе недели за време на престојот во Италија во 1887 година, и неговиот шок и тагата од нејзиното самоубиство во 1894 година се опишани во делата на Леон Едел и тие имале централна улога во проучувањето на Линдол Гордон. Едел претпоставил дека Вулсон била заљубен во Џејмс и дека се самоубила поради неговата рамнодушност. Врз основа на мислењето на Едел, Гордон шпекулирал дека Џејмс се чувствувал виновен за саботажа на работата на Вулсон. Но, биографите на Вулсон силно го демантирале мислењето на Едел и го опишале Џејмс како пријател кој ја усовршил кариерата на Вулсон. Така, Новик, тврдел дека тие докази покажуваат дека Џејмс страдал од силни емоции, поттикнати од наводното самоубиство на неговата пријателка, но немало никаков доказ дека Вулсон бил заљубена во него, ниту дека тој бил причина за нејзината смрт.
Творештво Творештвото на Џејмс е обемно и се состои од: две долги биографии, два мемоара за неговото детство и долга автобиографија, 22 романи, вклучувајќи две недовршени книги, 112 новели со различна должина, 15 драми и многубројни есеи и патописи. Според неговите биографи и критичари, најголемо влијание врз Џејмс извршиле: Хенрик Ибзен, Натаниел Хоторн, Оноре де Балзак и Иван Тургенев.
Првата кратка новела на Џејмс била „Трагедија на грешката“ (A Tragedy of Error), анонимно објавена во 1863 година, по што тој ѝ се посветил на литературата. Првото дело објавено со негвото името била театарската критика „Госпоѓица Меги Мичел во делото Наметка на крикет“, издадена во 1863 година. Неговиот прв роман, „Поглед и заштита“ (Watch and Ward) (1871), бил напишан за време на патувањето во Венеција и во Париз. Во текот на неговите први години од престојот во Европа, Џејмс пишувал романи кои ги отсликуваат Американците што живеат во странство. Во 1905 година, Џејмс ја посетил Америка за првпат по дваесет и пет години при што го напишал делото „Џоли Корнер“. Помеѓу 1906 и 1910 година Џејмс ревидирал голем број од своите новели и романи за њујоршкото издание на неговите комплетни дела. Неговата автобиографија „Малото момче и останатите“ се појавила во 1913 година, а била продолжена во „Белешката на синот и братот“ (1914), додека третата книга, со наслов „Блиски години“, се појавила посмртно, во 1917 година. Сè до својата педесетгодишна возраст, Џејмс се издржувал пишувајќи раскази за разни списанија во САД и во Британија. Во подоцнежните години од неговиот живот започнал да пишува романи, кои најпрвин биле објавувани во продолженија, во списанијата, а дури подоцна биле оздадени како посебни книги. Исто така, Џејмс пишувал драми, од кои некои биле прикажувани во театрите, но не постигнале поголем успех.
Стил и теми Џејмс се смета за еден од најзначителните автори во трансатлантската литература. Неговите дела често претставуваат ликови од Стариот Свет (Европа) и од Новиот Свет (Соединетите Држави). Џејмс го истражува овој судир на личности и култури, а неговите главни јунаци често се млади Американки кои се соочуваат со обесправеност или злоупотреба. Критичарите шеговито опишале три фази во развојот на прозата на Џејмс: „Џејмс Првиот, Џејмс Вториот и Стариот Симулант“. Во првиот период, кој кулминирал со ремек-делото „Портрет на дама“, неговиот стил бил едноставен и директен, но тој, исто така, многу експериментирал со формата и со методите. Во вториот период, тој го напуштил романот и од 1890 до 1897 година пишувал кратки раскази и драми. Потоа, во неговиот трет период, Џејмс се навратил на долгиот роман.
Почнувајќи во вториот период, но позабележително во третиот, Џејмс сè повеќе го избегнувал директниот говор, поради честите двојни негации и комплексната описна метафорика. Со интензивниот фокус на свеста на неговите главни ликови, подоцнежите дела на Џејмс го навестиле големиот развој на белетристиката од XX век. Сепак, според многумина, неговиот стил во подоцнежниот период бил сложен и непотребен: На пример, неговиот пријател Едит Вартон, кој многу го почитувал, рекол дека во неговите дела имало делови кои биле неразбирливи, а Х. Г. Велс грубо го опишал Џејмс како нилски коњ кој напорно се труди да фати зрно грашок што заглавило во аголот од некој кафез. Некои критичари сметаат дека посложениот начин на изразување бил последица на тоа што Џејмс почнал да ѝ диктира на секретарката. Неколку од неговите преживеани нацрти покажуваат дека своите подоцнежни дела Џејмс сè повеќе ги прегледувал и преправал, а во некои случаи, критичарите ја претпочитаат првобитната, непоправена верзија, како што е случајот со „Дејзи Милер“.
Во однос на книжевната постапка, Џејмс ја отфрлил дотогашната улога на писателот како судија кој знае сè за ликовите во своето дело и кој стои на растојание од нив. Наспроти тоа, тој дејството го преместил до својата глава во главата на еден од јунаците во делото, опишувајќи ја општествената средина низ мислите и чувствата на тој лик. На тој начин, текстот добил драмска напнатост, овозможувајќи му на читателот заедно со главниот јунак во делото да се соочува со сите неочекувани ситуации. На тој начин, текстот станува поуверлив, зашто нема потреба од коментарите на писателот, а со тоа, дејството во книгата станува поефектно. Приклонувајќи се кон субјективизација на формата, особено во подоцната фаза од неговото творештво, Џејмс почнал да гради херметички свет, ослободен од историската компонента. Оттука, според критичарот Џозеф Ворен Бич, Џејмс потсетува на физичар кој би сакал своите експерименти да ги спроведува без никакво влијание на електричните или магнетните пречки. Оттука, тој ги избира само оние страсти што може да се објаснат со рационалните и социјалните мотиви.Voja Čolanović, „Dvosmisleni Džejms“, во: Henri Džejms, Okretaj zavrtnja. Beograd: Rad, 1960, стр. 153-154.