Коле Неделковски ( во — убиен на во ) — истакнат македонски поет и комунист меѓу двете светски војни.
Животопис
Раниот живот и образованието Коле Неделковски е роден во селото Војница, близу Велес, на 16 декември (според други извори, на 1 октомври) 1912 година. Тој бил син на сиромашно земјоделско семејство. Четиригодишното основно образование го завршил во училиштето во Војница при што бил одличен ученик. Гимназиското образование го започнал во Велес, но притиснат од сиромаштијата, морал да го прекине образованието уште во текот на првото тримесечје од првата година. Потоа се преселил во Скопје и започнал да го изучува бојаџискиот занает. Сепак, желбата за збогатување на своето знаење не го напуштила и се запишал во вечерното трговско училиште. Притоа, пројавил особен интерес кон македонскиот јазик и запишувал ретки, нему непознати зборови. Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 25.Тодор Димитровски, „Коле Неделковски (1912 — 1941)“, во: Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967, стр. 5.
Прогонот и преселбата во Бугарија Живеејќи и опстанувајќи како дел од работничката класа во тогашна Македонија, Неделковски ги манифестирал своите симпатии спрема работниците воопшто, а зел учество и во неколку работнички акции. Поради тоа, се нашол на црниот список на полицијата, бил означен како државен непријател и бил постојано следен од власта.
Неделковски сметал дека во соседна Бугарија ќе најде подобри услови за живот, и во екот на светската економска криза, во 1933 година, преку Атина, се преселил во Софија.„Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 1040 стр. Потајно, тој се надевал дека во Бугарија ќе може послободно да твори. Сепак, Неделковски се измамил во однос на двете работи, а најмногу се разочарал од фактот што поголемиот дел од македонските емигранти во Бугарија покажувал тенденција за однародување, подмамен со многу лажни ветувања и под дејство на политички пропаганди. Според зборовите на Димитар Митрев: „Македонецот во него ја созна бргу грешката, Македонецот во него ја изживеа жестоко заблудата. Доброволецот — емигрант разбра дека неговите родни браќа во емиграција си имаат создадено друг облик на својот живот, и тие му беа туѓи.“Тодор Димитровски, „Коле Неделковски (1912 — 1941)“, во: Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967, стр. 6. Во Бугарија, Неделковски се вработил како декоратер, а во меѓувреме посетувал разни курсеви, стремејќи се така да го надополни изгубеното во своето образование. Истовремено, тој се повлекол во себе, станал интровертна личност, но и и тогаш бил сомнителен за бугарската полиција, при што еднаш бил притворен. Сепак, брзо бил пуштен од притворот зашто немало доказен материјал против него. Оние кои лично го познавале, Неделковски го опишале како „тивок, молчелив, нежен, со детска насмевка, внатрешно горд, до болка чувствителен, достоинствен и секогаш човечен“ (М. Зафировски) и како „беспримерен по својата скромност“ и „редок пример на упорност и доследност во поетската изградба“ (Д. Митрев)Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 25-27.
Книжевни и политички дејства
мини|десно|Спомен-куќата на Коле Неделковски во родното село Војница Набргу, Коле Неделковски започнал да се занимава поинтензивно со поезија, а пресвртот настапил во 1937 година, кога станал член на Македонскиот книжевен кружок, другарувајќи со Никола Вапцаров, Антон Панов, Ѓорѓи Абаџиев, Венко Марковски и други македонски револуционерно-книжевни дејци. Тогаш, тој интензивно учел и многу читал (Пушкин, Лермонтов, Ботев, Јаворов, Дебељанов, Смирненски итн.), особено помогнат од Вапцаров.Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 26. Дискусиите во Кружокот му помогнале на Неделковски многу при неговите први поетски обиди. Така, постепено почнал да ја објавува својата поезија, печатејќи ја својата прва песна во месечникот „Илустрација Илинден“. Шесте песни, објавени во тоа списание, биле вовед во неговото творештво, чиј резултат набргу бил евидентиран со објавувањето на неговата прва стихозбирка „М'скавици“ во 1939 година. Со таа стихозбирка, тој бил дел од трендот на пишување македонска поезија со македонска тематика и употреба на македонски јазик. По излегувањето на првата поетска збирка, Неделковски започнал интензивно да ја проучува историјата на Македонија. По цели ноќи го читал Зборникот на Миладиновци и со часови пребарувал во Народната библиотека во Софија материјали за македонскиот фолклор и за преродбата од XIX век, а токму тој ја открил заборавената книга на Мисирков, „За македонцките работи“ која ја читал со голема радост.Тодор Димитровски, „Коле Неделковски (1912 — 1941)“, во: Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967, стр. 5-6-7. Неделковски бил вклучен во работата на Кружокот, ги проширувал своите хоризонти со следење на литературата и движејќи се во кругот на напредни литературни дејци. Притоа, Неделковски ја подготвил за печат и својата втора збирка поезија. Во меѓувреме, во 1940 година станал член на диверзантска група „Млади антифашистички борци“ и така се определил за конкретни акции против фашизмот.
Смрт
Во септември 1941 година, дванаесет дена по излегувањето од печат на збирката песни „Пеш по светот“, Неделковски бил откриен од полицијата како разнесувач на летоци. На 2 септември 1941 година, полицијата ја блокирала шесткатната зграда во која живеел. Сиот материјал што можел да ги компромитира неговите другари, Неделковски го уништил, давајќи им оружен отпор на гонителите. А кога веќе немало надеж за спас, тој се фрлил од прозорецот на својата мансарда на тротоарот на улицата и така загинал. Постојат сомнежи во врска со тоа дали бил Неделковски бил фрлен од полицајците или пак самиот скокнал преку прозорецот на неговата соба. Сведоците на настанот потврдиле само дека слушнале експлозија на бомба во зградата, а потоа виделе како Неделковски паѓа на плочникот. По Втората светска војна, на местото на настанот била поставена спомен-плоча, која подоцна исчезнала.
Последниот ден од животот на Неделковски го опишал неговиот другар Волче Наумчески: На 1 септември вечерта, во мансардата во која живеел Наумчевски пристигнале четворица: еден студент од Чехословачка, Коста Рацин (изморен, облечен во работничка облека), еден студент од Кукуш и самиот Наумчески. Подоцна, околу полноќ дошол и Коле Неделковски, кој го разбудил студентот Атанас од Кукуш, а почнал да го буди и Рацин, но Наумчески го спречил во тоа и му предложил Рацин да остане во мансардата, зашто бил многу уморен. Околу 4 часот изутрината, на 2 септември, полицијата почнала да тропа по вратите на становите на мансардата при што се слушале викотници, трчање по скалите, кршење врати, а потоа и детонација. Кога се разденило, во станот на Наумчески дошла полицијата и сите присутни слегле долу и полицијата ги наредила на еден ѕид. Неделковски лежел на тротоарот, мртов, покриен со ќебе, а крвта сè уште течела по него. Наумчески и Рацин се погледнале и тивко си шепнале: „Збогум, Коле!“ Неколку дена по овој настан, Наумчески успеал да влезе во собата на Неделковски и оттаму зел две книги - една на Пушкин и една на Лермонтов - натопени со крвта на Неделковски, но подоцна тие биле уништени.Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 26-27.
Последната вечер на Коле Неделковски и неговиот разговор со Кочо Рацин е тема на поемата „Ракување“ на македонскиот поет Блаже Конески, објавена во неговата збирка „Песни“ од 1953 година.Блаже Конески, Песни (1953), 85-96 стр.
Творештво Коле Неделковски се смета за еден од најреволуционерните поети во македонската книжевност. Неговата песна Глас од Македонија е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност. Познато е дека на почетокот од 1932 година, по повод смртта на еден негов другар, тој ја напишал песната „Проштално писмо“, но таа не е зачувана. Своите први песни, Неделковски ги објавил во списанието „Илустрација Илинден“ (Илюстрация Илиндень), а соработувал и со зборникот „Илинден 1903“ (Илиндень 1903). Така, во 1938 година, Неделковски ги објавил своите први песни во „Илустрација Илинден“ каде во кн. 6/96 од јуни 1938 година, на уводното место (на стр. 1) била објавена неговата песна „Стоан Војвода“ (Сто'анъ войвода), која подоцна била дел од неговата прва стихозбирка „Молскавици“, но со насловот „Стоан на Ордановци“. Притоа, песната била придружена со следнава белешка од редакцијата: „Кољо Неделковски, од Велес, млад певец на народни идеали којшто покрај борбата со тешкотиите на животот, сепак наоѓа време да ги воспее своите чувства и верност кон родниот крај и копнежот за слобода.“ Потоа, до јуни 1939 година, во ова списание Неделковски објавил уште пет песни: „Раткина неволја“ (Радкина неволя) - кн. 2/102, год. XI, февруари 1939, стр. 7; „Богдан и Гроздана“ (Богданъ и Гроздана) - кн. 2/102, год. XI, февруари 1939; „Мајка“ (Майка) - кн. 6/106, год. XI, јуни 1939, стр. 8; „Одродени...“ - кн. 6/106, год. XI, јуни 1939; и „Чичко ми...“ - кн. 6/106, год. XI, јуни 1939. Не е познато кога се напишани овие песни, но Тодор Димитровски претпоставува дека тие потекнуваат од 1938 година и дека Неделковски му доставил на списанието неколку песни наеднаш. Соработката на Неделковски со „Илустрација Илинден“ престанала заклучно со бројот 6/106 од јуни 1939 година, а не е познато дали во меѓувреме на друго место ги објавил останатите песни од „Молскавици“. Исто така, Неделковски ја објавил песната „Стоан на Ордановци“ и во зборникот „Илинден 1903“. Шесте песни објавени пред „Молскавици“ се разликуваат од дефинитивните верзии застапени во неговата прва стихозбирка при што во некои песни разликите се минимални, додека некои се целосно преработени.Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 80-90.
Библиографија За време на животот, Неделковски објавил две стихозбирки: Молскавици (1940) Пеш по светот (1941)
По неговата смрт, поезијата на Неделковски била објавена во неколку наврати, како: Коле Неделковски, Песни. Друштво на уметниците, журналистите и научниците, Скопје, 1945. Книгата има 78 страници и содржи предговор на Митко Зафировски.Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 75. Коле Неделковски, Стихови. „Кочо Рацин“, Скопје, 1958. Книгата содржи 23 песни од двете поетски збирки на Неделковски, „Молскавици“ и „Пеш по светот“, предговор со наслов „Лириката на Коле Неделковски“, чиј автор е Димитар Митрев, „Белешки“ на Тодор Димитровски, како и ликовни прилози (факсимили на делови од поетските збирки на Неделковски).Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958. Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967. Уредник на книгата е Тодор Димитровски, а таа ги содржи песните од двете збирки на Недлековски.Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967.
Осврт кон творештвото на Неделковски