Елиф Шафак — професор, политиколог и најнаградуваната и најчитана современа турска писателка. Родена е во 1971 г., во Стразбур, Франција, а нејзиниот космополитски дух се должи на годините поминати во многу држави со својата мајка дипломат. Но длабоко е поврзана со Истанбул, каде што живее заедно со сопругот и двете деца, а нејзиниот втор дом е Лондон.
Шафак пишува на турски и на англиски, а нејзините дела се преведени на повеќе од четириесет јазици. Автор е на 13 книги, од кои 9 се романи, меѓу кои Копилето од Истанбул, Четириесет правила на љубовта и Чест. Во нејзините дела, напишани во духот на мистичниот реализам, се провлекуваат историјата, мултикултурализмот, хуманизмот, родовите права и суфизмот, во кои ги испреплетува усните преданија на Истокот и пишаниот збор на Западот.
Предавала на повеќе универзитети во Турција, Америка и Англија. Активно пишува политички колумни за повеќе весници и магазини низ светот: „Индипендент“, „Гардијан“, „Њујорк тајмс“, „Економист“, „Монд“, „Берлинер цајтунг“, „Ханделсблат“, „Волстрит журнал“ и „Тајм“. Предавач е на ТЕД глобал. Покрај многубројните литературни награди, во 2010 г. е одликувана со францускиот Орден на уметноста и литературата.
Издавачката куќа „Три“ е издавач на книгите на Елиф Шафак на македонски јазик.
Книги
Копилето од Истанбул (2006, 2011 во Македонија) Четириесет правила на љубовта (2009, 2013) Чест (2011, 2014) Чиракот на архитектот (2013, 2016) Трите ќерки на Ева (2016, 2017) 10 минути и 38 секунди во овој чуден свет (2018, 2019)
Категорија:Живи луѓе Категорија:Турски писатели Категорија:Турски научници Категорија:Луѓе од Стразбур Категорија:Родени во 1971 година