Теодор Роберт „Тед“ Банди (Theodore Robert „Ted" Bundy) (— година) — американски сериски убиец, силувач, грабнувач и некрофил, кој нападнал и убил најмалку 30 млади жени, и можеби повеќе во државите Вашингтон, Орегон, Калифорнија, Јута, Ајдахо, Колорадо и Флорида во периодот од 1974 до 1978 година. По повеќе од една деценија одрекување тој признал 30 убиства, но вистинскиот број сè уште не се знае. Тој постојано патувал сам и долги периоди од неговото време не се познати. Некои нејасни докази сугерираат дека почнал да убива и пред 1974.
Банди бил згоден, шармантен и харизматичен човек и овие квалитети потполно ги искористувал во своја корист. Сите негови познати жртви се атрактивни млади жени и девојки кои што вообичаено имале долги коси поделени на средина и носеле обетки во вид на алки. Тој вообичаено им приоѓал на јавни места и ја добивал нивната доверба преправајќи се дека има повреди и недостатоци, или преправајќи се дека е авторитетна личност, а потоа ги совладувал и физички ги онеспособувал. Повеќето од нив биле сексуално напаѓани и убивани на друго место. На неколку наврати тој едноставно упаѓал во домовите доцна во ноќта и ги напаѓал жртвите додека спиеле. Понекогаш тој повторно ги посетувал местата на злосторството, поминувајќи неколку часа галејќи ги и вршејќи сексуални чинови со мртвите тела сè додека целосно не се распаднеле. Тој обезглавил неколку од неговите жртви и ги чувал главите во неговиот стан како спомени. Бил погубен на електричен стол во затворот Рејнфорд во Старк, Флорида во јануари, 1989 година. (Raiford Prison, Starke, Florida).
Ан Рул (Ann Rule) го опишува Банди како "...садист-социопат кој што се задоволува од болката на другите луѓе и од контролата што ја има над неговите жртви сé до моментот на смртта, дури и потоа." Тој самиот се нарекол "...најладнокрвното копиле што некогаш ќе го сретнете." Профилистот на ФБИ Роберт К. Реслер (Robert K. Ressler) се согласил со тоа. "Овој човек е ѕвер", напишал тој, "и ме чуди што медиумите не се во можност да го разберат тоа".
Живот
Детство
Банди е роден како Теодор Роберт Кауел (Theodore Robert Cowell) во домот за самохрани мајки на Елизабет Ланд во Барлингтон, Вермонт (Elizabeth Lund Home For Unwed Mothers, Burlington, Vermont) од Еленор Луис Кауел (Eleanor Louise Cowell). Идентитетот на неговиот татко не е утврден со сигурност. Во документот за неговото раѓање се споменува името на еден продавач и ветеран во Воздушните сили Лојд Маршал (Lloyd Marshall), но подоцна Луис тврди дека била заведена од некој морнар чие што име можеби е “Џек Ворингтон“ ("Jack Worthington"). Нејзиното семејство се сомневало дека е можно таткото да е нејзиниот насилен татко Семјуел Кауел (Samuel Cowell). Бабата и дедото од страната на неговата мајка, Семјуел и Еленор Кауел (Samuel and Eleanor Cowell) го чувале во нивниот дом во Филаделфија како нивен син за да ја избегнат општествената предрасуда за нелегитимните деца во тоа време. На поширокото семејство, на пријателите, па и на самиот Банди им било кажано дека тие се негови родители, а дека неговата вистинска мајка е негова постара сестра. Со текот на времето тој ја дознал вистината, но не е јасно како и кога. Тој ù кажал на својата девојка дека еден ден неговиот братучед го нарекол “копиле“ и за да му докаже му покажал на Банди копија од документот од раѓањето што тој го пронашол. На биографичарите Стефан Микод (Stephen Michaud) и Хју Ејнсворт (Hugh Aynesworth) Банди им кажал дека тој самиот го пронашол документот. Биографичарката и писателката на вистински злосторства, Ан Рул, која што лично го познавала Банди, верува дека тој немал веродостоен доказ сé додека не го пронашол оригиналниот запис за неговото раѓање во Вермонт во 1969 по трауматичното раскинување со неговата девојка од колеџ. Банди цел живот чувствувал и покажувал омраза кон неговата мајка поради тоа што не се обидела да му ја каже вистината и што го оставила самиот да ја открие.
Додека во некои интервјуа Банди топло зборувал за неговите баба и дедо и ù кажал на Ан Рул дека “се идентификува со“ Семјуел Кауел, “го почитува“ и “е близок со него“, на назначениот судски психијатар, во 1987, му кажал дека неговиот дедо бил тирански насилник и фанатик кој мразел црнци, италијанци, католици и евреи. Тој го тепал нивното куче и ги влечел за опаш мачките на соседите. Едно утро тој ја бутнал помладата сестра на Луис затоа што спиела до доцна. Некој градинар во својата стаклена куќа чувал порнографска колекција која што Тед и неговиот братучед внимателно ја проучувале со часови. Еднаш тој збеснал кога се спомнала темата за родителите на Тед. Банди ја опишува неговата баба како повлечена и потчинета жена која што повремено одела на електроконвулзивна терапија поради депресија и се плашела да испадне од куќата до крајот на својот живот. Уште во раните години Банди повремено покажувал вознемирувачко однесување. Џулија се сеќава дека еден ден кога се разбудила од спиење, била опкружена со ножеви од кујната на Кауел, а нејзиниот тригодишен внук (Банди) стоел до креветот и се смешкал.
Во 1950 година Луис и Тед заминале од Филаделфија за да живеат со роднините Алан и Џејн Скот во такома, Вашингтон (Alan and Jane Scott, Tacoma, Washington). Луис го сменила нејзиното презиме од Кауел во Нелсон (Nelson). Во 1951 Луис го сретнува Џони Кулпепер Банди (Johnny Culpepper Bundy), болнички готвач, на вечерта за млади и невенчани луѓе во првата методистичка црква во Такома (Tacoma's First Methodist Church). Подоцна истата година тие се земале и Џони Банди официјално го посвоил Тед. Џони и Луис имале четири свои деца и Тед го поминал поголемиот дел од неговите пред-тинејџерски и тинејџерски години чувајќи ги. Иако Џони Банди се обидувал да го вклучи и него во кампувањата и другите семејни активности, Тед се оттргнувал од неговиот очув, а подоцна ù се пожалил на неговата девојка дека Џони не е негов вистински татко, дека не бил “многу паметен“ и “немал доволно пари“.
Како младо момче, Банди скитал по соседството, буричкал во корпите за ѓубре барајќи слики од голи жени. Како адолесцент тој барал по библиотеките и книжарниците детективски списанија, крими новели и документални филмови за вистински злосторства, обожувал приказни во кои имало сексуално насилство, особено кога се проследени со слики од мртви или осакатени тела. Подоцна, откако ќе испиел поголема количина на алкохол (за кој што сметал дека е “многу важен стимулант“) ја “разгледувал општината“ доцна во ноќта барајќи незатворени прозорци каде што ги гледал жените додека се преоблекуваат или пак “нешто друго што вреди да се види“.
Банди има кажал на Микод и Ејнсворт дека тој уште како адолесцент „избрал да биде сам бидејќи не ги разбирал меѓучовечките врски“. Иако се криел зад друштвените активности во училиштето, тој тврди дека немал природно чувство за спријателување. „Не знаев како да започнам пријателство“, вели тој. „Не ја знаев суштината на дружењето“. Сепак пријателите на Банди од средното училиште Вудроу Вилсон (Woodrow Wilson High School) ù кажале на Ан Рул дека тој бил „познат и сакан“, „средно-голема риба во голем базен“. Негово единствено значајно хоби било скијањето на снег кое што го правел со ентузијазам користејќи украдена опрема и фалсификувани билети за жичара. Пред да го заврши средното образование, тој бил два пати уапсен под сомнение за кражба и крадење од коли. Кога наполнил 18 години, според законот во Вашингтон и во повеќето држави, деталите од овие настани биле избришани од неговото досие.
Универзитетските години
Банди матурирал во 1965. По една година во Универзитетот Puget Sound тој се префрлил во Универзитетот во Вашингтон (УВ) (University of Washington, UW), каде што интензивно студирал кинески јазик бидејќи сметал дека Кина ќе биде „земјата со која еден ден ќе мора да се соочиме“. Додека бил на универзитетот, Банди самиот се издржувал со неколку слабо платени аргатски работни места, како товарање производи и редење на полици во маркетот Сејфвеј (Safeway) во Сиетл на улицата Queen Anne Hill. Во 1967 тој бил во романтична врска со една од соученичките која е идентификувана со неколку псевдоними, а најпозната е како Стефани Брукс (Stephanie Brooks). Таа ја прекинала врската по дипломирањето во 1968 и се вратила кај нејзиното семејство во Калифорнија, заситена од, како што вели таа, незрелоста и неамбициозноста на Банди. Уништен од нејзиното одбивање, Банди се отпишал од универзитетот и тргнал кон исток, каде што ги посетил своите роднини во Арканзас и Филаделфија и посетил неколку часа на универзитетот Темпл (Temple University). Рул верува дека во овој период тој ја посетил канцеларијата за записи на родените во Барлингтон, Вермонт и ги дознал своите вистински родители.
Кога се вратил во Вашингтон во 1968 година, Банди се фокусирал и остварил некои планови. Тој ја водел канцеларијата на претседателската кампања на Нелсон Рокфелер (Nelson Rockefeller) во Сиетл и присуствувал на Републиканската национална конвенција во 1968 во Мајами, Флорида како поддржувач на Рокфелер. Тој повторно се запишал на универзитетот во Вашингтон, овој пат на Психолигија и станал одличен и почитуван студент од страна на професорите. Во 1969 тој ја сретнал Елизабет Клопфер (Elizabeth Kloepfer) од Огден, Јута (Ogden, Utah) (во литературата за Банди позната како Мег Андерс (Meg Anders), Бет Арчер (Beth Archer) или Лиз Кендал (Liz Kendall)), која што била разведена, имала млада ќерка и работела како секретарка во Медицинското училиште на универзитетот во Вашингтон. Нивната бурна врска траела долго по неговото прво затворање во Јута во 1976 година. Во 1971 тој започнува да работи и учи за два долари од час на телефонската линија за убиства во центарот за кризи во Сиетл. Таму тој работел покрај поранешниот командир на полицијата во Сиетл и идната крими писателка Ан Рул, која што подоцна ќе ја пишува официјалната биографија на Банди, The Stranger Beside Me. Рул во тоа време не забележувала ништо вознемирувачко во личноста на Банди и го опишува како „љубезен, грижлив и емпатичен“.
Банди ја добил својата диплома по Психологија на универзитетот во 1972 и се приклучил на предизборниот комитет на гувернерот Даниел Џ. Еванс (Daniel J. Evans) како волонтер. Банди го следел противникот на Еванс, поранешниот гувернер Алберт Роселини (Albert Rosellini) и ги снимал неговите говори за понатамошна анализа од страна на тимот на Еванс. Се случиле помали скандали кога Демократите го откриле Банди кој се претставувал како студент. По изборите, на Банди му била понудена работа како асистент на Рос Дејвис (Ross Davis), претседател на Републиканската партија на Вашингтон. Дејвис имал добро мислење за Банди и го опишувал како „паметен, агресивен... и верува во системот“. На почетокот на 1973 година, и покрај просечниот резултат на тестот за запишување на Правното училиште, тој бил примен во Правните училишта и на Универзитетот во Јута и на универзитетот Puget Sound поради препораките од Дејвис, од гувернерот Еванс и од неколку професори по психологија од универзитетот во Вашингтон.