Сликата на Доријан Греј (англиски: The Picture of Dorian Gray) — единствениот објавен роман на Оскар Вајлд. Првобитно, делото се појавило во месечното издание на списанието „Липинкот“, на 20 јуни 1890 година, а Вајлд подоцна го преработил ова издание, правејќи неколку измени и додавајќи нови поглавја. Изменетата верзија била објавена од „Вард, Лок енд Компани“, во април 1891 година. Книгата понекогаш се погрешно се наведува како Портретот на Доријан Греј.

Романот раскажува за еден млад човек по име Доријан Греј, модел на една слика од уметникот Базил Холвард. Базил е импресиониран од убавината на Доријан, станува заслепен од него, верувајќи дека неговата убавина е одговорна за новиот стил во неговата уметност. Доријан се запознава со лорд Хенри Вотон, пријател на Базил, и е маѓепсан од неговиот поглед на светот. Застапувајќи се за еден нов хедонизам, лорд Хенри вели дека единствените нешта кон кои вреди да се тежнее во животот се убавината и задоволувањето на сетилата. Свесен дека еден ден неговата убавина ќе избледне, Доријан изјавува желба да си ја продаде душата, во замена за тоа портретот насликан од Базил да старее наместо него. Желбата на Доријан се исполнува, и го фрла во развратен живот.

Портретот служи како потсетник за тоа каков ефект има секое негово дело врз неговата душа. Секој грев е претставен или како изобличување на неговата форма, или како знак на стареење. Сликата на Доријан Греј се смета за дело кое спаѓа во класичен готски хорор со силно изразена Фаустовска тема.

Содржина

Вовед: Во воведниот дел, Вајлд ја објаснува својата естетика, тврдејќи дека уметникот е создавач на убавото и дека целта на уметноста е да се открива самата себеси, а да го прикрие уметникот; понатаму, тој тврди дека не постојат морални или неморални книги, туку само добри и лоши книги; моралот во уметноста постои само како совршена употреба на несовршеното средство; исто така, ниеден уметник нема етничка наклонетост, зашто таа е само манизирам на стилот; понатаму, тој тврди дека уметноста не може да биде морбидна, зашто уметникот може да изрази сè, а како материјал на уметноста се јавуваат и порокот и доблеста; најпосле, тој го изразува ставот дека уметноста е сосема бескорисна, т.е. таа постои само за да ѝ се восхитуваме.Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 5-6. Глава 1-5: Дејството започнува еден убав ден кога лордот Хенри Вотон го набљудува уметникот Базил Холворд додека слика портрет на убав млад човек по име Доријан Греј. Хенри сака да се запознае со Доријан, а Базил по кратко двоумење се согласува да ги запознае. Откако ќе ги слушне погледите на светот на лордот Хенри, Доријан почнува да мисли дека убавината е единствениот вреден аспект на животот, единственото нешто кон кое треба да се тежнее. Тогаш, тој посакува неговата убавина да остане вечна, а портретот да старее наместо него. Наскоро, Доријан станува близок со Хенри и потпаѓа под неговото влијание (кој е голем застапник на идејата за хедонистички живот) и им се препушта на уживањата. Еднаш, сосема случајно ја запознава глумицата Сибил Вејн, за време на една претстава во еден валкан и запуштен театар. Таа му се допаѓа и набргу ѝ предлага брак. Сибил, која му се обраќа со „принц од бајките“, брза дома да им каже за понудата на мајката и братот. Нејзиниот заштитнички настроен брат Џејмс изјавува дека ќе го убие „принцот од бајките“, ако некако ја повреди.Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 7-74. Глава 6-9: Доријан ги кани Базил и лордот Хенри да ја видат Сибил како глуми во Ромео и Јулија. Сибил, која досега единствено ја познавала љубовта кон театарот, штом се вљубува ги губи своите глумечки способности и во претставата глуми многу лошо. Разочарани, Базил и Хенри предвремено ја напуштаат претставата, а Доријан ја посетува Сибил во гардеробата, велејќи ѝ дека нејзината убавина била во уметноста, и дека ако не може да глуми, тој веќе не е заинтересиран за неа. Кога се враќа дома, Доријан забележува дека неговиот портрет се променил добивајќи сурова насмевка. Тој сфаќа дека неговата желба се остварила: портретот ќе старее со секој грев што тој ќе го направи, а неговиот изглед ќе остане непроменет. Тој одлучува да се смири со Сибил, но тогаш пристигнува Хенри кој му ја соопштува веста дека Сибил се самоубила со цијановодород. Откако го охрабрува лордот Хенри, Доријан сфаќа дека страстите и изгледот се сè што му е потребно во животот. Ова го одбележува крајот на неговата последна и единствена вистинска љубов. Утредента, го посетува Базил со намера да го утеши и непријатно се изненадува гледајќи дека Доријан воопшто не жали за смртта на Сибил. Базил бара од Доријан да му го покаже портретот, но тој одбива. Тогаш, Базил му признава на Доријан дека го обожува и дека во портретот ја вградил својата душа.Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 75-119. Глава 10-11: Плашејќи дека некој може да ја открие неговата тајна, Доријан ја заклучува сликата во напуштената таванска соба. Истовремено, од лордот Хенри добива една француска книга која целосно му го привлекува вниманието. Иако насловот на книгата не е наведен, за време на неговото судење, Оскар Вајлд признал дека мислел на делото на Жорис-Карл Уисманс, „Против природата“ (À Rebours). Главната идеја во книгата е дека треба да се искористат сите можни задоволства во животот. На тој начин, под влијание на книгата, во текот на следните години Доријан живее хедонистички живот, исполнет со секакви задоволства и пороци. Одвреме-навреме, тој се занимава со мистицизам, ги проучува мирисите, собира егзотични музички инструменти, скапоцени камења, гоблени и таписерии и католичка свештеничка облека, а исто така, често патува. За сето тоа време, паралелно со множењето на гревовите на Доријан, неговиот портрет станува сè погрозен, низ градот се шират гласовите за неговите скандали и тој станува озлогласен, па луѓето почнуваат да го избегнуваат. Меѓутоа, тој постојано се навраќа на книгата, која му го разгорува нагонот за правење зло и гревови.Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 120-148. Глава 12-14: Ноќта на 9. ноември, спроти 38. роденден на Доријан, подготвувајќи се да замине за Париз, Базил го посетува Доријан за да дознае од него дали се вистинити гласините за неговото прекумерно препуштање на задоволствата. Доријан не го одрекува неговиот разврат. Потоа, Доријан му го покажува портретот на Базил, кој е грозен како што се неговите гревови. Во наплив на бес, Доријан го обвинува уметникот за својата судбина и го убива со нож. Утредента, тој го повикува својот некогашен пријател Алан Кембел, кој работи како хемичар, наговарајќи го да го уништи телото на Базил. Алан го одбива, но Доријан го уценува, така што тој е принуден да ја изврши задачата.Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 149-175. Глава 15-17: За да избега од своето злосторство, Доријан оди во една куќа крај пристаништето за да пуши опиум. Таму се наоѓа и Џејмс Вејн кој слуша како некој му се обраќа на Доријан со „принц од бајките“. Тој го следи Доријан надвор и се обидува да го буие со револвер, како одмазда за она што ѝ го направил на Сибил пред 18 години. Меѓутоа, Доријан му го покажува своето младо лице, велејќи му дека не е можно да бил во врска со Сибил пред толку многу време. Џејмс му поверува и го ослободува, но веднаш потоа му приоѓа една жена која го прекорува затоа што не го убил, велејќи му дека Доријан воопшто не старее. Три недели подоцна, за време на една вечера во својата куќа, Доријан оди во стакленикот за да набере цвеќе и го здогледува Џејмс Вејн. Од страв, Доријан ја губи свеста, а следните денови ги поминува плашејќи се за својот живот.Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 176-201. Глава 18-20: Следниот ден, на имотот за Доријан се одржува лов при што еден негов пријател сака да убие зајак, иако Доријан го моли да не го убива животното. Сепак, тој пука и случајно го убива Џејмс Вејд, кој се скрил во грмушките, демнејќи го Доријан. По враќањето во Лондон, Доријан го известува лордот Хенри дека во иднина ќе биде добар и дека веќе започнал да го покажува тоа со тоа што не ја искористил селанката Хети Мертон која била вљубена во него. Разговарајќи за исчезнувањето на Базил, Доријан му признава на Хенри дека го убил сликарот, но Хенри не му верува. Доријан се прашува дали портретот започнал да се менува откако се откажал од неморалниот начин на живот. Затоа, тој оди во таванската соба и го открива портретот, кој изгледа уште полошо. Тогаш, тој ги преиспитува мотивите зад неговата „милост“, прашувајќи се дали навистина станал подобар човек или неговото добро дело е само суета, љубопитност или потрага по нови емоционални доживувања. Во наплив на бес, тој го зема ножот со кој го убил Базил Холвард и го забодува во сликата. Неговите слуги слушаат крик од заклучената соба и го наоѓаат телото на Доријан, прободено во срцето, а тој е остарен и грозен. Само преку прстените на неговата рака, тие успеваат да го идентификуваат трупот. Истовремено, неговиот портретот ја добива својата првична форма прикажувајќи го младиот Доријан.Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 201-226.

Ликови Во едно писмо Вајлд вели дека главните ликови се одраз на него самиот: „Базил Холвард е она што мислам дека сум: лорд Хенри е она за што ме смета светот: Доријан е она што би сакал да сум, во некои други времиња, можеби“.

Главни ликови Доријан Греј - убав и нарцисоиден млад човек, кој се оддава на секакови задоволства, морални и неморални. Доријан Греј не го интересира прашањето на доброто и злото во смисла дека едното би било подредено на другото; тој нема никакви морални предрасуди, а хедонизмот е единствениот закон што го почитува. На почетокот, страста за уживањето кај него ја поттикнува лордот Хенри, а подоцна паѓа под влијанието на една книга што му ја дава лордот. Во романот не се споменува насловот на таа книга, но се смета дека станува збор за делото „Во спротивна насока“ (A rebours, 1884) на Жорис-Карл Уисманс. Заробен од страстите, Доријан Греј завршува како брутален убиец, а подоцна во книгата се навестени и другите негови зла, иако не се јасно опишани (луѓето ја напуштаат просторијата штом се појави; неговите најблиски пријатели пропаѓаат морално и финансиски; тој ја осрамотил сестрата на лордот Хенри итн.). Неговата нестабилна природа се изразува и во тоа што често ги менува расположенијата од една во друга крајност: откако ладнокрвно ја напушта Сибил Вејн, утредента тој ѝ пишува страсно помирливо љубовно писмо во кое ја моли за прошка; но штом лордот Хенри му кажува за смртта на Сибил, Доријан веднаш ја заборава и утредента го замолува Базил да не му зборува за такви „одвратни нешта“, зашто „ако за некоја работа не се зборува, тогаш таа не се ни случила“.Zdenko Novački, „Pogovor“, во: Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 228-230. Базил Холвард – уметник кој е заслепен од убавината на Доријан. Доријан му помага да го сфати неговиот уметнички потенцијал, со тоа што портретот на Доријан се покажува како негово најдобро дело. Тој е побожен христијанин со конзервативни вредности. Подоцна е убиен од Доријан. Лорд Хенри „Хери“ Вотон – наметлив и декадентен денди, кој на почетокот е пријател на Базил, но подоцна станува заинтригиран од убавината и наивноста на Доријан. Екстремно досетлив, лорд Хенри се смета за критичар на Викторијанската култура на крајот од векот, застапувајќи гледиште на толерантен хедонизам. Тој му го пренесува на Доријан неговиот поглед на светот и Доријан станува расипан додека се обидува да го имитира, иако Базил истакнува во еден разговор со Хери: „Никогаш не кажуваш нешто морално, и никогаш не правиш нешто неморално“. Според биографот на Вајлд, Хескет Пирсон, ликот на лордот Хенри е „автопортрет на авторот речиси во природна големина“.Zdenko Novački, „Pogovor“, во: Oscar Wilde, Slika Doriana Graya. Zagreb: Младост, 1989, стр. 229.

Други ликови