350px|right|thumb|Првото издание од 1774 година „Страдањата на младиот Вертер“ (германски: Die Leiden des jungen Werthers) — роман на Гете од 1774 година.

Инспирација Книгата „Страдањата на младиот Вертер“ била објавена во 1774 година. Таа била напишана под влијание на делата на Ричардсон и Русо, но во неа се проткаени и бројни реални настани од животот на Гете, како: трагичната судбина на вецларскиот правник Ерусалим, кој извршил самоубиство во октомври 1772 година; љубовта на Гете кон Шарлота (Лота) Буф од мај до септември 1772 година, која во април 1773 година се омажила за неговиот пријател Кестнер; неговата следна љубов кон Максимилијана Ла Рош, која била омажена за љубоморниот Брентано итн. Всушност, самиот Гете постојано нагласувал дека во оваа книга ги внел своите најинтимни чувства и поради тоа таа е единствено дело кое не може да се повтори.Milan V. Dimić, „Beleška o piscu“, во: J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 135-136. На пример, во својата автобиографија Dichting un Wahrheit, Гете ги опишал своите самоубиствени намери, предизвикани од љубовта кон Лота Буф. Притоа, тој чувал остра кама крај својот кревет и секоја ноќ помислувал да ја зарие во своите гради. Според неговите зборови, „бидејќи ова мене никогаш не ми појдуваше од рака, јас најпосле се подбивав со себеси, ги исфрлив од главата сите бубачки и решив да живеам“.Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 11. Од разговорот на Гете со Екерман воден на 2 јануари 1824 година може да се заклучи дека намерата на Гете не била само да ги прикаже љубовните страдања на еден млад човек, туку неговите идеи се општи – недоволноста на човекот, сударот на човекот со природата и со граѓанскиот поредок и така натаму.Milan V. Dimić, „Beleška o piscu“, во: J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 135-138.

Опседнат со несреќната судбина на Ерусалим, Гете му напишал писмо на свршеникот на Лота Буф, Кестнер, замолувајќи го да му даде дополнителни податоци за случајот со самоубиството на младиот правник. Во текот на 1773 година, Гете планирал да ја обработи приказната за Вертер во облик на драмско дело, но потоа се премислил и решил да напише роман, под влијание на делата „Клариса“ на Ричардсон и „Нова Елојза“ на Жан Жак Русо. Во едно подоцнежно писмо, Гете го известил Кестнер дека работата на романот одела бавно. На патот од Вецлар во Франкфурт, во Еренбрајштајн, Гете ја запознал Максимилијана Ла Рош, во која веднаш се вљубил. Со неа повторно се сретнал на почетокот од следната година, кога таа пристигнала во Франкфурт како сопруга на богатиот трговец Брентано. Максимилијана се грижела за децата на Брентано од неговиот прв брак, а за време на честите посети на нивниот дом Гете ѝ ги читал своите поетски дела. Од оваа идила произлегле црните очи на Лота во „Страдањата на младиот Вертер“. Во 1774 година, Вертер ѝ напишал на Максимилијана дека решил целосно да го преработи романот, по што во рок од три месеци, тој го завршил делото.Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 11-14.

Содржина Поголемиот дел од книгата е напишан во форма на писма, но содржи и делови во кои „издавачот“ на книгата им се обраќа на читателите со дополнителни објаснувања. Романот се состои од следниве делови: Прва книга Втора книга Соопштение Издавачот кон читателот

Прва книга Во првата книга се прикажани писмата што младиот Вертер му пишува на својот пријател Вилхелм при што првото писмо е од 4 мај 1771 година, а последното од 10 септември: Вертер заминал во мало провинциско гратче, каде ги поминува деновите во долги прошетки во природа и во разговори со месното население. Еднаш прошетал до блиското планинско место Валхајм кое на прв поглед му се допаднало. Одејќи на една забава ја запознал убавата Шарлота (Лота) која го пленила со својата убавина, интелигенција и добрина и тој веднаш се вљубил во неа. Меѓутоа, Шарлота била свршена за Алберт, кој привремено бил отсутен. За тоа време, Вертер се зближил со Лота, иако никогаш не ѝ изјавил љубов, знаејќи дека таа е свршена. Подоцна, тој се запознал со Алберт кој му оставил добар впечаток и двајцата станале добри пријатели. Неговите средби со Лота продолжиле, но тој не можел да го издржи притисокот и еден ден ненадејно го напуштил Валхајм.J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 5-62.

Втора книга Во втората книга се прикажани писмата што Вертер им ги пишува на Вилхелм, но и на Лота и Алберт. Првото писмо е од 20 октомври 1771 година, а последното од 24 март: Вертер ја прифатил службата во еден град, каде работел како помошник на пратеникот на дворот на еден гроф. Цело време Вертер е незадоволен од здодевниот пратеник, но за среќа ја ужива симпатијата на грофот. Еден ден, додека бил во посета на грофот, случајно останал на приемот што го приредил тој, но сите присутни благородници негодувале поради неговото присуство. Утредента, нивните озборувања се прошириле низ целиот град и Вертер не можел да издржи, па побарал да го отпуштат од службата. Оттука, тој заминал на имотот на некој кнез.J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 63-76.

Соопштение Во овој дел се наведени писмата на Вертер од 19 април до 6 декември: По краткиот престој кај кнезот, Вертер повторно не можел да се смири и го напуштил. Најпрвин го посетил своето родно место, а потоа повторно заминал кај Лота. Таму го поминувал времето препуштајќи им се на спомените, но бил тажен поради неможноста да ја има Лота. Повторно шетал низ природата, но прошетките веќе не му го исполнувале срцето, Хомер го заменил со Осијан и постојано бил обземен со мрачно расположение.J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 77-100.

Издавачот кон читателот Во овој дел, „издавачот“ на книгата ги раскажува последните денови кои претходеле на смртта на Вертер при што одвреме-навреме, случките ги поткрепува со извадоци од неговите писма. Вертер сè повеќе тонел во депресија, а неговите односи со Алберт се заостриле, бидејќи тој настојувал да го оддалечи Вертер од својата свршеница. Поради присуството на Вертер малку се влошиле и односите меѓу Лота и Алберт, бидејќи Лота била растргната меѓу љубовта и верноста кон сопругот и сочувството кон Вертер. При една средба, Лота побарала од Вертер да не ја посетува до Бадник, а тогаш тој ја донел одлуката да умре. Вертер не ја послушал нејзината молба и неочекувано ја посетил. На таа средба, тој ѝ читал поеми на Осијан, кои кај него и кај Лота предивикале силен впечаток. Тогаш, Вертер за првпат ја бакнал Лота, која избегала и се заклучила во својата соба. Растроениот Вертер се вратил во својот дом и вечерта го испратил слугата до домот на Лота, со молба до Алберт да му позајми пиштол. Токму Лота била таа која му го врачила пиштолот на слугата. На полноќ, Вертер си пукал во главата, а изутрината го пронашле облеан во крв, но сè уште со траги од живот. Сепак, на пладне, тој починал, а ноќта таткото на Лота го закопал меѓу две липи, на местото коешто претходно го одредил Вертер.J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 101-133.

Ликови во романот Вертер е млад човек со извонредни способности и со изразена чувствителност. Неговиот живот завршува трагично поради неговата несреќна љубов, но за таквата судбина постојат и други причини, страдањето поради нездравиот и распуштен живот на тогашната аристократија. Иако Вертер е надарено момче, нему му недостасува практична работа во која би дошле до израз неговите способности. Неговото срце е благородно, а тој лесно пламнува и брзо се воодушевува, но исто така лесно запаѓа во болка и во тага. Често запаѓа во занес и притоа ја губи врската со реалноста, поради што доаѓа во судир со средината, а тој се повлекува во себе и енергијата ја троши во бескорисно анализирање на своето Јас. Неговото пропаѓање е психолошки подготвено и мотивирано. Во своите силни душевни кризи, тој не е способен да се оттргне од идеализираниот лик на Лота.Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 20-22. Лота е мила девојка, добра ќерка, пожртвувана сестра и верна свршеница и сопруга. Таа за миг е поколебана од љубовниот занос на Вертер, но сепак, кај неа победува здравиот разум. Единствената сличност со Вертер е што и таа сака да чита книжевни дела со романтичен карактер.Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 22-23. Алберт е свршеникот и сопругот на Лота. Тој е чесен, но малку здодевен и со ограничени сфаќања. Нему целосно му недостига романтичниот занес што е својствен на Вертер, т.е. тој има студена, рационална прирoда.Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 23.

За романот Веднаш по нејзиното (анонимно) објавување, книгата доживеала голем успех и набргу следувале нови изданија, а таа била преведена на повеќе јазици: до крајот на XVIII век се појавиле 15 француски и 12 англиски изданија. Под нејзиното влијание, многу луѓе се облекувале во стилот на Вертер (јавачки фрак со месингени копчиња, жолт елек високи чизми, итн.), го имитирале неговиот начин на живот, a странски туристи доаѓале во Вецлар за да ги посетат местата во кои се случува дејството на романот. Сцени од романот се појавиле дури и во Кина, насликани на порцелан. Дури и самиот Гете почнал да се облекува како Вертер, а дури и вајмарскиот војвода Карл Август започнал да се облекува во тој стил, иако претходно луѓето ги нарекувал Гетеови мајмуни. Жените, пак, се облекувале во стилот на Лота: долг, бел фустан со висок струк, со куси ракави длабоко деколте, а таквата облека го нашла местото и во бројни илустрации. Најпосле, во тоа време биле забележани и неколку самоубиства, а за да ги спречат честите самоубиства, во некои германски градови романот бил забранет.Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 23-26.