Евангелско-методистичката црква — eвангелско-методистичката црква настанува од евангелската (конгрегациска) црква која била основана од мисионерите на Американскиот одбор на испратените во странство.
Историја Почетоци Првите мисионери во Македонија ја створиле евангелската (конгрегациска) црква. По завршувањето на Балканските и Првата светска војна, во којашто Србија и Бугарија биле на различни страни, сите проповедници на дотогашната евангелска (конгрегациска) црква: Кимов, Ќутукчиев, Мирчев, Иван Попов и други, заминале од делот окупиран од Србија, во Бугарија. Исклучок бил Пане Темков, кој ја започнал својата служба во 1902 година, но бил поставен за пастор дури во 1915 година. Поради последиците од војната, имало голем недостиг на финансиски и материјални средства.
Во Кралството СХС/Југославија Во такви услови било невозможно за конгрегациската мисија од Самоков да продолжи со работата во Вардарскиод дел на Македонија. Поради добрата соработка со методистичката мисија во Бугарија, донесено било решение конгрегациските црквите да преминат во Методистичката црква на СХС (Југославија). Така од 1 јануари 1922 година, десетте цркви со 220 членови од Вардарскиот дел на Македонија влегле во Методистичката црква на СХС како втор, Јужна област, којшто бил поделен на 4 окрузи, а Пане Темков бил поставен за суперинтендент.
За месните верници, единствената видлива разлика, со промената на конграционализмот во методизам, бил начинот на црковното управување. Конгрегациската црква, е со конгрегациски (собраниски) тип на црковно управување, додека методистичката црква е од епископален вид, слично со православната црква, каде управувањето оди по хиерархија, почнувајќи од епископот, па по пониските структури на хиерархијата. Политиките и одлуките на локалната црква се донесувале од епископот во странство кој често и немал допир со ситуацијата во којашто се наоѓала црквата, практика што многупати се покажала како жариште за создавање недоразбирања и проблеми.
Во 1925 година, кога југословенската влада сфатила дека методистите кои работеле под закрилата на Синиот крст, всушност не се хуманитарна организација туку црква, ја забраниле нејзината работа. Службите во Скопје и во Битола биле забранети, а во 1928 година, во црквата во Радовиш била фрлена бомба, а две недели подоцна била запалена црковната градба.
Притисокот врз верниците бил толку голем, што епископот Нилсен советувал црквите во овој дел на Македонија да се предадат на некоја друга деноминација. Со одземањето на регистрацијата, им се одземале и црковните функции на крштевање, венчавање и погреб. Во тоа време, склучувањето брак било само црковно, и тоа било дозволено само ако двајцата младоженци се методисти. Децата крстени во методистичка црква не можеле да бидат заведени како методисти. Ова предизвикало многу случаи на насилни прекрстувања од православните свештеници, а оние кои се противеле биле затворани. Овој притисок траел сè до 1932 година, кога дошло до делумно признавање.
Ваквата состојба присилила многу млади да го напуштат регионот. Двајца проповедници, Велков и Заев ги напуштиле своите заедници и емигрирале во Соединетите Држави. Третиот, Арсиќ, кој бил единствениот проповедник – Србин, ја одбил наредбата од епископот да се пресели од Скопје во Струмица, и се вработил како колпортер во БСБЗ. Тој се преобратил во Аргентина и се вратил во Југославија. Му била ветена добра плата од црква во САД, којашто не ја добил и бил држен како приправник многу долго, веројатно поради национализмот што се отсликувал од општеството и кај проповедниците.
Светската криза силно се одразила и врз методистичката црква, особено во Вардарскиот дел на Македонија, која била во хаос и без водство. Сите мисионери се вратиле дома, а и бројот на проповедници драстично бил намален. Кризата имала и свои политички импликации. Владата била распуштена од кралот Александар, кој ја презел целосната власт, која не била наклонета кон црквите.
Во 1931 година, епископот Шепард успеал да добие право за методистичките свештеници да крштeваат, погребуваат, венчаваат и да водат евиденција за членството, што било веднаш искористено, и во овој дел на Македонија биле крстени 106 деца за еден месец. Во 1938 година, Здравко Јанков и Цеко Цеков биле испратени да студираат богословија во Франкфурт. Други студенти не успеале да извадат пасоши за да одат на студии на „Свети Андреја“ во Австрија. Неколку пастори во овој период ја напуштиле службата. Најтешка била ситуацијата со Темков, Калајлиев и Карамазов, кои не успевале да ги задоволат потребите на растечката област, којшто растела повеќе од северната. Сите проповедници во Вардарскиот дел на Македонија биле Македонци.
Проповедниците биле средишни ликови во црквата. Пане Д. Темков е роден на 21 декември 1881 година во Кавадарци. Основно училиште завршил во родното место, а теолошко образование стекнал во Американското богословско училиште во Самоков. Служел во повеќе градови: Банско, Јакоруда (Бугарија), Дојран, Струмица и Скопје. Темков бил најдолго во службата. Бил способен организатор и добар пасторален работник. Со години служел во Скопје и Струмица, најголемите методистички цркви во Вардарскиот дел на Македонија. Служел и на сите протестанти–странци и војници кои биле во Скопје, ги посетувал по болници и го отворал својот скромен дом. Бил назначен да ги крштева и погребува сите протестанти. Тој служел во една интернационална, интерденоминационална црква. Тој дури бил и суперинтендент во текот на 1922 и 1923 година.
Работата во втората половина на триесеттите, главно, одела без проблеми. Добрите интерденоминациски контакти биле одржувани со допуштање на проповедници од лутерански и реформирани заедници од северот да им служат на своите војници во методистичката црква. Единствениот проблем бил барањето на неколку адвентистички двојки, да ги венча Темков. Тој ги одбил, бидејќи адвентистите биле прогонувани од власта, и тој не сакал да биде поврзан со нив, не сакајќи да ризикува повторна забрана на верските активности.
Проповедниците во Вардарскиот дел на Македонија се концентрирале на трите средишта: Струмица, Скопје и Битола. Скопје сè повеќе добивало важност како административен центар на Вардарската Бановина. Од Скопје, Пане Темков понекогаш ги посетувал Гостивар, Приштина и Косовска Митровица и селата Вучитрн и Љипљан. Владимир Даскалов, родум од Кавадарци, завршил математика на универзитетот Колумбија во САД, а предавал и во протестантското училиште во Самоков. Службата ја започнал во Велинград, а потоа од 1924 година служел во Радовиш, сè до запалувањето на црквата од властите во 1928 година, кога прешол во црквата во Струмица. Тој бил успешен проповедник кој ја организирал најголемата црква во Југославија, со 400 членови и со седумстотини посетители на празници. Иако бил болен од туберкулоза, тој организирал многу активности, меѓу коишто и духовен младински хор кој настапувал на црковни и други свечености во струмичкиот регион.
Крум Калајлиев, роден 1900 година во Радовиш, ја започнал својата работа на 16 години, поучувајќи во неделното училиште. Службата ја започнал во Мраморак, каде најнапред учел германски јазик. Богословие студирал во „Свети Андреј“ во Австрија 1927–1930 година, а по студиите работел како проповедник во Банат. Во Македонија се вратил во 1931 година, и ја оживеал работата во Битола, којашто била напуштена повеќе од десет години. До 1936 година, тој ја зајакнувал црквата и проповедал на многу места во близината: Ресен, Охрид, Мешеишта, Ботун и Прилеп, која пак прераснала во самостојна црква со големо членство. По заминувањето на неговиот помошник Остерхаус, службата малку опаднала. Калајлиев бил многу успешен евангелизатор и вреден работник и со неговото влијание дури и 100 ресенчани искажале желба заедно да ја напуштат православната црква и да им се придружат на методистите.
Суперинтендентот и проповедниците од северот, со недоверба гледале кон желбите на Македонците да станат ѓакони и проповедници. Ова се основало на недостатокот на општење и лични познанства, како и непознавање на ситуацијата на југот, каде сепак се покажувала голема упорност и искрен мисионерски жар. Во текот на целиот овој период, било присутно чувството на супериорност на Германците над Македонците и секако извесна недоверба кон нив.
Најактивна работа во Македонија била во населените места во Струмичката долина: Струмица, Муртино, Моноспитово и Колешино. Суперинтендентот Георг Себел ја опишал црквата во Струмица како најголема, а онаа во Колешино како најверна. Службите во овие четири цркви ги држеле проповедниците Даскалов и Карамазов, лаичките проповедници, Арнаудов и Трајков и една жена на Библијата, Божинова, потпомогнати од други мажи и жени. Тие дејствувале во Вељуса, Дојран, Костурново, Мокриево, Габрово, Валандово, Бистрица и други места. Радовиш и Раклиш биле силни евангелски средишта, па затоа богослужбите биле забранети од месните власти во текот на шест години, сè додека епископот Нилсон не ги убедил властите да дозволат црквата повторно да одржува богослужби, во 1935 година.
Службата не минувала без проблеми. Во Колешино, православниот свештеник дури и ја прекинал службата што ја држел Арнаудов, тврдејќи дека има право да ги прогонува оние кои не одат во неговата црква. Сличен настан се случил и во црквата во Моноспитово, кога проповедал Карамазов, кога непоканет поп влегол и почнал да држи литургија. Напредувањето на методизмот во Струмичкиот регион, натерало многу православни свештеници да почнат да проповедаат во своите служби за да ги задоволуваат потребите на своите членови. Други православни свештеници избрале понасилни методи. Со закани со оружје и физичко малтретирање ги спречувале младите да се венчаваат во методистичка црква. Во еден случај на мешан брак кога зетот побарал од методистичкиот проповедник да ги венча, православниот свештеник го натепал со рачката од пиштолот, и му се заканил дека ќе го убие ако не се венча во неговата црква. Друг пак свештеник им се заканил на еден пар дека ќе ги убие ако не се венчаат во неговата црква и стоел цело време на проповедалницата кога методистичкиот свештеник ја вршел венчавката, но не ја исполнил заканата. Проблем претставувале и погребите, каде родинините често не дозволувале погреб на евангелски начин. Проблем бил и погребот на исклучените членови од методистичката црква, бидејќи проповедниците одбивале да ги погребаат овие луѓе, а и конгрегацијата не сакала да им го пружи овој последен чин на некогашните членови.
Голем проблем изникнал околу крштевањето. Многу деца од методистички семејства биле насилно прекрстени од православниот свештеник во Муртино. Ова предизвикало негодување кај родителите, но свештеникот тврдел дека децата се од неговата вера. Општо во Македонија, браковите во којшто едниот брачен другар не бил христијанин биле поништувани, а доколку христијанка се омажела за муслиман, бракот не бил признаван. Многу жени кои биле венчани надвор од црквата, барале од проповедниците да им ги крстат децата. Тие посакувале да го сторат тоа, но државата тоа го забранувала. По Втората светска војна, црковниот брак не бил признаван, така што овие проблеми веќе не биле актуелни.
Во 1932 година, во црквите во Струмичкиот регион почнале да се создаваат младински организации. Ова предизвикало растеж од 30 проценти. И покрај примитивниот превпз (магаре, планински коњи и одење пеш), младинските поголеми настани биле посетени од 300 до 700 луѓе. Се претпоставува дека членството би се удвоило доколку луѓето биле слободни да го сторат тоа. Во текот на евангелизациите, во помалите села, како на пример Муртино, 200 до 250 луѓе присуствувале секоја вечер, желни да го чујат говорникот.