мини|368x368пкс|Бугарскиот окупатор ги товари македонските евреи во вагоните на бугарската државна железница (БДЖ). Депортацијата на Евреите од Македонија претставува настан од Втората светска војна организиран од владите на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија, со цел систематска елиминација на еврејското население од т.н. „новоослободени територии“ од страна на бугарската власт. Депортацијата на Евреите од Македонија претставува дел од депортација на Евреите од сите „новоослободени територии“ (Вардарска Македонија, Егејска Македонија, Поморавјето (Србија), и Тракија). Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка во Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Од Треблинка не се вратил никој. Не останал ниту еден сведок да прераскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија. Документите се единствените сведоци за докажувањето на судбината на Евреите во Македонија.
Од Вардарска Македонија биле иселени над 7.000 Евреи, додека вклучувајќи ги и оние од Егејска Македонија и Тракија околу 11.400. Според податоци од октомври 1945 година, на територијата на денешна Македонија преостанале само 419 лица, чијашто заедница денес брои околу 200.
Антисемитизмот во фашистичка Бугарија
За разлика од Романија (исто така сојузник на нацистичка Германија), земја во која виктимизацијата на Евреите на почетокот на војната изнесувала околу 50%, во Бугарија виктимизацијата на Евреите изнесувала околу 20%. Во обете земји во периодот од 1899 до 1939 антисемитизмот бил во пораст. Но, ситуацијата се влошувала со влошување на економската состојба во државата и антисемитизмот растел со оглед на фактот што поголемиот број од Евреите ја сочинувале средната класа во општеството.
Закон за заштита на нацијата Во јули 1940 година Бугарија започнува со донесување на антисемитски закони. Во јануари 1941 година го донесува „Закон за заштита на нацијата“. Во 1 март 1941 година Бугарија станува сојузник на Силите на оската.
При спроведување на „Законот за заштита на нацијата“ посебно се водело сметка за четвртата глава која се однесувала „За имотот на лица со еврејско потекло“, како и на петтата глава „За професионалната и економската активност на лицата со еврејско потекло“. Во овој закон биле наведени сите можни занимања со кои не смееле да се занимаваат Евреите со што им била намалена можноста да се заработи за пристоен живот. Со одземање на основните граѓански права всушност почнала бездушната и систематска ликвидација на Евреите во границата на тогашното трето Бугарско Царство.
Уште со самиот почеток на окупацијата Бугарите започнале да го спроведуваат законот. На 9 април 1941 година забележано е дека во Битола биле обележани сите еврејски куќи, трговски и занаетчиски дуќани (види слика).
Според „Законот за заштита на нацијата“ секој Евреин бил должен да пополни специјална декларација која содржела:
Недвижен имот; куќа, станови, магацини, згради, стоваришта, сушилници, фабрики, работилници, вили за летување, земјоделски добра и друго; неизградени парцели, ниви, ливади, шуми, пасишта, лозја; рудници, руднички концесии и друго; Подвижен имот; пари (бугарски банкноти и чекови); пари (странски банкноти и чекови); сметки во бугарски банки; сметки во странски банки; златни монети во сите видови, злато во зрно, секаков вид злато, накит (часовници, табакери, бразлетни, брошеви, прстени, дијадеми); златни предмети и сервиси (гравури, украси, статуети, виљушки, ножеви, садови и сл.); скапоцени камења (дијаманти, рубини, бисери, брилијанти, опишани по видот и каратите) бугарски и странски обврзници; акции делови од акции на бугарски и странски претпријатија; мебел (спални соби, трпезарии, салони, кабинети, гарнитури, клавир, радио, отомани и друго без кујни; скапоцени странски штофови, сите видови на кожа (обработена или не), кожни капути и сл.; бугарски и странски теписи; сите превозни средства; (автомобили, мотори, велосипеди, пајтони, запрежни коли и др.); (бродови, шлепови, моторни чамци, чамци, лаѓи); машини во фабриките и работилниците, како и сите алатки во нив; стока во магацините, фабриките, работилниците, складишта и слично; разни видови на инсталација, инвентар итн.; непредвидени работи; Наследства; наследства на сите членови на семејството; на лице место; движен имот; недвижен имот; скапоцености; златни монети, злато во секаков облик, скапоцени камења, златни предмети, накит, облигации, акции, мебел; Побарувања; побарувања во земја; полиси, долгови; пребарувања во странство; учество во други претпријатија, тајни влогови, сметки; Долгови; разни долгови во Бугарија; разни долгови во странство.
Вредноста за сите конфискувани работи требало да биде внесена во бугарски левови. Комисијата одговорна за пописот на имотот на македонските Евреи работата ја завршила кон крајот на 1941 г. За вршењето на работата на Комисијата која ја вршела конфискацијата и Бугарите и Германците ги уценувале Евреите барајќи им пари или други вредности за да не им ја впишат вистинската вредност на предметите. Вака била спроведена целосната евиденција за имотот на Евреите.
Во 1942 година притисокот врз Евреите уште повеќе пораснал кога во Битола допатувале тројца специјални инспектори за „еврејското прашање“. Всушност нивното доаѓање било поврзано со започнување на потполниот геноцид со меѓусебен договор на бугарските и германски фашисти. Започнала економска ликвидација на Евреите.
Со специјални соопштенија биле известени Евреите кои биле на печалба надвор од родното место дека мора да платат одредена казна на државата. Биле испратени такви соопштенија на Евреите печалбари во Америка, Хрватска, Босна, Палестина, Србија, Грција, Егејска Македонија (Солун). Овие Евреи печалбари платиле вкупно 34.000.000 лева казна. Оние кои не ја платиле паричната казна, биле притворени и им бил конфискуван имотот.
Состојбата на Евреите во Бугарија во текот на Втората светска војна Покрај сето ова Бугарија, како и Романија, успеале да го зачуваат сопственото еврејско население. Сепак, некои сметаат дека спасувањето на 50.000 евреи во т.н. Стара Бугарија е „уникатен чин“.
Наспроти фашистичката власт, Бугарската православна црква и голем број бугарски интелектуалци во тоа време застанале во заштита на Евреите и против срамниот чин што јавно го спроведувала владата на Богдан Филов. Меѓу нив бил и претседателот на тогашниот парламент Димитар Пешев, кој јавно се спротивставил на сервилната политика кон Берлин. Патријархот Кирил, собранискиот претседател Димитар Пешев заедно со 42 членови на парламентот, и бугарските интелектуалци не успеале да го спречат депортирањето на Еврите од окупираните бугарски територии, Македонија и Тракија.
Покрај овие напори на дел од бугарската јавност, бугарските Евреи во текот на годините на спроведување на антисемитските закони не биле поштедувани: Мажите Евреи на возраст од 20 до 40 години, во периодот од 1941 до 1943 година биле регрутирани за принудна работа; Нивните куќи биле обележувани (види слика); Слично како и во нацистичка Германија и бугарските Евреи биле приморувани да носат жолти ленти со Давидовата ѕвезда; Бугарската влада ги протерала софиските Евреи во провинција. (Во 1934 во Софија живееле околу 26.000 Евреи, што претставувало околу 9% од вкупната популација на градот). Во рок од две недели околу 20.000 Евреи од градот биле протерани; Протестите на Еврејското и на нееврејското население против раселувањето биле брутално задушувани; Mешаните бракови меѓу Бугари и Евреи биле забранети; Постоела забрана за вршење на одредени професии и поседување на акции во претпријатија од страна на Евреите; Наметнати биле вонредни даноци на еврејското население; Воведен бил полициски час за Евреите; Евреите можеле да купуваат леб само од одредени фурни; Во некои улици движењето на Евреите било забрането.
Планирање на депортацијата
Ликвидирањето на Евреите од Македонија било резултат на договор меѓу нацистичка Германија и Царството Бугарија. Од името на двете држави на 2 февруари 1943 година договорот го потпишале Адолф Бекерле, (германски полномошен министер во Бугарија) и Петар Габровски, бугарски министер за внатрешни работи.
Конкретните планови за депортацијата се документирани во извештај од 12 ноември 1942 година на Министерството за надворешни работи од Германија до Германската легација во Софија во кој се вели дека „Бугарската влада со особено задоволство известува дека конечно ќе се реши еврејското прашање.“ Покрај ова бугарската влада бара од Германија да и ги достави деталните планови за иселување на Евреите од Романија за и таа да преземе неопходни мерки за иселување на Евреите.
На Комесарството за еврејски прашања бугарската влада му дава налог да направи списоци на целокупното еврејско население во Македонија, со имотите на сите членови на семејството, возраст, пол, професијата и улицата, бројот и местото на живеење. Рокот за доставување на главните списоци бил само неколку дена. Делегатот на скопската еврејска општина бил задолжен покрај списоците на еврејското население од Скопје да достави списоци за Евреите што живеле во места каде што поради малиот број на Евреи не се формирани еврејски општини. Станува збор за: Куманово, Прешево, Удово, Гевгелија, Крива Паланка и Бујановац. Собраните податоци покажувале дека во 1941 година во Скопје имало 1181 семејства со 3795 члена, во Битола имало 810 семејства со 3351 члена, во Штип 140 семејства со 551 члена, во Куманово 7 семејства со 17 члена, во Гевгелија 3 семејства со 11 члена, во Велес имало 2 семејства со 8 члена, во Крива Паланка 1 семејство со 5 члена, а во останатите места 6 семејства со 28 члена. Станува збор за вкупно 2150 семејства со 7762 члена.
Фашистичките влади на Бугарија и нацистичка Германија во тајност ги водат преговорите за предавање на еврејското население од окупираните бугарските територии на Германците. На 22 февруари 1943 година во Софија се потпишува спогодба за иселување на 20.000 Евреи од териториите окупирани од страна на Бугарија, односно од Тракија и Македонија. Иселувањето ќе се реализира во источните германски области (односно во Полска). Спогодбата била потпишана од Александар Белев, комесар на Комесарството за еврејски прашања при Министерството за внатрешни работи и народно здравје во Софија и од германскиот капетан на заштитните одреди (СС-дивизии) Теодор Данекер. Спогодбата е донесена по одобрување на Министерскиот совет на Бугарија. Во спогодбата се утврдени појдовните железнички станици, и тоа:
од Скопје 5000 лица во 5 воза; од Битола 3000 лица во 3 воза; од Пирот 2000 лица во 2 воза; од Горна Џумаја 3000 лица во 3 воза; од Дупница 3000 лица во 3 воза; од Радомир 4000 лица во 4 воза.
Министерот за внатрешни работи и народно здравје Петар Габровски поднел извештај до Министерскиот совет дека во однос на постигнатата спогодба помеѓу Бугарија и Германија претстои иселување од земјата на 20.000 лица со еврејско потекло од „новоослободените земји“ и дека тие ќе бидат сместени во логори во градовите: Скопје, Пирот, Горна Џумаја, Дупница и Радомир. Министерскиот совет го овластува комесарот за еврејски прашања да ја реализира спогодбата. Од писмото на Бекерле (германскиот полномошник министер до германското Министерство за надворешни работи во Бугарија), од 22 јануари 1943 година, за разговорите со министерот за надворешни работи на Бугарија по повод иселувањето на Евреите се потврдува дека покрај активностите преземени против Евреите ќе треба прво да се иселат Евреите од „новоослободените територии“. Во преговорите помеѓу германската нацистичка влада и бугарската фашистичка влада постојано е присутно иселувањето, односно испраќањето во логори на смртта не само на Евреите од „новоослободените територии“, но и од старите предели на Бугарија.