Томас Карлајл (; — ) — шкотски филозоф, сатиричар, есеист, историчар и просветен работник од викторијанскиот период."Thomas Carlyle" (bio), Dumfries-and-Galloway, 200: Дамфрис и Галовеј - Личности: Карлајл . Економијата ја нарекувал „стуштената наука“, пишувал написи во „Единбуршка енциклопедија“ и станал контроверзен критичар на општеството. Неговите предавања на соборите санале познати по нивната проникливост, а од нив подоцна се родило и неговото дело „За хероите, обожувањето на хероите и херојското во историјата“, каде Карлајл го издвојува „великанот“ како најголема движечка сила во историјата, сметајќи ја историјата за ништо повеќе од „биографија на великаните“.

Произлегувајќи од строго калвинистичко семејство, неговите родители се залагале да стане проповедник, но во текот на студиите ја загубил вербата во Бога. Но покрај тоа, калвинистичките вредности го следеле во текот на целиот живот. Оваа комбинација од верски темперамент со изгубената побожност била особено привлечна за многумина во викторијанското време кои се обидувале да се справат со научните и политичките промени што му се заканувале на традиционалниот општествен поредок.

Младост и влијанија мини|лево|180п|Родната куќа на Карлајл

Карлајл е роден во Еклфехан, Шкотска. Родителите го испратиле на Ананската академија во Анан, но таму постојано бил малтретиран од некои соученици, и затоа ја напуштил по три години. Во детството, изразените калвинистички вредности што се негувале во семејството се врежале во умот на младиот Карлајл.

Откако дипломирал на Единбуршкиот универзитет, Карлајл станал наставник по математика, во Анан, а потоа и во Керколди, каде се спријателил со мистикот Едвард Ирвинг.

Во периодот 1819–1821 г., Карлајл се вратил на Единбуршкиот универзитет, каде почнал нагло да ги губи христијанските убедувања. Ова ќе биде материјал за неговото првото дело „Прекроениот кројач“ (Sartor Resartus) со кое се прочул во јавноста.

Во овој период Карлајл се здобил со болна стомачна болест (веројатно желудочни чирови), што во тоа време било припишано на неговата неблагочестивост. Оваа болест продолжила да го следи сè до крајот животот, и истата придонела јавноста да го смета за препирлива и непријатна личност. Неговиот прозен стил се одликувал со зајадивост и жестина, уште повеќе зацрвстувајќи го во умот на современиците како тежок човек.

Почнал темелно да ја изучува германска книжевност и да прима силни влијанија од германскиот идеализам, особено од делата на филозофот Јохан Готлиб Фихте. Подоцна станал стручњак по германска книжевност и се истакнал во низа есеи во списанието Fraser's Magazine, но и како преведувач дела од германски писатели, меѓу кои и „Образовните години на Вилхелм Мајстер“ од Гете. Во 1825 г. ја издал и книгата „Животот на Шилер“ (Life of Schiller).

Во 1826 г. Карлајл се оженил со писателката Џејн Бејли Велш, која ја сретнал во 1821 г..

Во 1828 г. Карлајл решил да се пресели во родното место, на фармата во Крејгенпаток (Дамфрисшир, Шкотска), каде впрочем напишал поголем дел од делата. Тука ги напишал најистакнатите есеи и оформил доживотно пријателство со американскиот есеист Ралф Валдо Емерсон. Во 1834 г., Карлајл се преселил во Челси (Лондон), каде бил познат како „Мудрецот од Челси“ и се приклучил кон книжевниот кружок кајшто членувале Ли Хант и Џон Стјуарт Мил.

Во Лондон го напишал тритомното дело „Француската револуција: Историја“ (The French Revolution: A History, 1837) - историски осврт кој го обработува угнетувањето на сиромашните. Делото веднаш доживеало успех, и ова го поттикнал авторот да ги напише следните дела.

Дела мини|десно|180п|Насловна страница на првото британско издание на „Прекроениот кројач“ (1838) мини|десно|180п|Насловна страница на „Француската револуција“ (I изд. 1837) Рани дела Во 1821 Карлајл се откажал од идејата да стане свештеник и решил да стане писател. Почнал да пишува роман („Кратерс и Џонсон“),но по неколку обиди се откажал. Преведувајќи го Гетеовото дело „Образовните години на Вилхелм Мајстер“, изгубил доверба во реалистичниот роман и решил да создаде свој вид на белетристика. Напишал неколку есеи во кои се обработува германската книжевност, по што се осврнал на поопшти теми од современата култура во есеите со наслов „Белези на времето“ (Signs of the Times) и „Одлики“ (Characteristics) со кои стекнал влијание.

Прекроениот кројач Првото поважно дело на Карлајл е „Прекроениот кројач“ (Sartor Resartus), започнато во 1831 г. во неговиот дом во Крејгенпаток, и е замислено како нов вид на книжевно дело: едновремено фактографско и измислено, сериозно и сатирично, шпекулативно и историско. Делото иронично коментира на сопствената структура, принудувајќи го читателот да се соочи со проблемот каде да се најде „вистината“. „Прекроениот кројач“ првпат се појавил во продолжетоци во списанието Fraser's Magazine (1833-1834). Текстот е претставен како обид на еден безимен уредник да ѝ го претстави на британската јавност германскиот филозоф на облеката Диоген Тојфелсдрек, кој всушност е лик измислен од Карлајл. Уредникот е восхитен од Тојфелсдрек, но во голема мера збунет од неговата чудна филозофија, која им ја претставува на читателите во избрани делови. Во обид да ја сфати Тојфелсдрековата филлсофија, уредникот се обидува да скрпи негова биографија, но ова го прави не толку успешно. Но зад привидно апсурдните искази на филозофот се кријат жестоки напади врз утилитаријанството и комерцијализацијата на британското општество. Нецелосната и расцепката биографија на Тојфелсдрек што уредникот ја составува од купишта документи го токрива духовното патешествие на филозофот. Мислителот искажува омраза кон исчашеното совремие. Размислува за „вечното Не“, доаѓа до „центарот на рамнодушноста“, за на крај да го прифати „вечното Да“. Трите фази на отфрлање, оттргнување и будењето на волја и желба подоцна е опишано како дел од егзистенцијалистичкото будење.

Земајќи ја предвид загадочноста на „Прекроениот кројач“, не е чудо што делото првично не доживеало успех. Неговата популарност растела во текот на следните години, за во 1836 г. да биде објавено во облик на Книга во Бостон, со предговор на Ралф Валдо Емерсон. Делото извршило влијание врз развојот на движењето наречено „новоанглиски трансцендентализам“. Во 1838 г. е објавено првото британско издание.

„Француската револуција“ Во 1834 г., Карлајл се преселил во Лондон и почнал да се движи во друштво на познати личности. Успехот во Велика Британија го осигурал со објавувањето на тритомно дело „Француската револуција: Историја“ (The French Revolution: A History) во 1837 г. Ракописот на првиот том настрадал кога слугинката на мислителот Џон Стјуарт Мил по грешка го запалила како огрев, па Карлајл продолжил со пишување на вториот и третиот том, пред да го препише првиот одново.

Делото е полно со сила и страст, дотогаш невидена во историската литература. Во контекст на тогашната бурната политичка состојба во Европа, Карлајловото толкување на причинителите за случувањата во Франција претставувало мошне актуелна и релевантна анализа на времето. За ова највеќе сведочи неговиот стил на пишување, со постојан акцент на непосредноста на дејствата – честопати изразувајќи се во сегашно време.

Според Карлајл, општеството страда од бурни спротивставености, пред да дојде „херој“ кој ќе ги скроти силите. Иако не ги порекнувал економските и практичните образложенија за настаните, силата на промените сепак ја сметал за духовна – дека надежта и стремежите на луѓето добиваат облик на идеи, кои потоа прераснуваат во идеологии („формули“ или „изми“, како што тој ги нарекувал). Според Карлајл, овие сили можат да ги совладаат само динамични личности, кои ги насочуваат духовните струења во извесен правец. Но штом идеолошките „формули“ ќе го истиснат херојското водство, општеството почнува да се отчовечува.

„За хероите и обожувањето на хероите“ Идеите искажани во ова дело се покажале како важни во развојот на социјализмот, но исто така влијаеле врз подемот на фашизмот во Европа.Cumming, Mark : The Carlyle encyclopedia : 2004 : ISBN 978-0-8386-3792-0 стр. 223 Во 1840-тите Карлајл прешол на второспоменатиот начин на размислување, што довело до тоа да раскрсти со разни стари пријатели и соработници како Мил и, во помала мера, Емерсон. Убеден во важноста на херојското водство, Карлајл ги преточил мислите во делото „За хероите, обожувањето на хероите и херојското во историјата“ (On Heroes, Hero-Worship, and the Heroic in History), каде споредува широк дијапазон на херои како што се Один, Оливер Кромвел, Наполеон, Вилијам Шекспир, Данте Алигиери, Семујел Џонсон, Жан-Жак Русо, Роберт Бернс, Џон Нокс, Мартин Лутер и Мухамед.

мини|Томас Карлајл (1860-ти) Книгата се заснова на низа одржани предавања. „Француската револуција“ му донела слава, но мошне малку зарабоувачка. Пријателите решиле да го поддржат и затоа му организирале соодветно рекламирани јавни предавања кои се наплаќале по една гвинеја. Во периодот од 1837 до 1840 г., Карлајл одржал четири серии предавања. Последната серија била посветена на темата „Херои“. Материјалите од предавањата ги искористил како основа за книга, каде во пишаната реч успеал да го задржи тонот присутен на предавањата. Карлајл е еден од многуте малку филозофи што ја проживеале индустриската револуција, но сепак задржале трансцендентален нематеријалистички поглед на светот. Во книгата се опишани разни личности, од полето на религијата, книжевноста и политика. Личностите ги претставил како одредници, обезбедувајќи му посебно место на Мухамед во главата „Херојот како пророк“. Во оваа глава Карлајл му се восхитува на Мухамед и занесно го одвојува како пример за движечка сила на хегеловски промени во општеството, настојувајќи на неговата искреност и забележувајќи „како еден човек на своја рака ги сплотил завојуваните племиња и раштрканите бедуини и од нив ја создал најсилната и најцивилизираната нација - за помалку од две децении“. Според Карлајл, херојот е нешто како Аристотеловиот „широк“ човек — личност која е сосем развиена на секој план. Меѓутоа, за разлика од Аристотел, светот на Карлајл е полн со противречности со кои херојот мора да се справува. Сите херои имаат мани. Нивниот хероизам се состои во нивната креативната енергија, и начинот на кој ја користат за да се соочат со големите потешкотии, а не во некакво морално совршеноство. Потценувањето на ваквите личности заради некои недостатоци е филозофија на оние што се тешат со обичното и просечното. Карлајл ова го нарекува „валетизам“, изведувајќи го од поговорката „никој не е херој во очите на оној што го пере“ (т.е. личниот слуга, на англ. valet).Carlyle, Thomas (1869). On heroes, Hero-Worship, & the Heroic in History. London: Chapman and Hall, 301.