Кучичино — село во Општина Чешиново-Облешево, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Поглед на селото
Селото се наоѓа во Кочанското Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Чешиново-Облешево, од левата страна на реката Брегалница, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Карбинци. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 320 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 16 километри.
Низ селото поминува регионалниот пат 2334, кој е поврзан со регионалниот пат Кочани-Штип.
Кучичино е изразено потпланинско село, сместено во подножјето на планината Плачковица, помеѓу Бурилчево на запад и Теранци на исток. Мештаните на Кучичино го користат пониското земјите на север за земјоделство и падините на Плачковица на југ за сточарство. Сепак, во селото има оскудност за питка вода, која во минатото се добивала само од една пумпа. Нема извори ни на планинските падини.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Средни Пат, Чивлачки Пат, Пороиште, Синор, Лака, Долно Поле, Под Ридинки, Стари Лозја, Богуновец, Манастир, Средни Рид, Волџаница, Голема Чука, Влаишта, Ролова Нива, Црногор, Мало Осоје, Говедарица, Граиште, Големо Осоје и Јованковец.
Селото има збиен тип, издолжено во насока југ-север и е поделено на три маала: Горно, Средно и Долно. Во секое маало има родовски групи на куќи.
Историја
Кучичино се смета за старо село во Кочанското Поле. Во него постојат и поголем број на староседелски родови. Меѓутоа, во тоа село во 1780-тите години владеела чума и од болеста преживеале само 4 домаќинства. Од нив потекнуваат денешните родови.
Околу 1900 година, во селото имало 40 македонски домаќинства. Сите денешни жители потекнуваат од нив.
На месноста Манастир над селото нема никакви остатоци од старини. Селото до 1960-тите години немало сопствена црква и за празници ја поседувале црквата „Св. Богородица“ во соседното Бурилчево.
Стопанство
мини|300п|десно|Стопански објект во селото
Атарот на селото зафаќа простор од 10,2 километри квадратни. На него преовладуваат пасиштата на површина од 509 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 422 хектари, додека на шумите само 5 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во него имало фабрички погон, земјоделска задруга и други услужни објекти.
Пред крајот на отоманскиот период, во селото имало мал чифлиг со 20 хектари земја. Негов сопственик бил некој Турчин од Скопје. Останатата земја на атарот отсекогаш била на мештаните.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кучичино живееле 350 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Кучичино имало 400 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р. 132-133.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.
Кучичино е средно по големина село, коешто во 1961 година броело 759 жители, а во 1994 година 610 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година, селото имало 546 жители, од кои 544 Македонци и 2 останати.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 319 жители, од кои 311 Македонци и 8 лица без податоци.
Родови
Кучичино е македонско православно село.
Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се: Староседелски родови: Барбутци (15 к.), Молчевци (7 к.), Дочови (7 к.), Мрзанци или Смиљанци (16 к.), Балтовци (10 к.), Перковци (7 к.), Уткарци (11 к.), Богданови (14 к.) и Карапаиџовци (6 к.), сите овие родови во селото се староседелски. Доселеници: Бојаџиеви (12 к.), доселени се во турско време од селото Бурилчево.
Иселеништво
Се знае за следниве иселени родови: родот Кучичанци (1 к.) се иселил во соседното Чешиново, а родот Каменарци (5 к.), се иселиле во соседното Бурилчево. Во периодот пред 1960 година се иселиле шест домаќинства: во Теранци (1 к.), во Штип (1 к., од родот Мрзанци) и во штипските села Доброшани (3 к., од родот Перкови) и Радање (1 к., од родот Дочеви).
Во поново време е забележано значителен пад на населението во селото.
Општествени установи
мини|300п|десно|Поглед на основното училиште во селото
Подрачното основно училиште „Климент Охридски“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Климент Охридски“ - Облешево Поранешна пошта Дом на културата
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Кучичино било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Чешиново-Облешево, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Облешево.
Во периодот 1962-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1962 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Облешево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Карбинци, во која покрај селото Кучичино, се наоѓале и селата Аргулица, Бурилчево, Караорман, Карбинци, Козјак, Припечани, Руљак, Таринци и Црвулево. Селото било дел од некогашната Општина Аргулица во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Аргулица, Бурилчево, Карбинци, Козјак, Кучичино, Припечани, Руљак и Црвулево.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0881 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 360 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 361 гласач.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Градиште — градиште од доцноантичко време; и Пресечник — населба од доцноантичко време.
Цркви Црква „Св. Архангел Михаил“ — главна селска и манастирска црква; и Црква „Св. Трифун“ — нова црква започната со изградба.
Манастири Кучичински манастир — нов манастир
Редовни настани
Слави Ѓурѓовден — главна селска слава.
Поврзано Општина Чешиново-Облешево Кочанска Котлина
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Кочански села Категорија:Села во Општина Чешиново-Облешево